Дали ќе има доволно хуманитарна помош за Појасот Газа?
13 октомври 2025
Меѓународните организации за помош се подготвени да им ја обезбедат многу потребната помош на семејствата во Газа, но постои растечка загриженост дека залихите можеби нема да бидат доволни или за многумина ќе пристигнат предоцна.
Само неколку минути откако започна првата фаза од договорот за прекин на огнот во Газа меѓу Израел и Хамас, а поддржан од САД, на пладне по локално време во петокот на палестинската територија, претставникот на Комитетот за помош на Газа, локална организација што координира помали хуманитарни невладини организации, Ејад Амави за ДВ изјави дека знаците на терен покажуваат дека израелската војска постепено почнала да се повлекува. Тој се надева дека следниот чекор ќе биде зголемување на снабдувањето со храна, шатори и привремени сместувања, како и тешка опрема за отстранување на урнатини, чистење на патиштата и подготовка на земјиште за нови кампови, со оглед на тоа дека раселените лица ќе се враќаат во своите првобитни места на живеење.
Филип Лазарини, главен комесар на Агенцијата на ОН за палестински бегалци на Блискиот Исток (УНРВА), вели дека има доволно храна подготвена за транспорт со камиони во Газа за да се нахрани целото население во период од три месеци. Тоа се меѓу 8.700 и 11.000 камиони со по 15 до 20 тони храна, лекови и друга хуманитарна помош, според шефот за хуманитарна помош на ОН, Том Флечер. „Ќе се стремиме да го зголемиме снабдувањето со стотици камиони дневно“, посочи Флечер на брифингот во Њујорк во четвртокот, додавајќи дека ОН „ќе го зголеми обезбедувањето храна ширум Газа за да стигне до 2,1 милиони луѓе на кои им е потребна помош во храна и околу 500 илјади луѓе на кои им е потребна храна. Во областите каде владее глад, тој мора да се искорени и да се превенира каде што го нема“, рече тој. „Со оглед на нивото на потреби, нивото на изгладнетост, нивото на мизерија и очај, ќе биде потребен огромен колективен напор, а за тоа сме мобилизирани“, рече тој и додаде дека „апсолутно сме подготвени да дејствуваме и да испорачаме во толкав обем.“ И портпаролката на МКЦК за Израел и окупираните територии, Сара Дејвис, за ДВ рече дека „Меѓународниот комитет на Црвениот крст е подготвен да го зголеми својот хуманитарен ангажман во обем кој го дозволуваат условите на теренот “. „Подготвени сме да донесеме помош, како и да ја дистрибуираме безбедно и ефикасно, во согласност со хуманитарните принципи“, додаде таа.
Портпаролката на ЕК, Ануар Ел Ануни, за новинската агенција АП изјави дека ЕУ е подготвена брзо да испрати помош и да ги поддржи напорите за реконструкција и безбедност во Газа, доколку се почитува прекинот на огнот. Населението на Газа долго време зависи од хуманитарната помош, а ситуацијата се влоши со војната на Израел против Хамас од последните две години. Откако палестинската милитантна група и нејзините сојузници извршија напади врз Израел на 7. октомври 2023 година, при што повеќе од 1.200 луѓе беа убиени и околу 250 земени како заложници во Газа, Израел се одмазди со воена акција во која беа уништени големи делови од територијата и убиени повеќе од 67 илјади Палестинци, вклучувајќи десетици илјади деца. Околу 90% од населението неколку пати е раселено. Во јули, откако Израел го прекина примирјето и воведе блокада, ОН и други меѓународни организации предупредија од глад.
Како да влезе повеќе помош во Газа?
Во петокот, италијанскиот министер за одбрана Гвидо Кросето изјави дека италијанската полиција ќе продолжи да патролира на граничниот премин Рафах меѓу Газа и Египет на 14 октомври. Во 2005 година, ЕУ воспостави мисија за обезбедување неутрално присуство од трета страна. „Во согласност со договорот на Трамп, преминот Рафах ќе биде отворен во два правци, кон Египет и кон Газа“, наведува Кросето во соопштението.
Генерално станува збор за премин за пешаци, но во текот на изминатите две години и камиони со хуманитарна помош се натрупаа на египетската страна од границата. Кросето предвидува дека секој ден околу 600 камиони со хуманитарна помош ќе влегуваат во Газа преку Рафах и другите два премина во Газа, Керем Шалом и Ерез, кои граничат со Израел. Детската добротворна организација на ОН, УНИЦЕФ, исто така повика на внесување помош во Газа преку сите три премини. „Ситуацијата е критична“, рече портпаролот на УНИЦЕФ, Рикардо Пирес. „Ризикуваме огромен пораст на смртност кај деца, не само кај новороденчиња, туку и кај бебиња, со оглед на тоа што нивниот имунолошки систем е позагрозен од кога било до сега“, посочи Пирес.
ХРВ предупредува од смртни случаи во иднина
„Сега не е време за оддишка“, порача во петокот за ДВЦ, Омар Шакир, директор за Израел и Палестина во Хјуман рајтс воч (ХРВ). „Палестинците во Газа ќе продолжат да страдаат и да умираат сè додека Израел ја одржува својата незаконска блокада на Појасот Газа, вклучително и со ограничување на Обединетите нации и други хуманитарни организации да доставуваат помош која што е очајно потребна“, рече тој. Тој предупреди дека илјадници Палестинци во Газа веројатно починале и ќе продолжат да умираат како резултат на неухранетост, дехидрација и болести што произлегуваат од блокирањето од страна на израелските власти на пристапот до храна, вода и други нешта неопходни за опстанок на населението во Газа.
Што е со хуманитарната фондација Газа?
Во моментов е нејасно каква е улогата на Хуманитарната фондација Газа, поддржана од Израел и САД, која ги замени ОН и другите меѓународни организации како главен снабдувач со храна за жителите на Газа во мај годинава, откако Израел ја обвини Хамас, која е оквалификувана како терористичка организација од САД, ЕУ и многу други земји, за грабеж на помошта. Портпаролот на ОН, Стефан Дујарик, во четврток изјави дека нема информации за некаква улога на фондацијата за време на прекинот на огнот. Шефот за хуманитарни прашања на ОН, Том Флечер, го пофали фактот дека планот за прекин на огнот поддржан од САД ја истакнува „важноста на улогата на ОН како центар на хуманитарните напори“. Израел и хуманитарната фондацијата Газа беа предмет на жестоки критики откако израелската војска, договорните страни или вооружени банди беа обвинети за убивање и повредување на стотици палестински цивили на точките за дистрибуција на помош. ГХФ ги отфрли обвинувањата, посочувајќи на потешкотиите при дистрибуција на помош во конфликтните зони. Во неодамнешна објава на платформата X, извршниот директор на ГХФ, Џон Акри, рече дека организацијата останува посветена на тоа да ги поддржува „луѓето од Газа со надеж, достоинство и доверба и дека е желна да работи заедно со сите кои ја делат таквата мисија. Да се надеваме дека наредните денови и недели ќе донесат траен мир“, рече тој.