1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Францускиот претседател во Белград: Макрон наместо Меркел

Ивица Петровиќ
29 август 2024

Релативно живата дипломатска активност во Србија во текот на летото продолжува со посетата на францускиот претседател Емануел Макрон. Дали литиумот ќе биде тема на разговори во Белград, покрај купувањето авиони Рафал?

Макрон и Вучиќ
Макрон и Вучиќ во јули 2019 година во БелградФотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Претседателот на Франција е еден од ретките европски лидери кои одржуваат прилично редовен контакт со претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Ако ги исклучиме редовните посети на меѓународните претставници задолжени за тој регион, Емануел Макрон е шефот на државата на кој Вучиќ често се повикува кога го обвинуваат дека е под некаков политички бојкот. 

Несомнено е дека некои земји донекаде го коригираа својот однос кон Србија, за што секако придонесоа спорните избори и подемот на авторитаризмот, но во случајот со Франција и некои земји од Европската Унија,тоа некако е надминато. Или турнато е под тепих поради економски зделки. 

Србија најави купување на француски борбени авиони Рафал, а во пресрет на посетата на Макрон, во српските медиуми се појавија шпекулации дека Франција има намера да складира нуклеарен отпад во Србија, што, барем официјално, беше демантирано. Српскиот претседател оцени дека тоа се „глупости“. Потоа се отиде и чекор подалеку и беше наведено дека Франција ќе гради мини нуклеарни централи во Србија и дека некои правни акти во Србија се изменети поради тоа. 

Се претпоставува дека и Франција има свој став и интерес за српскиот литиум, но барем засега не е во првите редови за поддршка на ископување на литиум во Србија. 

Макрон доаѓа пред сѐ поради Рафал 

Интензивната политичка комуникација меѓу Александар Вучиќ и Емануел Макрон за надворешнополитичкиот коментатор Бошко Јакшиќ е „доказ дека Макрон се обидува да ја заземе позицијата што ја имаше Ангела Меркел во нејзино време“. 

„Односите меѓу Србија и Германија се влошија во меѓувреме, и ако тоа се поврзе со амбициите на Макрон да биде еден од клучните лидери на Европа, тогаш неговиот интерес за Србија е донекаде разбирлив. Но, мислам дека тој првенствено доаѓа поради потпишувањето на договорот за купување на авиони Рафал и дека нема друга подлабока причина“, изјави Јакшиќ за ДВ.

„Тоа е зделка вредна три милијарди евра, која има и политичка тежина, бидејќи на овој начин Србија се оградува од купување руско оружје. Франција е претпазлива за литиумот, но мислам дека тоа ќе биде тема во четири очи. Се чини дека Србија е заинтересирана за мини нуклеарни централи, но не сум сигурен колку за тоа ќе можат да издвојат уште три милијарди евра“, забележува нашиот соговорник. 

Србија најави купување на француски борбени авиони РафалФотографија: abaca/picture alliance

Економија и безбедност на регионот 

И Соња Бисерко, претседателка на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија, смета дека некои економски теми ќе бидат во преден план, но дека сигурно има и безбедност во регионот, особено кога се во прашање Босна и Херцеговина и Косово.

„Во тој контекст треба да се гледа и неодамнешната посета на директорот на ЦИА и претставници на НАТО. За сите овие години Франција не беше многу присутна на Балканот, но во некои наврати ѝ подаде рака за поддршка на Србија. „Србија, од друга страна, се чини дека го распродава она што го има, без некои поголеми позитивни ефекти врз самата Србија, бидејќи владата склучуваше такви зделки главно мислејќи на себе и на својот опстанок“, вели Бисерко за ДВ. 

Заштитникот на Србија? 

Дел од медиумите веќе со денови ја глорифицираат посетата на Макрон како доказ за мудрата надворешна политика на Александар Вучиќ, а некои владини лидери сметаат дека Србија и Франција се на пат кон стратешко партнерство. Франција е секако важна земја на Европската Унија, посочува Бошко Јакшиќ и „се очекува владата да се пофали со тоа“.

„Главното прашање е за што се користат овие посети. Макрон можеби учтиво ќе го поддржи европскиот пат на Србија, но да имаме на ум дека Франција е најскептичната кон програмата за проширување на ЕУ. Таму тешко дека ќе има некаков напредок. Но, општ впечаток е дека Макрон се појавува во улога на некаков светец-заштитник на Србија, врз основа на што тој поентира и внатре во ЕУ и билатерално на зделките во Србија, кои можеле да отидат кај Американците, Германците или дури и Русите“, оценува Јакшиќ. 

Црвен тепих и стража наредени за високиот гостин од Франција (Белград,16.07.2019)Фотографија: picture-alliance/Photoshot/P. Milosavljevic

Придобивки за Франција - пропаганда за Србија 

Но, поразително е што на овој начин и опозицијата и граѓанскиот сектор практично остануваат без никаква поддршка, смета Соња Бисерко.

„Мислам дека покрај тоа, странскиот фактор ја гледа опозицијата како некој кој не успева да капитализира од бројните грешки на власта и поради тоа на некој начин крена раце од опозицијата. Од друга страна и ЕУ се соочува со бројни проблеми, пред сѐ со војната во Украина, а демократизацијата на Србија во таква ситуација едноставно не е на дневен ред“, оценува Бисерко. 

Бошко Јакшиќ потсетува дека за време на посетата на Макрон на Србија во 2019 година, „тој вешто избегнуваше да се сретне со српската опозиција, бидејќи, наводно, таквото барање пристигнало доцна“. 

„Не го знам планот на оваа посета, но мислам дека нешто слично ќе се случи и овој пат, што може многу да зборува за неговата лична поддршка за Вучиќ“, вели Јакшиќ.

Во секој случај, нашиот соговорник смета дека на крајот „Франција ќе има многу поголеми, опипливи придобивки од оваа посета и економска соработка, за разлика од Србија, која од ова ќе има само корист како пропагандна придобивка за власта“, заклучува Јакшиќ за ДВ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми