1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОпштествоФранција

Франција го внесе правото на абортус во Уставот

ЕМФ
5 март 2024

Историска одлука во Франција - пратениците во двата дома на парламентот се изјаснија за внесување на правото на абортус во Уставот. На Ајфеловата кула беше проектирано: „Мое тело, моја одлука“.

Пораката „Мое тело, моја одлука“ на Ајфеловата кула во Париз
Пораката „Мое тело, моја одлука“ на Ајфеловата кула во ПаризФотографија: Mohamad Salaheldin Abdelg Alsayed/Anadolu/picture alliance

Франција е прва земја во светот која го внесе правото на абортус во Уставот. Пратениците во двата дома на францускиот парламент со големо мнозинство гласови дадоа зелено светло за проектот на претседателот Емануел Макрон. За внесување на правото на абортус во Уставот гласаа 780 пратеници. Само 72-ца беа против. На крајот, присутните пратеници и сенатори аплаудираа стоејќи. Повеќе говорници го означија гласањето како историско.

Атал: „Вашето тело ви припаѓа вам“

„Ние имаме морална должност кон жените“, рече премиерот Габриел Атал, мислејќи на жените кои страдале или умреле за време на извршување на тајни абортуси. „Испраќаме порака до сите жени: вашето тело ви припаѓа вам и никој не може да одлучи наместо вас.“

Претседателот Макрон на онлајн платформата Х напиша: „Гордоста на Франција. Универзална порака.“ На плоштадот Трокадеро, наспроти Ајфеловата кула, каде голем број луѓе ја следеа дебатата, резултатот од гласањето беше проследен со славје. На Ајфеловата кула беа проектирани „Mon Cops Mon Choix" и „My Body My Choice" (Мое тело, моја одлука).

Двата дома на парламентот, Националното собрание и Сенатот, веќе го одобрија законот поединечно. Членот 34 од Уставот ја утврдува „загарантираната слобода на жената да абортира“.

Мнозинството Французи беа „за“

Според анкетите, 86 отсто од Французите ја поддржуваат целосната либерализација на абортусот. Но, имаше и протест против тоа: за време на гласањето, неколку стотици противници на абортусот се собраа во близина на Конгресот во Версај за да протестираат против уставните промени.

Католичката црква, исто така, стави јасно до знаење дека продолжува да ги отфрла абортусите. Според телевизијата БФМТВ, Папската академија за живот соопшти: „Во ерата на универзалните човекови права, не може да има ’право’ да се уништи човечки живот.“

Уницијативата за уставни промени во Франција беше резултат на една политичка одлука од другата страна на Атлантикот. Во летото 2022 година, Врховниот суд во САД ја поништи пресудата „Роу против Вејд“ од 1973 година, а со тоа и националното право на абортус. Тоа доведе до жестоки јавни дебати во Франција и го поттикна политичкиот процес за впишување на правото на абортус во Уставот. Во Франција абортусите до десеттата недела од бременоста се неказниви уште од 1975 година. Бремените жени во Франција сега можат да абортираат до 14-та недела, а трошоците ги покрива здравственото осигурување.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми