1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаФранција

Макрон не се кае за пензиската реформа

Бернд Ригерт
23 март 2023

Макрон во телевизиско интервју ги отфрли критиките за реформата, им понуди дијалог на социјалните партнери и рече дека сака да поттикне и други реформи. За денеска (23.03.2023) се најавени нови протести.

Нема алтернатива, порача францускиот претседател Емануел Макрон во ТВ интервју посветено на спорната пензиска реформа
Нема алтернатива, порача францускиот претседател Емануел Макрон во ТВ интервју посветено на спорната пензиска реформаФотографија: LUDOVIC MARIN/AFP

Францускиот претседател Емануел Макрон сака контроверзната пензиска реформа да стапи на сила до крајот на годинава. Според анкетите во Фрранција и до 70% од луѓето се против оваа реформа. Рејтингот на претседателот Емануел Макрон е најнизок во последниве неколку години – има поддршка од само 28% од избирачите. Но, се чини претседателот не е многу засегнат од овие бројки во вториот мандат.

„Не можам да бидам реизбран. Затоа не ги гледам рејтинзите туку го спроведувам она што и е потребно на земјава,“ рече тој во телевизиското интервју кое во средата беше емитувано во живо од Елисејската палата. Да се протурка зголемување на старосната граница за одење во пензија со 64 години наспроти мнозинството Французи кои се против „не ми е забавно, но е нешто што мора да се направи“, рече претседателот.

„Не се каам“

Владата на Макрон, контроверзната пензиска реформа, симбол на социјалната држава, ја протурка преку парламентот без формално гласање. Владата потоа едвај, со тесно мнозинство преживеа две гласања за недоверба. Во многу градови низ Франција сè уште се одвиваат насилни протести и штрајкови против реформата и претседателот.

Емануел Макрон: Луѓето не сакаат да ја слушнат вистинатаФотографија: LUDOVIC MARIN/AFP

„Мислам дека е штета што не успеавме да ги убедиме сите. Не сум среќен поради тоа, но не се каам,“ рече Макрон одговарајќи на прашањето на новинарот. „Стојам зад нашиот пристап. Го правам она што треба да се направи,“ рече Макрон и додаде дека и тој можел да се однесува како неговите претходни, да ги одложи реформите и едноставно да ги турне проблемите „под килим“.

Макрон со критика за насилството на демонстрациите

Синдикатите за денеска повикаа на штрајк и протести ширум земјата бидејќи сметаат дека „социјалната демократија“ е доведена во опасност. Претседателот изрази разбирање за протестите и гневот кај многу луѓе. Правото на демонстрации е легитимно.

„Ќе ги сослушаме и ќе продолжиме да одиме напред, но никогаш нема да потклекнеме пред насилството,“ рече Емануел Макрон мислејќи на насилните ноќни нереди и палење на контејнери и возила за смет во изминативе неколку дена и недели.

„Екстремно насилство не е дел од оваа република“

По безредијата, од понеделникот досега се приведени неколку стотина лица. Првиот човек на француската Лига за човекови права, Патрик Бодуен на француската ТВ Франс инфо ја критикуваше „загрижувачката ситуацијата на демократијата“ и зголеменото полициско насилство.

Портпаролот на париската полиција ги отфрли тврдењата за апсења без причина. За денеска планирани се 5000 полицајци да ги следат протестите на синдикатите.

Синдикатите повикаа на протести на 23 март - со надеж дека тие ќе бидат големи како оние во мај 1968 година.Фотографија: Yves Herman/REUTERS

Што е следно?

Емануел Макрон од Елисејската палата ги повика социјалните партнери, синдикатите и здруженијата да разговараат за понатамошните реформи, зголемување на минималната плата, намалување на невработеноста, поголем број на работни места во индустријата и социјалните проблеми.

Макрон најави и нов данок на дополнителен профит во индустријата. Тој вети дека ќе обезбеди и повеќе правда во однос на работничките права и здравствено безбедни услови за работа на постарите работници. Дијалогот со синдикатите треба да започне во „следните неколку недели“.

Не се планира прекин на пензиската реформа, реконструкција на владата, распуштање на собранието, одржување на нови избори или референдум.

Претседателот рече дека продолжува по старо бидејќи „мора да се прифати реалноста“. Франција не може да си го дозволи повеќе постојниот пензиски систем. Алтернатива за подигањето на старосната граница за одење во пензија би биле повисоки придонеси, пониски пензии па дури и поголеми даноци.

„Дали го сакате тоа?“ реторички праша Макрон. „Луѓето не сакаат да ја чујат вистината“. Левичарската опозиција предложи како решение поголемо задолжување на државата, но Емануел Макрон, одлучно го одби и тоа - пензија на кредит.

Лути на Макрон лично: демонстрантите ставија кукла со лицето на претседателот на шинитеФотографија: VALERY HACHE/AFP

Критики по интервјуто

Дали синдикатите ќе ја прифатат понудата на Макрон за дијалог, во моментов е под знак прашање. Во првичната реакција, шефот на синдикатот ЦГТ, Филип Мартинез рече дека претседателот  „ги презира илјадниците луѓе кои до сега протестираа“.

Пратеничката на Зелените, Сандрин Русо го критикуваше буржоаскиот и арогантен став кој често му се припишува на претседателот. Дотолку повеќе звучи неверојатно тоа што Макрон во недела има намера да вечера со британскиот крал Чарлс III во дворецот Версај, додека луѓето демонстрираат на улиците на Париз.

Емануел Макрон во 2017 беше избран во Елисејската палата како реформатор и европски иноватор. Многумина во Франција сега се разочарани од неговата политика. Но, Макрон минатата година беше избран повторно. Со тоа беше спречено доаѓање на власт на десничарската популистичка опозициска политичарка Марин Ле Пен.

 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми