Камионџии штрајкуваат со глад во Германија
23 септември 2023Камионџиите од Грузија и Узбекистан кои поради неисплатени плати од страна на полски шпедитер повеќе од два месеца протестираат во Грефенхаузен, Германија, стапија во штрајк со глад. Со тоа, 30-те камионџии сакаат да го стават под притисок шпедитерот во Полска од кого добиваат налози за работа.
Штрајкот со глад почна во вторникот (19.09). Тој ги стави во фокус проблемите со работните односи во меѓународниот транспорт на стоки. Повеќето од возачите кои штрајкуваат, според сопствени наводи, не добиле плата со месеци. Преговори во моментов нема, а полскиот шпедитер поднесе криивчна пријава во Дармштат поради уцена. На прашања од медиумите компанијата не реагира.
Според синдикалниот претставник Едвин Атема, кој возачите го избраа за посредник во конфликтот, штрајкувачите се „очајни“. Голем број од нив се задолжиле за воопшто да можат да почнат да работат. Возачите се надевале дека со налози за транспорт во западна Европа ќе заработуваат повеќе и ќе им овозможат подобар живот на семејствата.