1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филипче во Атина се жалел на авторитарна влада во Македонија

11 јуни 2025

Кога мислевме дека од Заев нема полошо, Филипче е тука да нѐ демантира, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.

Венко Филипче СДСМ
Филипче: Моментално имаме десничарска авторитарна влада во нашата земја, која не сака да ја придвижи земјата напред - тоа е како со вакцината, ја добивме првата доза со НАТО, но не ја добивме втората дозаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Моментално имаме десничарска авторитарна Влада во нашата земја која не сака да ја придвижи земјата напред, тоа е како со вакцината, ја добивме првата доза со НАТО, но не ја добивме втората доза. Ова е дел од обраќањето на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на панел-дискусија за прогресивните сили, во рамки на Втората меѓународна конференција во Атина организирана од Институтот „Алексис Ципрас".

Пред четири дена Филипче имаше поинаков тон околу застојот во евроинтеграцискиот процес. Од средба со граѓани во Прилеп побара Бугарија јасно да каже дека нема да има барања на непринципиелна основа.

„Бугарите треба да направат навистина еден чекор, кога еден нивни сосед којшто има аспирации да стане земја членка во Европска Унија - да се однесуваат по европски. Ако ние стравуваме дека утре може да има некаква блокада на непринципиелна основа, на основа на јазикот, идентитетот и тaка натаму, нека покажат европско однесување и нека кажат дека нема да го има. Нека кажат - ние сакаме нашите соседи да се во Европа, еве ќе ви дадеме поддршка, не се грижете, нема да има такви барања. Е тоа е вистинска добрососедска политика, а не само да притискаш некого што е помал и послаб од тебе“, порача Филипче, додавајќи дека СДСМ лобира кај сестринските партии од ПЕС за поддршка на извештајот на Европскиот парламент (ЕП) за Македонија. 

Вчерашните наводи на Филипче во Атина коишто ги пренесе МИА, предизвикаа реакција од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„По стапките на Заев, Филипче од сред Грција ја кодоши и напаѓа Македонија. Кога мислевме дека од Заев нема полошо, Филипче е тука да нѐ демантира и да ни покаже зошто мора да се поразат овие квази политичари кои ја мразат сопствената држава и ги распродаваат националните интереси“, се вели во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека сето тоа се случува од Грција, од каде фирмата која му купила џип на Филипче купувала и јаглен, а тој со денови не одговара - ни зошто му купиле џип, ни како преку јагленот 9 милиони завршиле на сметка на фирма на Заеви во Бугарија.

Кога мислевме дека од Заев нема полошо, Филипче е тука да нѐ демантира, велат од ВМРО-ДПМНЕФотографија: Petr Stojanovski/DW

Договорот од Преспа - плод на лидерство и визија

Филипче вчера се осврнал и на Договорот од Преспа, посочувајќи го како пример кога две соседни земји самите можат да најдат решение:

„Важно за Договорот од Преспа е што е прв договор во последните декади постигнат меѓу две земји, а во минатото овие видови на проблеми беа решавани од други моќни сили, од други моќни земји и на други начини. Тоа е добар пример кога две соседни земји ќе можат да седнат заедно и ќе решат многу прашања (...) Договорот е важен пред сè затоа што покажува дека со конкретно лидерство и визија на лидери како што се Ципрас и Заев, можат многу работи да се решат. Договорот (...) овозможи Северна Македонија да стане членка на НАТО, но за жал не сме во ЕУ. Моментално имаме десничарска авторитарна влада во нашата земја, која не сака да ја придвижи земјата напред - тоа е како со вакцината, ја добивме првата доза со НАТО, но не ја добивме втората доза“, оценил Филипче.

Тој говорел за авторитарни режими во Европа и во светот, за кризата во демократијата, а ги презентирал и неговите видувања што треба да прават прогресивните сили за да постигнат успех.

„Треба да им се вратиме на нашите традиционални гласачи, а тоа се работниците. Треба да признаеме дека во изминатите изборни циклуси многу од работниците гласаа за радикална десница. Ова не е затоа што се радикални или фашисти. Ова е бидејќи се чувствуваат напуштени од нас, и ова е парадокс“, оценил Филипче.

Од каде се враќа кон работниците - од Дубаи?

Признанието дека се напуштени традиционалните гласачи – работниците, доаѓа во период кога власта го прозива Филипче за златна виза и бизниси во Дубаи, но и дека е сопственик и управител на компанија во Бугарија, како и во други соседни земји, кои засега не се конкретно посочени.

„Венко Филипче, управителот на бугарска фирма, а во слободно време претседател на СДС, да каже што точно работи со фирмата и кои се неговите интереси во Македонија и Бугарија, но и во други држави од соседството и во Персискиот залив“, побара владејачката партија. Прашањата се интезивираа по последното истражување на Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ), во кое се тврди дека со помош на мрежа од компании и посредници раководството на ЕСМ дозволило државата да купува поскап јаглен со цел компании и бизнис-моќници да се богатат врз грбот на граѓаните. Според ИРЛ, сето тоа завршило со 9 милиони евра за Вице Заев и со „ауди“ за Филипче.

Поранешниот македонски премиер Зоран Заев и поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас во Атина ја доделиле Преспа наградата за мир на режисерите на документарниот филм „No Other Land“, кој го прикажува уништувањето на палестинската заедница на окупираниот Западен Брег (архивска фотографија)Фотографија: Maja Zlatevska/AFP/Getty Images

Ова не е единствен случај во кој актуелниот претседател на СДСМ бил доведуван во врска со бизниси на семејството Заеви, покрај политичка блискост со Зоран Заев. Во повеќе пригоди Филипче посочувал дека со Заев делат исти вредности, кои пак не се однесуваат само на политиката. Филипче е вклучен и во работата на Фондацијата Заев - Едно општество за сите, каде како одговорен за делот на јавното здравство помага да се едуцираат млади лекари, да се купи опрема и материјали таму каде што има потреба и да им се помата на луѓето. 

И вчера во Атина биле заедно со Заев. На маргините на конференцијата, која годинава е посветена на демократијата и социјалната правда, поранешниот премиер и претседател на СДСМ, Зоран Заев и поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас ја доделиле Преспа наградата за мир на режисерите на документарниот филм „No Other Land“, кој го прикажува уништувањето на палестинската заедница на окупираниот Западен Брег. Чинот бил проследен со овации, аплаузи и скандирања „Слобода за Палестина". Лани, на првата конференција, наградата ја доби медијаторот на ОН во преговорите за името, Метју Нимиц.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми