1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Габриел: Не се само уставните измени

18 декември 2023

Шефицата на бугарската дипломатија ги посочи трите поврзани инструменти кои се дел од компромисот меѓу Скопје и Софија. „Имаме и многу јасна позиција на Народното Собрание“, потсети Габриел.

Марија Габриел Бугарија
Бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Марија ГабриелФотографија: John Thys/AFP/Getty Images

„Не се само уставните измени, туку и Договорот за добрососедство и двата Протокола. Ние имаме три заемно сврзани инструменти, кои се дел од таканаречниот компромис од јули 2022 година, Уште повеќе, пак, ние имаме и многу јасна позиција на Народното Собрание“. Ова е дел од одговорот на бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Марија Габриел, на прашањето - што се случува со преговарачкиот процес на Република Северна Македонија за присоединување со ЕУ, дали земјата го почитува тоа што е побарано од неа, и каков е ставот на Бугарија? Габриел го даде одговорот на седница на собраниската комисија за прашања на Европската унија, Шенген зоната и еврозоната.

„Тоа на што инсистираме што јас и мојата екипа во секакви формати, тоа што е важно за нас, е да видиме - ако има тешкотии со  уставните измени, каков е напредокот по останатите теми? Вистината е дека направивме две технички средби - една во јули во Софија, една во октомври во Скопје - и за жал, утврдуваме дека по нив нема напредок“, рече Габриел.

Заштита на малцинствата

Таа уште на почетокот потсети на заклучоците по минатонеделниот самит  ЕУ - Западен Балкан.  Како што е познато, во Декларацијата издадена по тој самит не се спомнува Северна Македонија, но наведено е значењето од спроведување на два билатерални договори.

„Спроведувањето на билатералните договори со добра волја и конкретни резултати останува значајно, вклучително Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Сѐ уште се неопходни одлучни дополнителни напори за поттикнување на помирувањето и регионалната стабилност, како и пронаоѓање и спроведување на конечни, инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и билатералните спорови и прашања меѓу партнерите, вкоренети во наследството од минатото, во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи (...) ЕУ исто така ги повикува партнерите да ги гарантираат правата на припадниците и еднаквиот третман на припадниците на малцинства“, се вели во овој дел од Декларацијата.

Во контекст на последното, Габриел наведе дека Бугарија изразила многу јасна позиција пред целата Европска Унија, и дека заштитата на малцинствата е критериум за почеток на преговори, на исто рамниште со критериумите за административна и судска реформа.

Бугарија нема билатерален проблем со Северна Македонија, кога сакаш да бидеш член на ЕУ треба да ги исполниш обврските што ти самиот си ги презел, вели ГабриелФотографија: Government of North Macedonia

„Ние сме државата-членка на Европската Унија, и како држава-членка со нашите барања кон Република Северна Македонија кажуваме дека - кога сакаш да бидеш член на ЕУ треба да ги исполниш обврските што ти самиот си ги презел. Во јули 2022 двете (земји - н.з.) заедно одлучиле да ги имаат своите обврски. За мене тоа што е важно, а можеби навистина е ново бидејќи пак се појавија неколку интерпретации, сакам никој да нема никакво сомнение - Бугарија нема да дозволи што и да е да биде направено, за да бидат отворени преговори. Во врска со писмото на шпанското претседателство јас сакам само да кажам дека стратегијата во последните шест месеци - јасно и конструктивно да говориме каква е нашата ролја како држава-членка на ЕУ, а Република Северна Македонија сака да стане - е дека планот за дејствување за заштита на малцинствата е веќе критериум за почеток на преговори на исто ниво со административната и судската реформа“, наведе Габриел.

Нема билатерален проблем

Потенцирајќи го прашањето за  заштита на малцинствата  како европски критериум за преговори и членство, таа нагласува дека Бугарија нема билатерален проблем со Северна Македонија.

„Бугарија има интерес навистина да продолжува да биде поддржувач на европската перспектива на Западен Балкан. Да не забораваме дека темата суштестува во европскиот дневен ред, блогодарение на бугарското претседателство во 2018 година. Тоа значи дека ние треба да си ја вратиме позицијата на лидер во регионот, и за да бидеме лидер ние треба изразуваме јасно заедничкиот европски интерес и тоа е она што се обидувам во овие шест месеци да го направам. Бугарија нема билатерален проблем со Република Северна Македонија. Бугарија во име на заедничкиот европски интерес му кажува на Скопје што значи да сакаш да бидеш членка на ЕУ“, одговори  Габриел.

Ваквите пораки од Софија доаѓаат во време кога во Скопје се разменуваат жестоки обвинувања меѓу власта и опозицијата за блокираниот европски пат на земјата.  За СДСМ виновници за тоа се ВМРО-ДПМНЕ  и нивните политики, а за опозицијата - криминалот и корупцијата на власта.

Премиерот Ковачевски деновиве уште еднаш повтори дека не се можни промени во Преговарачката рамка за нашата земја.

„Некои сакаат да извлечат паралела со Србија. Србија има прифатено Поглавје 35 кое се вика Косово и во тоа поглавје влегуваат сите прашања поврзани со Косово. За среќа, ние не дозволивме да има посебно поглавје за прашања со соседите во нашата Преговарачка рамка“, рече Ковачевски.

Според премиерот, заклучоците на Европскиот совет за Северна Македонија се кристално јасни: земјата успешно го завршила скрининг-процесот што е нотирано од Европската комисија, а откако ќе ги спроведе уставните измени веднаш и без одложување ќе биде свикана втората меѓувладина конференција за отворање на преговарачките поглавја.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми