1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоФранција

Франција: Саркози осуден на пет години затвор

ЖА
25 септември 2025

Поранешниот француски претседател Саркози е осуден на пет години затвор за „исклучителната тежина“ на делото - финансирање на неговата изборна кампања од страна на Либија. Тој поднесе жалба на пресудата.

Поранешниот француски претседател Никола Саркози со сопругата по пресудата за делумно виновен во судењето за наводни средства за изборна кампања добиени од Либија
Париски суд го прогласи поранешниот француски претседател Никола Саркози за делумно виновен во судењето за наводни средства за изборна кампања добиени од ЛибијаФотографија: Christophe Ena/AP Photo/picture alliance

Париски суд го прогласи поранешниот француски претседател Никола Саркози за делумно виновен во судењето за наводни средства за изборна кампања добиени од Либија. 70-годишникот е осуден за „злосторничко здружување“, но е ослободен од обвиненијата за поткуп и нелегално финансирање на изборна кампања. Тој беше ослободен и од обвинението за профитирање од проневера на јавни средства.

Саркози е виновен затоа што им „дозволил на блиски соработници да дејствуваат“ за да добијат „финансиска поддршка“ од тогашниот либиски владетел, изјави претседателката на судот Натали Гаварино. Тој доби пет години затвор за делото, а веднаш најави жалба на пресудата. 

Аферата со Либија се однесува на тврдењата дека пари од тогашниот либиски владетел Моамер Гадафи биле нелегално насочени кон претседателската кампања на Саркози во 2007 година. Сведок во 2016 година изјави дека кон крајот на 2006 или почетокот на 2007 година, тој донел неколку куфери со вкупно пет милиони евра од Либија во Министерството за внатрешни работи на Париз, кое тогаш го водеше Саркози.

Според обвинението, идниот претседател склучил корупциски договор со Гадафи. Доверливи луѓе на Саркози наводно ги оркестрирале наводните парични текови преку посредници.  Саркози постојано ги негира обвинувањата.

Обвинителството побара седум години затвор и парична казна од 300.000 евра, тврдејќи дека либискиот владетел добил редица противуслуги. Саркози го прими Гадафи, кој претходно беше доста изолиран на меѓународната сцена, со воени почести во Елисејската палата на крајот од 2007 година.

Се тврди дека биле направени напори и за укинување на потерницата против зет му на Гадафи, Абдала Сенуси. Сенуси, кој беше осуден во отсуство во Париз во 1999 година како главен одговорен за терористичкиот напад врз француски патнички авион во кој загинаа 170 лица.

На судењето му претходеа повеќе од десет години истрага, која  беше покрената откако сопственото  семејство на Гадафи тврдеше дека ја финансирало изборната кампања  на конзервативниот политичар во  Франција.

Покрај поранешниот шеф на државата, во политички експлозивната постапка беа обвинети уште дванаесет лица - вклучувајќи тројца поранешни министри.

За Саркози, пресудата е уште еден пораз во долгогодишната битка со правосудниот систем, иако беше ослободен од клучните обвиненија.  Тој веќе беше осуден во два други случаи.  Поради поткуп и злоупотреба на влијание,  поранешниот претседател мораше да биде под електронски надзор три месеци и му беше дозволено да ја напушта својата куќа само преку ден. Едногодишната казна за електронски надзор оттогаш е суспендирана поради возраста на Саркози.

*Текстот е актуелизиран по соопштувањето на висината на казната за Саркози

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми