1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаФинска

Финска: Крајна опција – пристап во НАТО без Шведска

ЖА / агенции
24 јануари 2023

Финскиот министер за надворешни работи Пека Хависто, со оглед на постојаните тензии, предлага пауза во разговорите со Турција околу приклучувањето на Финска и Шведска во НАТО.

Финскиот министер за надворешни работи Пека Хависто
Финскиот министер за надворешни работи Пека ХавистоФотографија: Andreea Alexandru/AP Photo/picture alliance

„Потребна е извесна пауза пред да се вратиме на трипартитните разговори, да констатираме каде сме кога ќе се слегне прашината на сегашната ситуација. Значи, засега да се воздржиме од донесување било какви заклучоци. Сметам дека ќе настане пауза од неколку недели“, изјави финскиот министер за надворешни работи Пека Хависто.

По драстичните закани на турскиот претседател Ердоган за блокирање на членството на Шведска во НАТО, Финска првпат најавува отвореност за разгледување на можноста од пристап кон Северноатлантската алијансабез својот долгогодишен партнер, ако на тоа би била принудена.

„Сепак, имајќи ја предвид безбедноста на двете земји, и натаму апсолутна прва опција е заеднички напредок. Но, мора да се биде спремен за наново вреднување на ситуацијата доколку се испостави дека шведското барање за прием во НАТО е закочено, а сега за тоа е рано", истакна Хависто за финското радио Уле.

Шефот на финската дипломатија на овој начин реагира по најновите тензии меѓу Шведска и НАТО-членката Турција. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера ја подгреа атмосферата со изјавата дека Шведска не може да очекува поддршка од неговата земја за влез во Северноатлантската алијанса. Причина е палењето на примерок на Коранот на демонстрација во близина на турската амбасада во Стокхолм од страна на еден десен екстремист на викендот. Во Турција по неколку месеци инаку треба да се одржат парламентарни и претседателски избори. 

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и шведскиот премиер Улф Кристерсон во ноември во АнкараФотографија: Burhan Ozbilici/AP/picture alliance

Хависто не гледа повод на своја рака да протежира приклучување на Финска кон НАТО без Шведска. Двете скандинавски земји, како последица на руската инвазија врз Украина, заеднички поднесоа барање за прием во НАТО. Но, за тоа е потребна согласност на сите 30 членки на безбедносниот сојуз, а Турција од почеток го блокира процесот, барајќи како услов меѓу другото, посебно од Шведска, испорачување на луѓе кои Анкара ги смета за терористи. Притоа станува збор за припадници на забранетата курдска Работничка партија ПКК и на движењето на свештеникот Фетулах Ѓулен, кого турската влада го обвинува за организирање на обидот за пуч во Турција во 2016 година. Шведска негира дека врши заштита на екстремисти.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг вчера ги отфрли заканите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за блокирање на пристапот на Шведска во НАТО поради горење на Коран во Стокхолм. „Слободата на мислење во Шведска и во сите земји на НАТО има висока вредност, а ваквите протести не се автоматски нелегални“, изјави Столтенберг, кој лично, како што истакна, горењето на Коранот како форма на протест го смета за несоодветно.

Турција досега покажува кооперативност во поглед на дебатата за проширување на НАТО, ратификувањето на протоколите за приклучување не смее да се сопне на последните метри, подвлече Столтенберг.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми