Разладување на виенски начин
24 август 2023И жителите на главниот град на Австрија деновиве ги мачат големите горештини,како и речиси низ цела Европа.За заштита од жештините, градот разви посебен концепт. Дел од него е и разладување со поминување низ вакви завеси од ситни капки вода кои се инсталирани среде Виена и пред железничката станица Пратерштерн.
Светот шокиран од убиствените екстремни временски прилики
Германија, Канада, Кина - драматичните слики кои се последица на екстремното време доминираат во последните недели. Дали за тоа е одговорна климатската криза?
Поројни дождови и поплави во Европа
Досега невидените поплави предизвикани од дводневни обилни врнежи дожд, колку што обично паѓаат во два месеци, во Германија и Белгија однесоа најмалку 209 човечки животи. Реките во средината на јули се претворија во надојдени буици и уништија села и објекти стари со векови. Обновата на куќите, фирмите и инфраструктурата, според проценките, ќе чини повеќе милијарди евра.
Екстремно поројни дождови
И делови од Индија и од Кина се погодени од рекордни поплави, дојде до излевање на акумулации и одводни канали. Научниците предвидоа дека промената на климата ќе доведе до зачестени и пообилни врнежи од дожд - загреаниот и потопол воздух апсорбира повеќе вода, што води до повеќе дождови.
Поплави во централна Кина
Повеќедневните непрекинати дождови на крајот на јули предизвикаа катастрофални поплави во централнокинеската провинција Хенан. Повеќе луѓе ги загубија животите, стотици илјади мораа да ги напуштат домовите. Во провинцијата Женгџоу бројни патници останаа заглавени во метрото поплавено од водата. Областите во провинцијата се уште потешко погодени.
Рекордни жештини во САД и во Канада
Неподносливата горештина е сѐ почеста, како на крајот на јули во американските сојузни држави Вашингтон, Орегон и канадската провинција Британска Колумбија. Врелиот воздух „заробен“ под антициклонски фронт доведе до екстремно време и стотици смртни случаи. Во селото Литон беше измерена рекордна температура од 49,6 степени Целзиусови, а во следниот ден селото до темели настрада во пожар.
Шумските пожари доведуваат до невреме
Бранот жештина можеби е на заминување, но сушата поттикнува шумски пожари. Огнената стихија во Орегон е толкава што самата предизвикува невреме, а чадот се разнесува дури до Њујорк. Неодамна објавена студија тврди дека ваквите временски услови би „биле практично невозможни“ да не се климатските промени предизвикани од човекот.
Дали Амазонската област е стигната до клучна точка?
Во јужниот дел на централен Бразил владее најтешката суша во последните 100 години. Со неа расте и ризикот од пожари и натамошно уништување на Амазонската прашума. Научниците неодамна соопштија дека голем дел од југоисточните шумски области во Амазон наместо да апсорбираат ЦО2 како порано, поради континуираното уништување сега испуштаат штетни гасови. Наскоро може да дојде до пресвртна точка.
На работ на изгладнување
Во Мадагаскар, по години безмилосна суша, од глад се загрозени преку 1,4 милиони луѓе. Некои се принудени да јадат сирови кактуси, диви растенија и скакулци. Бидејќи не беа регистрирани природни катастрофи или политички конфликти, гладот таму се смета за прв во поновата историја предизвикан единствено од климатските промени.
Поплави во Лондон
Досега незабележаните поплави во северна Европа ја зафатија и Велика Британија: откако во еден единствен ден наврна количина дожд колку за еден месец, делови од Лондон, подземни постојки на метрото и улици се најдоа под вода. Поплавите се доказ дека „опасностите од промената на климата ни се приближуваат и нам“, изјави лондонскиот градоначалник Садик Кан.
Грција се бори со пожари
Додека земјите во северна Европа се под вода, оние на југот, како Грција, се зафатени од повеќе топлотни бранови уште од почетокот на летото. Во првата недела од јули температирите се искачија над 43 степени Целзиусови. Туристичките атракции, како Акропол, преку ден се затворени, додека околу Солун беснееја шумски пожари. Во акција на гаснење на огнот беа и хеликоптери.
Шумски пожари и на Сардинија
Шумски пожари од досега незабележани размери го опустошија централно-западниот дел од островот, истакна гувернерот Кристијан Салинас: „Досега во прав и пепел се претворени 20.000 хектари шума, кои беа синоним за вековната еколошка историја на нашиот остров“. Околу 1200 луѓе се евакуирани од и натаму загрозениот регион.