Фискалниот совет за пензиите: ниедна реформа не е безболна
5 октомври 2026
Пензискиот систем ја разгоре дебатата во општеството. Фискалниот совет на Република Северна Македонија на денешната (05.10.26) презентација на анализата за оваа сфера предупреди дека пензискиот систем е под притисок и дека кусокот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување каде спаѓаат пензиите, трошоците за Вториот столб и придонесите за здравство достигнал 54,4 милијарди денари или 5,2 отсто од брутодомашниот производ (БДП). Од таму предложија и мерки за реформа.
„Ниедна реформа не е безболна, но колку повеќе ја одложуваме цената ќе биде поголема. Без реформа, дефицитот до 2030 година ќе порасне на 6,3 отсто од БДП, а до 2037 - 6,6 отсто", предупреди директорката на Finance Think, Благица Петрески.
Сумирано, во анализата што ја претстави Петрески, препораките се зголемување на придонесите за вработените кои сега изнесуваат 18,8 отсто на 20 отсто, зголемување на старосната граница за пензионирање за една година, доброволно останување на работа што подолго, повисока минимална пензија наместо, како што беше потенцирано, ад-хок зголемувања, и напуштање на праксата на дискрециони одлуки како што беше линеарното зголемување на пензиите, кое според нив ја продлабочила финансиската криза во пензискиот систем.
Претседателот на Фискалниот совет, академик Абдулменаф Беџети, побара внимателност во препораките, затоа што тие ќе имаат, рече, долгорочни ефекти, а политичарите, како што нагласи, работите ги гледаат на краток рок. „Потребни се комбинирани, наместо поединечни мерки“, порача тој.
Се ниша ли Вториот столб?
Во однос на Вториот пензиски столб, од каде се очекува дека ќе биде низок приносот за пензионерите, Беџети посочи дека осигурителните друштва кои управувале со парите од тој столб, тоа го правеле „многу конзервативно“. Препораката на научната фела што ја изнесе тој е да се направи разлика меѓу возраста на осигурениците.
„За осигурениците со 10-15 години стаж, две третини од нивните пари да бидат вложени во поризични инвестиции, но кои ќе носат поголема добивка, на пример во пазарот на капитал. Затоа што ќе имаме пред нас 25-30 години додека тие се пензионираат. За тие со стаж од 15-30 години пристапот да биде балансиран меѓу инвестициите и ризикот во однос 50-50, а за тие што се на 10 години до пензионирање да остане конзервативното управување со нивните пари односно без ризични инвестиции“, рече академик Беџети.
Професорката Петрески, потенцирајќи дека тоа е само лично нејзино мислење, предупреди Вториот столб да не се чепка. „Сметам дека играта со Вториот столб може да стане многу опасна игра. Потенцијално враќање во ПИОМ ќе даде фискална релаксација, но само ќе го одложиме проблемот“, рече таа.
Главниот збор ќе го има политиката која треба да го направи изборот на мерките за консолидирање на пензискиот систем. Директорот на Фондот за Пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), Никола Мемов ја дополни анализата со податок дека дефицитот во 2026 е зголемен за 10 милијарди денари во однос на 2025 година и изнесува 64 милијарди денари.
„Тоа значи дека за исплата на пензии недостасуваат 500 милиони евра, 220 милиони за здравствено осигурување на пензионерите и над 300 милиони евра за Вториот столб“, вели Мемов.
Ќе се менува пресметката на пензиите
Директорот Мемов откри дека работат на промена на методологијата на исплата на пензиите. „Сега се пресметуваат според просечната плата и годините на стаж, но и не според вкупниот придонес што го дава осигуреникот. Тоа го стимулира дефицитот затоа што вработените со големи плати кога ќе го достигнат нивото за пензија од 60 или максималната 85 илјади денари, престануваат да уплаќаат придонеси“, реагира Мемов.
„Имаме случаи на граѓани кои примаат месечно плата и до 10 милиони денари, а плаќаат придонеси само на еден милион денари. Тоа мора да се смени“, истакна Мемов.
Тој вели и дека придонесите во износ од 18,8 проценти се недоволни за еден вработен да си ја плати својата пензија. „Оваа стапка на придонес, треба да расте, но постепено“, предложи директорот на Фондот за ПИОМ. Мемов бара и да се смени регулативата за повластените пензионери со минимална и максимална пензија, земјоделците кои имаат право на пензија и професиите со бенифициран стаж (полиција, војска и свештени лица) со кои рано се заминува во пензија. „Сите овие бенефиции го чинат Фондот над 100 милиони евра годишно“, објасни тој.
Политичарите се плашат од реформи
За Вториот столб првиот човек на ПИОМ предлага зголемување, како што рече, на акциското портфолио. „Треба да имаме скалесто преземен ризик за инвестирањето на тие средства. Приносите што ги имаат пензиските друштва не се доволни да обезбедат средства за повисоки пензии“, вели Мемов и додаде дека треба да се направат измени за пензиските друштва да можат да инвестираат послободно.
Во врска со шпекулациите дека државата ќе го „проголта“ Вториот пензиски столб во обид да го спаси ПИОМ, беше речено дека тоа е неостварливо сценарио бидејќи со средствата што осигурениците ги префрлиле во Вториот столб управуваат пензиски друштва и државата нема пристап до тие пари, туку само врши контрола над управувањето со нив.
Каква реформа ќе претстои сѐ уште е неизвесно, затоа што, според изнесените мислења, има и политички калкулации. „Политичарите се плашат да прават реформа затоа што тоа си има своја цена. Тие не прават мерки кои се непријатни и непопуларни“, коментира академик Беџети. „Ние и пред две години дадовме слични мерки, но за жал беа остро одбиени и еве, и по две години, тие препораки остануваат исти“, вели Беџети.