1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филипче најавува резолуција и протести за мигрантите

10 декември 2025

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче најавува резолуција во Собранието и протести против примање мигранти од Велика Британија. Мицкоски категорично го отфрли планот.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче 13.02.2025
Филипче најавува резолуција во Собранието и протести на улицитеФотографија: Petr Stojanovski/DW

По онлајн петицијата, лидерот на СДСМ Венко Филипче најави резолуција во Собранието против примање мигранти од Велика Британија, а потоа и протести доколку иницијативата не помине кај пратениците. Петицијата деновиве се очекува да биде поднесена во парламентот.

Што следува ако резолуцијата не помине?

„Од Собранието ќе бараме да се изгласа резолуција за ова да го запреме. Ако не се прифати резолуцијата, еден од начините да се бориме е да повикаме на голем народен протест, заедно обединети да го спречиме носењето мигранти во Македонија“, изјави Филипче на прес-конференција во Скопје.

Toj потсети дека Албанија и Косово веќе прифатиле одбиени мигранти од Британија и Италија. „Ако Албанија и Косово се веќе вклучени, јасно е која би била третата земја во регионот што не е членка на ЕУ. Во овој момент – тоа е Македонија“, рече Филипче.

Мицкоски: Ако најдат и еден мигрант - трајно ја напуштам политиката

Според владејачката ВМРО-ДПМНЕ, опозицијата шири лажни вести, шпекулации и невистини.Премиерот Христијан Мицкоски е дециден дека додека е тој премиер, мигранти во Македонија нема да бидат примени. 

Тој при посетата на Општина Аеродром порача: „Оставам простор до пролет Венко Филипче и соработниците да бараат низ Македонија и да најдат мигрант којшто е дел од овој договор со Велика Британија. Ако најдат еден, јас трајно ја напуштам политиката. Во спротивно, ќе треба да ми се извинат на мене и на граѓаните што шират паника без потреба“, рече Мицкоски.

Онлајн петицијата на СДСМ добива поддршка

СДСМ веќе покрена онлајн петицијата за „одбрана на Македонија“, во која повикува на мобилизирање за зачувување на стабилноста, безбедноста и иднината на земјата. Филипче ги повика граѓаните да дадат поддршка. Досега петицијата ја потпишале 1.328 граѓани, а до целта се потребни уште 48.672 потписи. Петицијата ќе биде активна 30 дена.

СДСМ ја обвинува власта за тајни преговори и договори со Велика Британија за депортација на мигранти од островот во земјата. Веста деновиве ја објавија повеќе британски медиуми.

Премиерот Мицкоски ги отфрли шпекулациите дека во земјата ќе се градат кампови за мигранти и дека ќе се примаат мигранти од Велика Британија. „Додека сум јас премиер, нема да никне ниту еден шатор со илегални мигранти и нема да примаме ниту еден мигрант“, рече Мицкоски.

Но, според Филипче, тоа би можело да значи дека место шатори ќе има социјални станови за мигрантите. „Прочитани се, им ги знаеме сите чекори однапред“, додаде Филипче.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми