1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фолксваген укинува 35.000 работни места, погоните остануваат

ЖА
21 декември 2024

Концернот Фолксваген и синдикатот постигнаа договор во спорот за колективни договори. До 2030 година треба да бидат укинати 35.000 работни места, но погоните не се затвораат. Работниците се откажаа од зголемување плати.

Фолксваген колективни договори
Фолксваген до 2030 година ќе укине 35.000 работни местаФотографија: Jens Schlueter/AFP via Getty Images

По повеќедневни тешки преговори, Фолксваген и синдикатот ИГ Метал постигнаа компромис во спорот околу колективните договори. Компанијата сака да укине повеќе од 35.000 работни места во Германија до 2030 година. Фирмата во Берлин соопшти дека намалувањето треба да се изврши на социјално одговорен начин. „Имавме три приоритети во преговорите: намалување на вишокот капацитети на германските локации, намалување на трошоците за работна сила и намалување на трошоците за развој на конкурентно ниво. Постигнавме остварливи решенија за сите три прашања“, вели Томас Шефер од Фолксваген.

Избегнато непосредно затворање на фабриките

Како што објасни во петокот вечерта ИГ Метал во Хановер, спречено е непосредно затворање на фабриките на Фолксваген, а оперативните отпуштања се исклучени до крајот на 2030 година. Клаузулата за сигурноста на работното место што постои веќе три децении, а што компанијата ја откажа во септември, ќе биде вратена и сега ќе се применува до 2030 година.

Повеќедневни тешки преговори меѓу раководството на Фолксваген и синдикатот ИГ Метал Фотографија: Moritz Frankenberg/dpa/picture alliance

Истовремено, во две фабрики долгорочно треба да се прекине производството онака како што во моментов се одвива: според компромисот, производството на возила во Дрезден ќе заврши на крајот на следната година. За периодот од 2026 година натаму „ќе се развие алтернативен севкупен концепт“. Ова ја вклучува и „можноста Фолксваген АГ да учествува во концепт на трета страна“,се вели од Фолксваген.

Производството во Оснабрик е планирано да заврши кон крајот на летото 2027 година и треба да се развие „идна перспектива за локацијата“ за периодот потоа.

Вработените се откажуваат од зголемување на платите

Во замена за ветувањата на компанијата, вработените ќе се откажат од директното зголемување на платите до 2030 година, а ќе се намалат и бонусите. Според главниот преговарач на ИГ Метал, Торстен Грогер, договорениот пакет „ вклучува болни отстапки од вработените, но во исто време создава перспективи за работната сила на Фолксваген."

Шефицата на Работничкиот совет Даниела Кавало изјави дека во најтешките сегашни економски услови е изборено во основа солидно решение. „Иако постојат отстапки за колективно договарање надвор од месечните примања, како контратежа стои солидарното зачувување на сите локации, вклучително и идните перспективи, новата сигурност за вработување до крајот на 2030 година и, последно, но не и најмалку важно, тоа што Управниот одбор сега мора да е уверен дека промените во Фолксваген против волјата на работниците ќе бидат осудени на пропаст."

Како што компанијата дополнително објави во Берлин, техничкиот капацитет на погоните треба трајно да се намали за 734.000 единици. Со договорот среднорочно се заштедуваат повеќе од 15 милијарди евра годишно, само намалувањето на трошоците за работна сила би изнесувало 1,5 милијарди евра годишно, објасни концернот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми