1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фолксваген повлекува милиони возила-проблеми со управувањето

25 септември 2026

Фолксваген се соочува со најголемото повлекување на возила по дизел-скандалот. Над 4 милиони автомобили од групацијата Фолксваген ќе бидат проверени поради можен проблем со управувањето.

Deutschland Wolfsburg 2026 | Außenansicht des VW-Stammwerks
Фотографија: Moritz Frankenberg/dpa/picture alliance

Фолксваген, Ауди и Сеат мора да повлечат околу еден милион автомобили во сервисите само во  Германија. Причината се можни проблеми со управувачкиот систем кај повеќе модели.

Според германската Сојузна управа за моторни возила( КБА), околу еден милион возила на Фолксваген и неговата подружница Ауди во Германија би можеле да имаат технички проблем.

Од податоците на институцијата произлегува дека поради можно кинење на завртка може да дојде до откажување на управувањето. За отстранување на проблемот, спојната завртка на управувачкиот механизам треба да биде заменета со завртка отпорна на корозија, соопшти КБА.

Најголемо повлекување по дизел-скандалот

Фолксваген очигледно се соочува  со најголемото повлекување на возила од дизел-скандалот пред повеќе од една деценија.

Од можните проблеми со управувањето се погодени и возила од марките Шкода и Сеат, објави во понеделникот весникот „Ханделсблат“, без да наведе извори. Само кај Шкода станува збор за повеќе од еден милион автомобили на глобално ниво, додека кај Сеат се работи за околу 200.000 возила.

Со тоа, повлекувањето пријавено до Сојузната управа за моторни возила опфаќа повеќе од четири милиони автомобили на концернот Фолксваген низ неговите различни марки.

Засегнати се Тигуан, Туран, Голф, Кади и Ауди Q3

Според податоците на КБА, речиси 2,16 милиони возила на Фолксваген, Ауди и Сеат од моделите Тигуан, Туран, Голф и Кади ширум светот ќе треба да бидат повикани во сервисите.

На тоа се додаваат и речиси 700.000 примероци од моделот Ауди Q3.

Портпарол на  групацијата Фолксваген  изјави дека при одредени влијанија од околината и по долгогодишна употреба во услови на изложеност на сол за одмрзнување на патиштата може да се појави корозија на една од завртките што го прицврстуваат управувачкиот механизам.

Во поединечни случаи, тоа може да влијае врз прицврстувањето на управувачот, а со тоа и врз неговата функција.

(Извор: Ројтерс, дпа)

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми