1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаБлиски Исток

Г7: Да се спречи натамошна ескалација на Блискиот Исток

ЖА
19 април 2024

Министрите за надворешни работи на Г7 предупредија од проширување на конфликтот на Блискиот Исток, повикувајќи на деескалација. Кон Иран е упатена порака: можни се натамошни санкции.

Италија Капри Г7
Министрите за надворешни работи на Г7 предупредија од проширување на конфликтот на Блискиот ИстокФотографија: Kira Hofmann/IMAGO/photothek

По ноќешните експлозии во иранскиот регион Исфахан, министрите за надворешни работи на седумте најголеми западни индустриски нации повикаа на избегнување натамошни ескалации на Блискиот Исток. „Во светлина на воздушните напади од 19 април,  ги повикуваме сите страни да се заложат за спречување на натамошна ескалација“, се вели во завршната декларација на тридневниот состанок на министрите за надворешни работи од земјите на Г7 одржан во Италија. 

Шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен исто така повика на деескалација. Според германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, сега е „часот за да се направи сѐ можно за избегнување нов степен на ескалација со непредвидливи последици за целиот регион“. Во Г7 спаѓаат САД, Германија, Италија, Франција, Велика Британија, Канада и Јапонија.

Министрите го осудуваат  нападот врз Израел  на викендот. Бербок го обвини Техеран за невидена ескалација на ситуацијата со масивниот напад врз Израел, што не смее да остане без консеквенции. 

Во завршното соопштение стои дека Г7 се спремни за воведување натамошни санкции и мерки, со барање Иран и неговите сојузници да ги прекинат нивните напади.

Во иранската провинција Исфахан ноќеска според иранските медиуми се чуле неколку експлозиии. Американски медиуми, повикувајќи се на извори од владини кругови во Вашингтон, известија дека тоа била  одмаздничка акција на Израел  за  масивниот напад од страна на Иран во минатиот викенд.

Американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен не даде официјална потврда дека бил извршен израелски напад, оградувајќи се од соодветни извештаи и истакна дека САД не биле вклучени во никаква офанзивна операција. Иран пак ги отфрли американските извештаи како погрешни. 

Министрите за надворешни работи на Г7 освен за конфликтот со Иран разговарале и за војната во Појасот Газа, осудувајќи ги  плановите на Израел за офанзива во Рафах  и високиот број на жртви. Според Блинкен, Г7 инсистираат на овозможување да се доставуви повеќе хуманитарна помош за луѓето во Појасот Газа, за што во изминатите недели се направени важни чекори.

Најавена поголема помош за воздушна одбрана за Украина

Во завршната декларација станува збор и за ситуацијата во Украина. Според неа, Г7 сакаат да ги зајакнат „капацитетите за воздушна одбрана на Украина“, но сè уште нема конкретни нови ветувања.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и министерката Баербок се заложија за испраќање на дополнителни системи за воздушна одбрана на Украина. Апелите се упатени кон САД, но и кон Франција и Италија. Германија во моментов се подготвува да испорача трет систем „Патриот“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми