1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Фукујама: Победата на Трамп ќе ги охрабри популистите

11 ноември 2024

Победата на Доналд Трамп може да предизвика големи промени во целиот свет, не само во САД, вели американскиот политолог Френсис Фукујама за ДВ. Тој очекува политиките на Трамп да предизвикаат проблеми во целиот свет

Френсис Фукујама
Френсис Фукујама е американски политиколог, политички економист, научник и писател.Фотографија: Aristidis Vafeiadakis/Zumapress/picture alliance

ДВ: Изборите во САД беа најголемиот настан годинава. Многу одлуки во Европа и во Германија беа одложувани во очекување на нивниот исход. Се чини дека сега дојдовме до пресвртна точна, почеток на нова историја. Дали се согласувате со тоа?

Фукујама: Не сум сигурен дека е нова историја, но секако е огромна промена за САД, а поради влијанието на САД, мислам дека победата на Доналд Трамп ќе има негативно влијание врз остатокот од светот.

Сметате ли дека Американците гласаа за промени?

Впечатливо е што толку многу луѓе сакаа да гласаат за Доналд Трамп и покрај сето она што го знаат за него. За мене, е многу разочарувачки затоа што тој не делува способен да биде претседател на било што. И сметам дека ќе има големи последици за целиот свет, затоа што ќе ги охрабри сите популистички партии во Европа и во други делови.

Во американското општество владее голема поларизација, но оваа поларизација истовремено резултираше и во огромен ангажман на гласачите. Бројот на луѓе кои гласаа уште пред изборниот ден од неверојатен. Зарем тоа не е добро?

Добро е, доколку не ги гледате резултатите од ова гласање. Мислам дека јавното учество не е единственото нешто што треба да се гледа. Исто така сакате луѓето да направат мудар избор кога гласаат. И мислам дека тие не го прават тоа во САД. Мислам дека гласаат врз основа на краткорочни проблеми како инфлацијата, а не се загрижени на долг рок, со многу поважни теми како што е преживувањето на владеењето на правото во САД.

Се чини дека Трамп играше на картата на емоциите на Американците, најавувајќи дека земјата треба повеќе да се концентрира на себеси, а не на целиот свет. Дали тоа ќе доведе до промени во улогата која ја играат САД во глобалниот светски поредок? И дали можеби ќе има промени и во светскиот поредок? 

Ќе се промени. Тоа ќе промени сѐ. Трамп не сака сојузници. Тој не сака да ги поддржува сојузниците. Тој не ја сака Украина. Мислам дека ќе направи мировен договор со Путин на штета на Украина. Тоа ќе направи многу лош преседан за остатокот на Европа. На Далечниот исток не е јасно дали ќе сака да ги брани американските сојузници од Кина. И тоа се големи геополитички ризици во кои сега влегуваме. И тоа е само во безбедносниот аспект. Тој сака да воведе царини од 20% за секоја држава. А тоа ќе доведе до глобална економска депресија затоа што ќе се вратиме во ситуацијата која ја имавме во 1930-те години по донесувањето на Смут-Хоули царините. 

Главни теми на изборите во САД беа ограничувањата на имиграцијата, економијата и ограничувањата на увозот, како и правата за абортус. Изгледа гласачите се оттргнуваат од либералните вредности кон поконзервативните ставови, затворајќи ја својата земја и општеството. Дали е тоа движење? Дали ќе трае долго? 

Многу е тешко да се каже. Фактот дека Трамп двапати победи на избори, и покрај тоа што сите го познаваат, покажува дека постои вистинско незадоволство од статус-квото во САД. Мислам дека неговите политики нема да функционираат. Мислам дека тие ќе доведат до инфлација, до економска рецесија, поголема невработеност. Така што, може да се случи дека за четири години од сега, сите ќе увидат дека неговиот реизбор беше грешка, и во тој случај долгорочните последици ќе бидат многу различни. Но, во моментов мислам дека не е добар знак дека толку Американци беа подготвени да гласаат за личност која има толку длабоки недостатоци.

Значи, не сметате дека ова е нешто поголемо од само еден изборен циклус, или? 

Може да биде. Може да биде огромно. Ако САД навистина се претворат во еден вид авторитарна земја како Унгарија, тоа е огромна работа. Мислам, тоа навистина е најголемото нешто што се случило од крајот на Студената војна. Но, сè уште не сме сосема таму. Значи, не би можел, не предвидувам дека тоа ќе се случи. 

Френсис Фукујама е американски политиколог, политички економист, научник и писател. Фукујама е најпознат по неговата книга „Крајот на историјата и последниот човек“. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми