1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
25 октомври 2023

За жал кај нас системот не функционира. Затоа неопходно е функционерите да си ги намалат платите, не затоа што треба и дека тоа е добра мерка, туку едноставно, затоа што не ги заслужуваат. Пишува Никола Тодоров

Никола Тодоров, автор на колумнатаФотографија: DW/B. Gerogvievski

За време на т.н. Пржински процес, некаде кон крајот на 2016 година, на една средба, од меѓународен карактер, предложив две важни реформи. Првата, беше државно финансирање на партиите, а втората беше зголемување на платите на функционерите. Првата реформа за државно финансирање на партиите предложивме да ја имплементираме во најкраток можен рок, а за втората реформа поврзана за функционерските плати, предложивме да ја донесеме во најскоро време, но да стапи на сила на 01.01.2024 година. Образложението ми беше дека зголемувањето на функционерските плати не треба да го направиме за себе, туку за некои идни функционери кои ќе ја водат државата почнувајќи од, тогаш за нас, далечната 2024 година. Реформите ги предложивме водејќи се од ист мотив-борба против корупција. Првата реформа за државно финансирање во прв план беше насочена кон опозицијата, која и да е таа. Образложението беше кратко-не треба да дозволиме некој алчен бизнисмен со криминални мотиви, да ја помогне било која опозициона партија кога и е најтешко со да речеме 200 илјади евра, за кога таа опозициона партија ќе дојде на власт бизнисменот да направи односно „заработи“ 200 милиони евра! Оваа реформа нешто повеќе од година дена подоцна, беше усвоена. Дали ќе го постигнеме ефектот и нема да дозволиме криминално инвестирање во опозициона партија (ќе повторам-која и да е таа) ќе видиме во наредните неколку години. Ако се појави некој или неколку тајкуни, очигледно ќе биде дека алчноста ја победила мудроста.

Притисокот од јавноста 

Во врска со функционерските плати, повторно мотивот беше ист-борба со корупцијата. Сметавме дека доколку еден функционер управува со годишен буџет од неколку десетици, а често и со неколку стотици милиони евра, ја преставува државата, нема работно време и има огромна одговорност, тогаш сето ова треба да се стави во корелација со платата што ја прима од државата.

За мое изненадување, СДСМ која тогаш сѐ уште беше во опозиција, го одби ова, со образложение дека зголемувањето на функционерските плати е непопуларна мерка. Во таа сега далечна 2016 година, инсистирав дека тоа ќе го направиме за некоја идна влада, која никој од нас, не може да претпостави која ќе биде во 2024 година, но сепак победи популизмот и оваа реформа тогаш не се донесе.

За мое огромно изненадување, оваа „реформа" СДСМ ја направи многу години подоцна и тоа не за некоја идна влада, како што тогаш предложивме, а тие не прифатија, туку за себе. Се крена општеството, се креираше револт и никој, рационално не можеше да дискутира за суштината на мерката. Ниските страсти како по обичај преовладаа, па логичните аргументи се изгубија во бурата од реакции. 

Сега гледам дека под притисок на јавноста, читај под притисок на анкетите и претстојните избори, функционерите ќе си ги намалат платите.

Веднаш да кажам дека немаат друг избор. Перцепцијата ќе ги изеде побрзо од гладниот народ, па сигурен сум дека експертите за кампања ќе им сугерираат популистичко намалување на сопствените плати. Она што ќе остане нелогично, е што после намалувањето на функционерските плати, ќе има вработени во јавниот сектор што ќе имаат далеку повисока плата од пратениците, министрите, премиерот и претседателот. На пример еден доктор кој работи во државно здравство, доколку стане министер за здравство, пратеник, премиер или претседател на држава ќе има помала плата, односно пониски месечни примања отколку да си остане доктор. Доколку живеел од плата и доколку како функционер продолжи да живее од плата, тогаш ќе му биде неисплатливо да влезе во политика.

За да не бидам погрешно интерпретиран ќе повторам, владините функционери мора да си ги намалат платите, но истовремено предлагам да го сторат тоа што пропуштија од популистички причини да го сторат во 2016 година. Да предвидат платите на функционерите да се зголемат од 2028 година. Гледајќи ја актуелната политичка номенклатура во земјава, скоро неверојатно е некој да знае кој тогаш ќе биде на власт, а кој во опозиција.

Плати за резултати 

Сепак, не сметам дека сите функционерски плати треба да се намалат. Платите на судиите и јавните обвинители не смее да се намалат. Тие треба да останат како што се сега, со тенденција на зголемување во иднина. Ова, владата треба да го искористи во преговорите за коренита промена во судството, кое според мене треба покрај на повисоки плати, да се базира и на зголемување на бројот на судии и обвинители и пополнување на сите празни места проследено со прочистување на правосудството од сите корумпирани и од сите политички поврзани чинители. Ова прочистување мора да дојде од внатре и самите судии и обвинители да ги отстранат како диво месо, сите оние кои се недостојни за вршење на овие екстремно важни правосудни функции. Некој ќе рече ни овие плати не ги заслужуваат, но тоа не е така и не треба да се генерализира. Има одлични судии и обвинители на кои платата им е основен и единствен приход и треба да сме среќни кога овие судии се борат за повисока плата, затоа што тоа говори дека им значи. Тие на кои не им значи платата се дивото месо кое треба да биде отстрането.

Истото важи и за здравството. Фактот што платата на докторите нема да се намали (и не треба да се намали) мора да се искористи да се побара и, би рекол, да се инсистира да се намалат листите на чекање. Доколку на граѓаните на Прилеп, Битола и Куманово им е потребен преглед од офталмолог, слободен термин нема до крајот на оваа календарска година, а на универзитетската клиника во Скопје од 17 доктори кај 12 нема термин до крајот на годинава. На УК за кардиологија од 33 доктори кај 31 нема термин до крајот на годинава. Според јавно објавените податоци на системот МојТермин слободен термин кај уролог во цело Скопје нема до крај на оваа година. Немањето термини директно ги брка пациентите од државното во приватното здравство, па со право секој се прашува, за што плаќам здравствено осигурување, кога секогаш кога ми е неопходно, слободен термин нема!

Судството и здравството се критични сектори и тука платите не смее да се намалат во никој случај, но повисоките плати мора да донесат повисоки перформанси. Повисоката плата води кон финансиска независност, но финансиската независност бара отчетност, и пред сѐ резултат.

Конечно, платите се важна алатка за стабилен систем, но не и единствената. Работата на функционерот е системот да функционира. За жал кај нас системот не функционира. Затоа неопходно е функционерите да си ги намалат платите, не затоа што треба и дека тоа е добра мерка, туку едноставно, затоа што не ги заслужуваат!

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми