Индекс на среќа: Финска води, Македонија на 82 место
19 март 2026
Финска деветта година по ред се наоѓа на врвот на најновата ранг-листа за најсреќни земји во светот. На дното од листата повторно е Авганистан. Македонија се наоѓа на 82 место од вкупно 147 земји.
Косово, Словенија и Србија во топ 30
Од земјите во регионот, најдобро пласирано е Косово, кое се наоѓа на 16 место, следено од Словенија на 18-та позиција и Србија на 30-тото место. Босна и Херцеговина е 47-ма, Црна Гора 60-та, а зад Македонија се Бугарија (84), Грција (85) и Албанија (86).
Во светски рамки - Костарика бележи најголем напредок, искачувајќи се на 4 место благодарение на силните социјални и семејни врски. Германија е на 17.место, САД на 23-то, Кина е 65-та, а Иран е на 97.место.
Рангирање на најсреќните земји во 2026
Топ 10:
- Финска
- Исланд
- Данска
- Костарика
- Шведска
- Норвешка
- Холандија
- Израел
- Луксембург
- Швајцарија
Најнесреќни земји:
147. Авганистан
146. Сиера Леоне
145. Малави
144. Зимбабве
143. Боцвана
Како се мери среќата?
Извештајот се објавува секоја година околу Меѓународниот ден на среќата на ОН и рангира над 140 земји според тоа како граѓаните го оценуваат својот живот. Податоците се базирани главно на светската анкета на Галуп, а во анализата влегуваат фактори како:социјална поддршка, очекуван здрав животен век, слобода на избор, дарежливост и перцепција на корупција
Извештајот го изработуваат Истражувачкиот центар за благосостојба при Универзитетот Оксфорд, Галуп и Обединетите нации.
Студијата се темели на анкети спроведени кај околу 100.000 луѓе од 140 земји. Според податоците, задоволството од животот кај младите под 25 години во САД, Канада, Австралија и Нов Зеланд значително опаднало во изминатата деценија.
Извештајот истакнува дека прекумерната употреба на социјалните мрежи е поврзана со намалена благосостојба, особено кај тинејџерките во англиското говорно подрачје и Западна Европа.