1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Г20: Изненадувачки договор за оданочување на супербогатите

ЖА /АРД
19 ноември 2024

Државите-членки на Г20 се согласија за завршна декларација која вклучува борба против гладот ​​и оданочување на супербогатите. За другите прашања е постигнат само минимален договор.

Г20: Изненадувачки договор за оданочување на супербогатите
Г20: Изненадувачки договор за оданочување на супербогатитеФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

На првиот ден од самитот во Рио де Жанеиро, земјите-членки на Г20 изненадувачки се договорија за заедничка завршна декларација. Бразил како домаќин успеа во него да ги вклучи најважните точки од своето претседавање, меѓу кои се борбата против гладот ​​и борбата против климатските промени и глобалното затоплување.

Се очекуваше дека аргентинскиот претседател Хавиер Милеи нема да се согласи со одредени точки.

Лидерите на водечките индустриски и земји во забрзан развој се обврзаа на поефикасно  оданочување на супербогатите.  „Ќе се обидеме да работиме заедно за да обезбедиме многу богатите поединци да бидат ’ефикасно оданочени'“, се вели во документот. Планирано е да се развијат механизми за борба против даночното затајување.

Во Рио беше лансирана и Глобалната алијанса против гладот ​​и сиромаштијата. Во завршната декларација се нагласува дека недостига политичка волја да се обезбеди пристап на луѓето до храна, иако постојат знаење и ресурси.

Г20 ја повтори целта за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови. Сепак, не е постигнат значителен напредок во однос на финансирањето. Декларацијата останува нејасна, спомнувајќи само „трилиони долари“ кои треба да дојдат од „сите извори“, без да се елаборираат конкретно.

Во документот се споменува постепено укинување на „неефикасните субвенции за фосилни горива“, но не и целосно напуштање на употребата на јаглен, нафта и гас.

Што се однесува до војните на Блискиот Исток и Украина, постигнат е само минимален консензус. Руската агресија врз Украина, како и минатата година на самитот во Индија, не беше експлицитно осудена. На конференцијата на Бали пред две години, Русија беше јасно именувана како агресор, што сега не е случај. Во декларацијата се споменуваат само „човечкото страдање и дополнителните негативни влијанија од војната“, како што е несигурноста во снабдувањето со храна и енергија.

Од германска гледна точка , проблематична не е само таа формулација, туку и делот што се однесува на Блискиот Исток. Во декларацијата не се споменува напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година. Пред самитот, германската влада изјави дека таквиот исход би бил „неприфатлив“ во финалниот документ.

Во декларацијата се изразува и загриженост за  хуманитарната ситуација во Појасот Газа  и ескалацијата во Либан. Г20 ја нагласува потребата од итно проширување на хуманитарната помош и подобра заштита на цивилите - јасна порака до Израел. Исто така, беше потврдено правото на Палестинците на самоопределување и „непоколебливата посветеност“ на решение за две држави.

Најголемиот јаз меѓу членките на Г20 е околу конфликтот во Украина  и на Блискиот Исток. Меѓу членките на Г20 се големите западни демократии како САД, Германија и Велика Британија, но и авторитарни земји како Русија и Кина. Бразил, како домаќин на овој самит, и земји како Индија и Јужна Африка беа меѓу овие два табора, кои претставуваа главно неутрални позиции.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми