1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фонтаните како спас во горештините

Хелен Витл
19 август 2022

Германската влада планира да го зголеми бројот на фонтани ширум земјата. Зашто, не само што на тој начин луѓето можат попатно да ја згаснат жедта, туку тоа има и предности за животната средина.

Берлин предводи со 201 јавна фонтана со вода за пиење
Берлин предводи со 201 јавна фонтана со вода за пиењеФотографија: Petra Schneider/IMAGO

Во застрашувачките попладневни горештини, минувачите во центарот на Берлин се задржуваат на јавната фонтана пред трговскиот центар Гезундбрунен. Таму полнат пластични шишиња, ги прскаат лицата или влажнат марамчиња.

На пат кон жешката станица на метрото, 55-годишната Уве, со вцрвенето лице, се наведнува да се напие голтка вода: „Добро е што ќе има уште фонтани, оваа топлина е неподнослива. И ќе биде уште полошо…“

На 10 август, германската влада го одобри предлог законот за поставување на повеќе јавни чешми за вода за пиење во германските градови и општини. Доколку Бундестагот го усвои законот, локалните власти ќе бидат обврзани да обезбедат пристап до бесплатна вода за пиење на јавни места.

„Последните лета, суви и топли, ни покажаа дека долгите топлотни бранови веќе не се ретка појава во Германија“, вели министерката за животна средина Штефи Лемке.

Германската вода за пиење е со одличен квалитет

„Во Германија водата од чешма е со одличен квалитет и штета е што луѓето купуваат толку многу флаширана вода. После ги фрлаат шишињата, па се создава многу отпад“, вели за ДВ Џулијан Фишер од невладината организација „А Тип: Тап“. Тие организираат кампањи за поголем пристап до вода од чешма за да се намали употребата на пластични шишиња. Тука спаѓа и иницијативата за полнење шишиња - граѓаните можат бесплатно да ги полнат шишињата од чешмите во продавниците, кафулињата и аптеките кои учествуваат во кампањата.

Јавната фонтана пред трговскиот центар ГезундбруненФотографија: Helen Whittle/DW

Организацијата за заштита на животната средина „Дојче умвелтхилфе“ проценува дека во Германија се користат околу два милиони пластични шишиња за еднократна употреба на час - тоа е повеќе од 47 милиони дневно или 17,4 милијарди годишно.

Вода од меури

00:53

This browser does not support the video element.

Според Министерството за заштита на животната средина, во моментов има околу 1.300 јавни фонтани низ Германија. Планот на Владата е да постави уште околу илјада, иако сѐ уште не е утврден точниот број или локација.

Берлин предводи

Во 2018 година, владата на покраината Берлин (тогаш составена од СПД, Зелените и Левица) стана членка на меѓународната асоцијација „Сината заедница“. Основано во Канада, движењето сега е глобално и се обидува да ја запре приватизацијата на водата и да го промовира пристапот до вода како основно човеково право.

Во Берлин моментално има 201 јавна фонтана за вода за пиење, а во наредните денови треба да бидат отворени две нови.

„Ние во Берлин сме напредни“, вели Штефан Нац, портпарол на најголемото претпријатие за водостопанство во Германија, „Берлинер васербетрибе“ (БВБ), која снабдува со вода 3,8 милиони луѓе во главниот град. БВБ е одговорна за поставување и одржување на јавните фонтани во Берлин, кои работат од април до октомври. Има и месечни лабораториски тестови за следење на квалитетот на водата.

Во Германија секојдневно се купуваат милиони пластични шишиња со вода за пиењеФотографија: Katja Raiher/DW

„Дизајнот на фонтаните е таков што обезбедува хигиенска употреба. Нема контакт помеѓу водата и славината која постојано исфрла вода, што значи дека млазот на водата останува ладен за да се спречи ширењето на бактериите“, објаснува Нац. „Има луѓе кои ги креваат кучињата да се напијат од фонтаната, а вчера локалните вести снимија чавка како пие вода. Дури видов цели роеви пчели кои пијат вода од фонтаната!“

Покрај гаснењето на жедта на птиците и пчелите, БВБ бара и начини да ја пренасочи неискористената вода од фонтаните за наводнување на околните паркови и други зелени површини. „Треба да има поголема свест за вредноста на водата. Во Берлин врне многу малку дожд и тој станува сѐ поредок“, вели Јохен Рабе, генерален директор на непрофитната организација „Компетенццентрум Васер Берлин“ (КВБ), која промовира наука, истражување и развој во областа на урбаното водостопанство.

Фонтаните се дел од грижата за јавното здравје

Иако клучно во врска со јавните фонтани е да се помогне да се избегне употребата на пластични шишиња, тие делумно помагаат и за проблеми со јавното здравје во Германија, со нејзините сè пожешки урбани центри и стареење на населението.

„Дали има доволно јавни чешми? Не. Во урбанистичкото планирање зборуваме за 5, 10 или 15 минути. Навистина е жешко кога ќе зафати топлотен бран. Треба да имате чешма или барем пристап до бесплатна вода во рок од максимум десет минути пешачење, особено кога имате работа со постари и ранливи луѓе кои можат брзо да дехидрираат“.

#dw_BalkanBooster: Купувате ли вода?

02:25

This browser does not support the video element.

Покрај поставувањето на повеќе фонтани, Рабе вели дека на јавноста треба да ѝ се обезбедат лесно достапни информации за тоа каде е најблиската фонтана. Проектот „А Тип: Тап“ веќе работи на ова: „Штотуку започнавме кампања за ставање на сите фонтани со вода за пиење во Германија на OpenStreetMap“, вели Џулијан Фишер.

Во Германија, земја позната по тоа дека каска во делот на дигитализација, моментално нема апликација која ќе им помогне на корисниците да ја најдат најблиската фонтана за вода, иако БВБ Берлин има мапа на својата веб-страница.

- повеќе: Ни снемува ли чиста вода?

Друг проблем, вели Фишер, е недостатокот на пристап до чешми за вода за луѓето во инвалидски колички. Повеќето фонтани во Берлин се направени од сино леано железо, таканаречените Кајзер-фонтани, именувани по Зигфрид Кајзер, архитектот кој ги дизајнирал во 1985 година, и минималистички алуминиумски т.н. Боч-фонтани, дизајнирани од Маркус Боч.

Од 201 фонтана во Берлин, само поновите бетонски Битума-фонтани се достапни за инвалидски колички - 26 се во функција, а уште 50 се нарачани.

Кајзер-фонтана во паркот Фенфул во Лихтенберг, БерлинФотографија: Helen Whittle/DW

Долг пат на трансформација од шише до чешма

„Пристапот до вода за пиење мора да биде што е можно полесен за секого во Германија“, изјави министерката Лемке кога објави дека владата го усвоила новиот предлог-закон.

Џулијан Фишер верува дека ова значи оти треба да има пристап до најмалку една фонтана на секои 1.000 жители, или да има околу 83.000 чешми низ целата земја: „Не е толку лесно да се трансформира цело општество, тоа да се одврати од флаширана вода и да се премине на фонтани. Ние сме во средината на тој процес и тешко е ако не постои закон“.

„Во Франција, на пример, рестораните се обврзани на клиентите да им понудат бесплатна вода од чешма. Тешко е ако нема закон. Очигледно е дека тоа е чекор во вистинска насока, но за имплементацијата ќе биде потребно време“, вели Џулијан Фишер за ДВ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми