1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаБлиски Исток

Флотила со хуманитарна помош за Газа запрена од Израел

Тагесшау | ЕМФ
2 октомври 2025

Израел ја запре флотилата од над 40 бродови кои беа на пат за Појасот Газа со намера да достават хуманитарна помош во крајбрежниот појас. Според Израел, станува збор за провокација.

Скриншот од видео ги прикажува членовите на екипажот како седат во круг на бродот „Алма“, дел од Глобалната флотила Сумуд, кој што се движел кон Појасот Газа
Глобалната флотила Сумуд на пат кон ГазаФотографија: Global Sumud Flotilla/REUTERS

Израелската морнарица во Медитеранот запре приватна флотила од бродови што превезуваа хуманитарна помош за Појасот Газа. „Глобалната флотила Сумуд беше запрена од израелските поморски сили“, објави организацијата спонзор на својот Телеграм-канал. Некои бродови беа безбедно пресретнати, а нивните патници беа донесени во израелско пристаниште, објави израелското Министерство за надворешни работи на платформата X.

Меѓу повеќето стотици учесници во флотилата од над 40 бродови и едрилици беше и шведската активистка Грета Тунберг. „Грета и нејзините пријатели се безбедни и здрави“, се вели во соопштението.

Активистите претходно на Инстаграм напишаа дека војниците се качиле на првите бродови. Еден брод бил удрен, објави Глобалната флотила Сумуд. Врз другите бродови бил пукано со водни топови. Сепак, никој не бил повреден.

Израелската понуда била одбиена

Израелското Министерство за надворешни работи на платформата Х објави дека израелската морнарица побарала од флотилата да го промени курсот. Тие би можеле да ја истоварат својата помош во пристаништата надвор од Појасот Газа и таа потоа би била транспортирана понатаму до палестинското крајбрежно подрачје. Екипажите биле информирани дека се приближуваат кон активна борбена зона.

Активистката Грета Тунберг на брод од Глобалната флотила Сумуд Фотографија: Stefanos Rapanis/REUTERS

„Флотилата одби бидејќи не е заинтересирана за обезбедување помош, туку за провокација“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.

Снимките во живо од камерите на некои бродови покажаа активисти во спасувачки елеци како очигледно чекаат израелските маринци да се качат на нивните бродови.

Портпаролот на флотилата, Тијаго Авила, го оправда одбивањето на понудата за доставување помош преку Израел со тоа дека хуманитарната помош не треба да се остава на окупаторската сила во Појасот Газа. Палестинците во Појасот Газа, вели тој, имаат право да ги контролираат сопствените граници. „Затоа, ние не ве признаваме како легитимен актер за доставување хуманитарна помош на палестинскиот народ во Појасот Газа“, му порача тој на Израел преку платформата X. Според него, поморската блокада што Израел ја одржува во крајбрежното подрачје претставува кршење на меѓународното право.

Пропалестинската флотила, според сопствени наводи,  во моментот на нејзиното запирање била приближена на 70 до 80 наутички милји (околу 130 до 150 километри) од Појасот Газа. Таа исплови од Барселона кон крајот на август. Нејзините членови, според нивните сопствени изјави, имале намера да достават помош до населението на Појасот Газа, кој со години е блокиран од Израел и Египет. Тие, исто така, со акцијата сакале да изразат протест против воените акции на Израел во крајбрежниот појас.

Пропалестинската флотила, според сопствени наводи, во моментот на нејзиното запирање била приближена на 70 до 80 наутички милји (околу 130 до 150 километри) од Појасот ГазаФотографија: Stefanos Rapanis/REUTERS

Протести во повеќе земји

По запирањето на флотилата за Газа, имаше протести во Италија. Демонстрантите се собраа пред главната железничка станица во Рим во вечерните часови. Според властите, влезовите на станицата биле затворени како мерка на претпазливост. Најголемиот синдикат во земјата повика на генерален штрајк во петок (3.10) во знак на солидарност со флотилата.

Весникот „Ла Република“ објави дека група демонстранти се упатиле кон официјалната резиденција на премиерката Џорџа Мелони. Тие ја обвинуваат нејзината десничарска влада дека не покажала солидарност со активистите на флотилата за Газа. Некои демонстранти скандираа дека Мелони има крв на рацете.

Протести имаше и во Берлин. Во главниот град на Германија се собраа околу 300 луѓе кои протестираа против запирањето на флотилата. Според полицијата, некои демонстранти фрлале шишиња кон полицајците за време на собирот пред главната железничка станица и скандирале забранети пароли. Неколку лица биле уапсени.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми