1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЛитератураЧешка

Франц Кафка во 99 непознати документи

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
22 август 2022

Водечкиот критериум според кој биографот Рајнер Штах ги избрал 99-те документи било тоа што тие дозволуваат да насетиме колку би било полезно кога би испробале нови пристапи кон Франц Кафка. Пишува Кица Колбе.

Кица Колбе, авторка на колумнатаФотографија: Privat

„Некои се плашат од него. Некои, кои не го читаат, ама за него чуле од други, стравуваат дека тој може да ги плаши. Други тој ги прави тажни, без да можат да  кажат, зошто. Некои  дури веќе ја чувствуваат  близината на депресијата и  затоа неговите тенки книги  претпазливо ги  ставаат настрана.(...) Има и такви кои тој ги прави нестрпливи, нервозни. Зашто тој  ги озагадочува своите текстови и се чини дека ужива да го води читачот по странпатици, во мисловни свиоци кои  потсетуваат на лавиринт од кој нема спас.“

Вака почнува  предговорот кон книгата „Ова е Кафка?” („Ist das Kafka?") од Рајнер Штах  (Reiner Stach),  еден од најпознатите германски биографи на Кафка. Идејата за сеопфатна  биографија на најпрочуениот чешки Евреин настанала во соработка со германскиот „Фишер Ферлаг“ кон средината на деведесеттите. Иако во тој момент постоел  огромен број поединечни литературни списи и студии за прозата на Кафка, единствената биографија беше онаа на познатиот германски издавач, Клаус Вагенбах ( Klaus Wagenbach) од  1958-та, која во деведесеттите беше одамна распродадена. Вагенбах беше вљубеник во прозата на Кафка и негов извонреден познавач.

Насловна страница на биографија на Франц Кафка од Рајнер ШтахФотографија: S. Fischer Verlag

По долгогодишното истражување Рајнер Штах во „Фишер Ферлаг“ етапно, од 2002 до 2014,  ги објави трите тома од биографија на Кафка. Во делото „Ова е Кафка?“, објавено 2013 во  „Фишер Ферлаг“, тој  презентира  99 документи, фотографии и белешки во врска со Кафка кои ги нашол   во текот на долгогодишната истражувачка работа на биографијата. Секој документ е проследен со опширен коментар од Рајнер Штах. Во нив восхитува неговата широчина на сознанијата за творештвото и животот на Кафка. Освен тоа, можеме само да насетиме  колкава акрибија и  интелектуална предаденост е вложена во биографијата на Кафка. Тоа потсетува на посветеноста со која трагале славните археолози.

Повеќе од авторката: Кога сѐ е чудо, не само за децата

Штах ги наоѓал овие фрагменти додека трагал во светските библиотеки, во литературните и приватните архиви, во оставините на членовите на фамилијата на Франц Кафка, но и во таа на пријателите, соработниците, преведувачите, издавачите. 99-те документи го покажуваат  познатиот писател во многу необични контексти. Секако, тие не нудат спектакуларни  нови откритија, но, сепак, често овозможуваат да се истакне уште појасно веќе познатото  толкување или откриваат нов поглед врз веќе познатите факти. Често во документите се открива  еден фрагмент од сликата која за Кафка ја имале неговите пријатели.

Затоа што во широката перцепција на Кафка со време се беа обликувале многу клишеа за него и за неговата проза, водечкиот критериум според кој биографот Штах ги избрал 99-те документи  било тоа што тие малку не‘ оддалечуваат од  постоечкото клише и дозволуваат да насетиме колку би било полезно  кога би испробале нови пристапи кон Кафка. Тие „пристапи отсекогаш постоеја,  меѓутоа беа небаре прелепени од „кафкијанските“ слики и асоцијации, па затоа беа препуштени на заборавот“, укажува Рајнер Штах.

Франц КафкаФотографија: picture alliance/CPA Media

Тој истакнува дека чувството на Кафка за комичното  игра многу значајна улога.  Тоа не се пројавува само како „црн“ хумор, апсурд и гротеска, како што најчесто се доживуваат загадочните раскази на Кафка. Напротив, Штах ни открива  дека хуморот на Кафка  е игрив и луциден.  Моментот на игривоста   и луцидноста во  комичното  е присутен не само во прозата, туку и во неговите писма и дневници, како и во сведоштвата за  неговото однесување   во секојдневниот живот. „Во таа смисла е вистина дека целиот живот на Кафка беше литература“, заклучува Рајнер Штах.  Оваа книга ни дава можност да запознаеме  еден нов поглед врз Кафка. А тогаш  ќе почнеме да откриваме нови страни во неговата личност и живот, та зачудени навистина ќе се запрашаме, ова е Кафка?

Повеќе од авторката: Заболекарот се избира еднаш - за цел живот!

Документите се поделени во групи  со  следните наслови: „Особености“, „Чувства“,„Читање и пишување“, „Слепстик“, „Илузии“, „На други места“, „Отсликувања“, „Крај“.  Првата група започнува  со фрагментот „Несреќниот добротворец“,  во кој Кафка се сеќава дека како малечко дете еднаш добил од мајка си една пара ( Sechserl) која по вредноста одговарала на 10 кројцери. Посакал веднаш да и‘ ја подари на просјачката на плоштадот пред собранието. Сумата му се чинела огромна. Неа сигурно дотогаш не ја имал добиено  никој просјак, се умел тој. Срамејќи се пред просјачката да направи  такво незамисливо нешто, а свесен дека мора да и‘  ги даде пари, ја раситнил парата во 10 кројцери. И‘ дал на просјачката еден. Истрчал еден круг околу плоштадот, дошол  повторно кај неа и и‘ дал уште еден. И така среќен истрчал десет круга, давајќи и‘ на просјачката постојано само еден кројцер. Можеби не биле десет, забележува Кафка. Затоа што жената подоцна го изгубила трпението и си заминала.  На крајот тој бил толку исцрпен, и физички и морално, што веднаш истрчал дома. И плачел толку долго, додека мајка му не му ја надокнадила парата. „Гледаш, јас немам среќа со просјаците, но изјавувам дека сум подготвен  сето мое сегашно и идно богатство,  во најмалечки виенски банкноти, полека да и‘ го исплатам на некоја просјачка пред Операта, под услов Ти да бидеш присутна таму, а јас да ја чувствувам Твојата близина“, пишува Кафка во овој чудесен фрагмент. Има ли поубава и полуцидна изјава на љубов?

Франц Кафка во историскиот центар на Прага во 1920 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Од фрагментот „Единствениот непријател“, дознаваме дека Кафка  бил неверојатно омилен. Симпатичен им бил не само на  жените, туку и на мажите, на Германците и на Чесите, на христијаните и на Евреите. Омилен бил меѓу колегите, но и меѓу претпоставените,  а брзо ги освојувал симпатиите и при познанствата во рестораните и хотелите. Во секојдневните контакти бил љубезен, услужлив, шармантен,  внимателен слушател, притоа ниту малку нападен, а особено неговите самоиронични забелешки правеле никој во него да не гледа интелектуален или еротски конкурент.

Повеќе од авторката: Балканот – наместо екологија, историска митологија

Во фрагментот „Која е бојата на очите на Кафка“ Штах раскажува дека  многу современици биле восхитени од очите на Кафка. Меѓутоа  кога се работи за бојата на неговите очи, нивните сведоштва си противречат. За едни неговите очи се „темни“, за други, дури и за пријателот Макс Брод, тие се „блескаво сиви“, а има и такви кои велат дека тие биле „челично сини“,  односно „темносини“. Дора Дијамант, една од жените кои ги љубеше Франц Кафка,  раскажува дека  тој имал „кафејави, срамежливи“ очи. „Едно дипломатско решение на овие противречности нуди пасошот на  Кафка. Таму како боја на очите е запишано: ТЕМНОСИНОСИВИ“, истакнува Рајнер Штах. Можно ли е самиот Кафка така да ја опишал бојата на своите очи? Како и да е, сите што го љубат Кафка ќе потврдат дека тоа е вистинската боја на очите за писател  од неговиот формат.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми