1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Г7: За Шолц, заемот за Украина е историски чекор

ЖА /АРД
14 јуни 2024

Земјите од Г7 ќе ја поддржат Украина со каматите од замрзнатите руски средства. За канцеларот Шолц ова е „историски чекор“ и јасен сигнал против Путин. Русија пак се заканува и предупредува за „фатални последици“

Г7 во Италија
Италијанската премиерка Џорџа Мелони, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и канцеларот Олаф Шолц - Г7 во ИталијаФотографија: Yara Nardi/REUTERS

Договорот на земјите од Г7 да ѝ се стават на Украина на располагање приходите од камати од замрзнатите руски средства, германскиот канцелар Олаф Шолц го опиша како „историски чекор". Ова создава основа „Украина да може да набави сѐ што треба да набави во блиска иднина во однос на оружје, но и инвестиции во обнова или во енергетска инфраструктура“, рече Шолц на маргините на Самитот на Г7 во Борго Егназија во Италија. Шефовите на држави и влади на западните најразвиени индустриски земји претходно го договорија овој чекор. Приходите од камати од неколку милијарди евра годишно ќе се користат за обезбедување  на Украина со заем до 50 милијарди евра.

Шолц: Јасен сигнал до Путин

Шолц смета дека ова е јасен сигнал до рускиот претседател. Владимир Путин не може да се надева дека ќе ја добие војната поради „фискалните проблеми“ во земјите поддржувачи на Украина. „Во овој поглед, тоа е секако историски чекор и историска одлука што се носи овде денес. Покрај тоа, одлуката на Г7 му дава храброст на народот на Украина да продолжи да ја брани својата независност и суверенитет. Пропаѓа планот на рускиот претседател да ја продолжи војната додека сите останати не се откажат.

Учесниците на самитот на Г7 во ИталијаФотографија: Alex Brandon/AP Photo/picture alliance

Сигнал и до Украина

И претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го опиша новиот пакет помош за Украина како многу јасна порака до Путин. Ќе му се покаже дека тежината на штетата што ја предизвика нема да ја сносат европските даночни обврзници,  туку самата Русија, рече фон дер Лајен на маргините на самитот. И таа го истакна сигналот до Украина, на која ѝ се покажува дека ѝ е дадена слобода на движење и дека ќе биде поддржана се додека тоа е потребно. Парите би можеле да се искористат, на пример, за обнова или за нови системи за оружје, објасни фон дер Лајен.

Москва предупредува на „фатални последици“

Русија го критикува заемот од милијарди од земјите на Г7 за Украина.  „Користењето на средствата  што всушност се украдени од Русија за воените авантури на режимот во Киев е криминално и цинично и претставува дополнителен удар за меѓународното право“, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова на прес-конференција. Руската реакција ќе биде „болна“ за Брисел, се закани Захарова и предупреди на „фатални последици“ за земјите од Г7. Ваквите иницијативи дополнително ќе го поткопаат глобалниот финансиски систем и ќе доведат до деструктивни кризи. Планот ќе има директни последици и за европските компании во Русија. Захарова индиректно ја навести можноста за експропријации: „Има доволно европски имот и капитал, како што знаете - претставниците на нашата влада неколкупати зборуваа за тоа."

Претходно Кремљ беше многу повоздржан. Русија многу внимателно ќе го следи самитот на Г7, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, без да ги коментира можните одлуки за кои однапред се шпекулираше.

Замрзнати вкупно 260 милијарди евра

Во западните земји, по рускиот напад врз Украина се замрзнати околу 280 милијарди американски долари (околу 260 милијарди евра) средства на руската централна банка, соопшти американската влада. Најголемиот дел се наоѓа во рамките на ЕУ, според Европската комисија, околу 210 милијарди евра. Г7 со месеци разговараше за начинот како тоа да се изведе. САД првично се залагаа за конфискација не само на приходите од камати, туку и на самите замрзнати средства во корист на Украина. Европските држави имаа големи резерви околу ова.

Американскиот претседател Џо Бајден и украинскиот претседател Володимир Зеленски потпишаа договорФотографија: Kevin Lamarque/REUTERS

Договор меѓу САД и Украина

Друг резултат на самитот е десетгодишниот безбедносен договор меѓу САД и Украина. Договорот на самитот го потпишаа американскиот претседател Џо Бајден и неговиот украински колега Володимир Зеленски. „Денеска САД испраќаат силна порака за нашата одлучна поддршка за Украина - сега и во иднина“, се вели во соопштението на САД непосредно пред церемонијата на потпишување.

Г7 групата го поддржа и мировниот план на Бајден од три фази за Блискиот Исток, зад кој застана и Советот за безбедност на ОН. „Заеднички го поддржавме овој план на американскиот претседател и сме среќни што Советот за безбедност (на ОН) го направи истото“, рече канцеларот Шолц. Сега е важно тој да биде имплементиран од сите. „Затоа, го повикуваме особено Хамас да ја даде потребната согласност", рече Шолц.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми