1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДИК потврди 303 листи за градоначалници и 558 за советници

23 септември 2025

Во пресрет на локалните избори во октомври, Државната изборна комисија oтфрли пет листи за градоначалници во општините Бутел, Центар, Куманово, Аеродром и за Град Скопје.

Nordmazedonien: Verlosung der Wahlkandidaten in der Landeswahlkommission.
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Во пресрет на локалните избори во октомври, Државната изборна комисија информираше дека досега филтерот го поминале вкупно 303 кандидатски листи за градоначалници на општините и Градот Скопје, додека за членови на општинските совети и Советот на Град Скопје се потврдени 558 листи. 

Во општините Куманово, Аеродром, Карпош и за Град Скопје, продолжува проверката на листите поради отстранување на утврдени неправилности. Во тек е процес на корекција на осум листи за градоначалници и 20 листи за членови на советите.

Од досега доставените листи, отфрлени се пет за градоначалници и тоа во општините Бутел, Центар, Куманово, Аеродром и за Град Скопје. По завршување на процесот на потврдување на сите кандидатски листи, ќе следува ждрепка за утврдување на редоследот на кандидатите на единствената листа, закажана за 25 септември.

Нема зголемен број на независни кандидати

Времето покажа дека нема значително зголемување на бројот на пријавени кандидатури од независни листи, рече претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко, во интервју за „360 степени“ на МРТ.

Споредено со минатите локални избори во Македонија што се одржаа во 2021 година, разликата во бројот на поднесени листи е минимална. Во 2021 година имало 27 политички партии, 7 коалиции и 91 независна листа од група избирачи, а сега има 22 политички партии, 19 коалиции и 119 поднесени листи.

Изборите ќе чинат 10 милиони евра, a околу 800 илјади евра се планирани за печатење на избирачкиот материјалФотографија: MIA

„Има некое зголемување кај бројот на коалиции затоа што најголемите партии, на пример, СДСМ има четири различни коалиции, четири субјекти. Во ВМРО-ДПМНЕ има 11 различни коалиции, со различни партии настапуваат во различни општини и сето тоа се одразува на бројот на учесници како бројка на субјекти. Секоја коалиција е посебен субјект со посебен даночен број и трансакциска сметка“, рече Кондарко.

Вкупните бројки се многу слични со оние на минатите локални избори. Па така на пример, во 2021 година за градоначалник имало поднесено 297 листи, за советници 559. Сега, во 2025 година, биле поднесени 312 листи за градоначалници, а за советници - 575.

Околу 800 илјади евра за печатење на избирачкиот материјал

Државната изборна комисија (ДИК) и на овие избори ќе соработува со печатницата „Киро Дандаро“ од Битола за печатење на гласачките ливчиња.

Кондарко вели дека склучиле рамковна спогодба во висина од околу 48 милиони денари (околу 800 илјади евра) за „изработка и печатење на доверлив и недоверлив изборен материјал и избирачки список“. „Рамковната спогодба е до 48 милиони денари. Меѓутоа, тоа зависи од тоа во колку општини ќе има втор круг и во зависност од таквите трошоци, ќе се димензионира. Проектирано е како секаде да ќе има втор круг, но претпоставуваме дека тоа не е логично, така што, овие трошоци би биле нешто пониски од проектираното и би се движеле негде во рамките на минатите изборни циклуси, можеби и малку помалку од тоа“, вели Кондарко.

Изборите ќе чинат 10 милиони евра 

Вкупниот буџет на ДИК за претстојните избори е околу 10 милиони евра. Повеќе од две третини од овие пари се предвидени за платено политичко рекламирање, а помалку од една третина е за сите други изборни дејствија.

Локалните избори треба да се одржат на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември. Ќе се бираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје. Според бројот на учесници, изборната администрација, вклучувајќи ги и вработените во Државната изборна комисија (ДИК), локалните избори се најголеми и најмасовни. Карактеристично за овие избори е што дијаспората нема да може да гласа, а ако некој од македонските државјани сака да го искористи своето право тоа ќе може да го направи само доколку допатува во земјата.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми