Фон дер Лајен во Скопје: Меѓу креативноста и реалноста
16 октомври 2025
Претседателката на Европската комисија, во рамките на нејзината куса посета на Македонија,во рамките на турнејата низ Западен Балкан, во Скопје беше пречекана со очекувања за „креативни предлози и решенија“ и „испорака од ЕУ“ со цел „зачувување на образот и достоинството на патот кон Унијата“. Таа пак, преку куса објава на мрежата Х ја префрли топката од европскиот терен во рацете на домашните играчи.
„Вашиот следен и единствен чекор пред отворањето на преговорите е јасен, а тоа е да ги направите уставните измени. Топката е во Вашиот двор. ЕУ е подготвена“, напиша кусо Фон дер Лајен. Таа додава дека ЕУ „целосно стои зад Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ.
„Може да сметате на нас“, вели Фон дер Лајен, по средбата во средата (15.10) во Владата со премиерот Христијан Мицкоски.
Креативни решенија и одлуки
ПретседателкатаГордана Сиљановска Давкова, пред средбата со претседателката на ЕК, рече дека очекува од неа креативни предлози и решенија за носењето одлуки во ЕУ при прием на нови членки, по нејзината храбра изјава дека треба да се предизвика или да се урне штитот на консензусот во процесот на евроинтеграциите.
По средбата, од кабинетот на претседателката информираа дека посетата била „ охрабрувачка и поттикнувачка за европската реинтеграција на регионот“.
Урсула фон дер Лајен пак, разговорот го започнала со изразување отворен интерес на ЕУ за Западниот Балкан, заради неговата природна европска припадност во географска, историска и културна смисла, но и заради тектонските промени на меѓународниот поредок и зголемените светски и европски безбедносни закани. Таа ја нагласила јасната волја кај сите 27 земји, членки на ЕУ за забрзано реинтегрирање на Балканот и го поздрави значајниот прогрес постигнат во рамките на Планот за раст, потенцирајќи дека земјава заслужува да оди напред.
Македонската претседателка, пак, ја реафирмирала посветеноста кон исполнувањето на стратешката цел – полноправно членство во ЕУ. Таа изразила подготвеност за македонско-бугарски разговори по завршувањето на локалните избори.
Во чиј двор е топката?
Премиерот Христијан Мицкоски во пресрет на посетата ги соопшти своите очекувања - реафирмирање на позицијата дека стратешка цел на земјата останува полноправното членство во ЕУ, при што се надева дека во тој процес ќе има испорака и од страна на Унијата.
„Некако изминативе 25 години како полека да го изгубивме образот, чекорејќи по тој пат, како малку да остана од тоа достоинство и од тој образ чекорејќи кон тој пат. Се надевам дека ќе има испорака и од страна на ЕУ, за барем малку да го зачуваме образот пред да влеземе, затоа што со изгубен образ и достоинство ниту на нив нема да им вршиме работа, а оваа влада нема намера повеќе да губи од достоинството и образот“, рече Мицкоски.
Претседателката на ЕК во Македонија дојде во екот на изборната кампања за локалните избори во недела (19 октомври).
Мицкоски вели дека посетата на претседателката на Европската комисија претставува потврда на отворениот дијалог и заемната подготвеност за продлабочување на партнерството, во интерес на стабилноста, економскиот развој и европската иднина на земјата.
„Владата е решена да ја забрза евроинтеграцијата на државата преку конкретни резултати и исполнување на европските стандарди“, објави Мицкоски на социјалните мрежи, пренесувајќи дел од разговорите во Владата.
Во торбата полна со очекувања, Фон дер Лајен, меѓу другото во Скопје донесе ветување за отворање фабрика за вештачка интелигенција, со што домашните компании ќе се поврзат со европските фабрики за вештачка интелигенција.
Претседателката на ЕК смета дека Македонија се приближува кон ЕУ и преку неколку чекори коишто беа спроведени во изминатиот период - вклучувањето на Македонија во Единствената платежна зона на Европа, како и тоа што земјата добива 16 милиони евра, благодарение на направените реформи.
Но, Мицкоски е дециден - тој очекува од Европската Унија јасна и конкретна посветеност, како потврда на европската перспектива и поддршка за граѓаните кои со децении остануваат посветени на европските вредности.