1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Газа: Арапските земји не сакаат да преземат одговорност

Керстен Книп
27 ноември 2023

Кога станува збор за политичката иднина на Појасот Газа по можното окончување на владеењето на Хамас, многу арапски држави досега покажаа воздржаност или дури и одбивност. Кои се причините за тоа?

Уништени згради во Појасот Газа, ноември 2023 година
Уништени згради во Појасот Газа, ноември 2023 годинаФотографија: Leo Correa/AP Photo/picture alliance

Министерот на Јордан за надворешни работи Ајман Сафади беше јасен дека војната која Израел ја води против Хамас во Појасот Газа е „очигледна агресија” против палестинските цивили и се заканува дестабилизација на целиот Блиски Исток. Со блокирањето на испораката на храна, лекови и гориво Израел врши „воени злосторства”, додава тој. Неговата земја важи за прозападна и има дури и официјални релации со Израел од средината на 90-тите години, иако политички се прилично студени.

А, сега и се влошија. „Сите мораме гласно и јасно да укажеме на катастрофата која израелската војна е не само за Појасот Газа, туку и за целиот регион”, вели за Сафади на т.н. Манама дијалог на Меѓународниот институт за стратешки студии во Бахреин.

Фокус на страдањата на Палестинците

Зборовите на Сафади јасно покажуваат дека дури и арапските држави кои дипломатски го признаа Израел, во моментов се дистанцираат од воениот одговор на Израел на терористичкиот напад од Хамас на 7 октомври. Тоа што Хамас во Германија, Европската унија, САД и други земји е оквалификувана како терористичка организација, во овој момент не игра никаква улога. Тоа што е многу поважно е солидарноста која многу граѓани во арапските земји ја чувствуваат спрема Палестинците во Појасот Газа, посебно имајќи го предвид и сѐ поголемиот број убиени откако таму започна израелската воена одмазда.

Незамислива хуманитарна катастрофа во Газа

02:24

This browser does not support the video element.

Но, арапските држави засега не искажуваат подготвеност да учествуваат во изградба на нов политички поредок по завршувањето на војната во Газа - кое сега уште не може ни да се наѕре. Тие земји не се подготвени да го пуштат Израел да прави што сака, а потоа да го чистат неговиот „неред”, нагласи Сафади. Сличен беше и ставот на претставниците на ОАЕ и на Саудиска Арабија.

„Да не се биде перцепиран како непријател"

Воздржаноста има пред сѐ политичка позадина. Од една страна тука е прашањето на сигурноста: дали на Израел сигурно ќе му успее да ја уништи Хамас и да ја направи безопасна. Сафади не верува во тоа. „Едноставно не разбирам како може да се постигне таа цел”, го пренесува германската новинска агенција ДПА. „Хамас е идеја", рече Сафади и додаде дека идеја не може да се уништи со бомби.

Да се преземе политичка или дури и воена одговорност во идниот Појас Газа, во кој структурите или барем симпатиите меѓу населението спрема Хамас би можело да продолжат да постојат, Јордан би го довел во крајно деликатна ситуација - вклучително и можно, на внатрешнополитички план опасно обвинивање за „соучесништво”. Сафади покрај тоа политичката иднина на крајбрежниот појас не ја гледа како одговорност на Јордан или на другите арапски земји. „Дозволете ми да бидам многу јасен”, рече тој и додаде „Нема да има арапски сили во Газа. Никакви. На нас нема да се гледа како на непријатели”.

Амбивалентен став

Тоа што јорданскиот министер за надворешни работи посебно се истакнува со својата воздржаност, не е случајност, вели Николас Фром, политиколог на универзитетот „Хелмут Шмит” во Хамбург. „Јордан веќе долго има мировен договор со Израел. Двете земји соработуваат со децении. Заради тоа Кралството беше и уште е критикувано во делови од арапскиот свет", вели Фром.

Поглед во тунел, кој според израелските информации, го користи Хамас во болницата Ал-Шифа во ГазаФотографија: Israel Defense Forces/UPI Photo/Newscom/picture alliance

Други арапски држави веројатно ќе бидат во слична ситуација, посебно оние во Заливот. Некои од нив, како ОАЕ и Бахреин, склучија договори за нормализација со Израел пред само неколку години. Други, како Саудиска Арабија, барем до неодамна одржуваа добри, неофицијални односи. И тие сега веројатно ќе се најдат во дилема, со оглед на тоа дека делови од населението се противат на таквиот правец. „Палестинското прашање уште игра главна улога во арапскиот свет и има голем емоционален и политички потенцијал за мобилизација", вели Ексрт Верц, директор на Институтот ГИГА за блискоисточни студии од Хамбург. Политичарите на власта не можат, вели Верц, да го игнорираат расположението меѓу населението.

Но, барем некои заливски држави би можеле да имаат прилично амбивалентен став спрема војната во Газа, смета Верц. „Некои арапски држави имаат многу критичен однос со Хамас. Таа е огранок на Муслиманското братство, кое е активно во Египет, Саудиска Арабија и важи за терористичка организација во Емиратите", вели тој. Владите на тие држави би можеле така потајно да бидат среќни ако Хамас во Појасот Газа биде неутрализиран или барем ограничен во неговите можности. Истовремено, и во тие арапски престолнини го гледаат страдањето на цивилното население, вели германскиот експерт.

Финансиска воздржаност

Уште еден голем предизвик по завршувањето на војната веројатно ќе биде помошта за Појасот Газа, кој веќе беше економски осиромашен уште пред почетокот на војната, за повторно да застане на нозе. Регионот кој Израел и Египет со години непрекинато го блокираа, тешко дека тоа ќе може сам да го стори. „Сепак никој, ни Израел, ни Америка, ни арапските држави, ни палестинските челници не сакаат да преземат одговорност за тоа", наведува весникот „Економист” сумирајќи ги резултатите од состанокот во Манама. 

Чад се крева над градот Газа по израелски воздушен напад на 22 ноември, 2023 годинаФотографија: Alexander Ermochenko/REUTERS

Дури и пред војната, богатите заливски држави полека отстапуваа од дипломатијата заснована на остварување влијание преку фунансиска поддршка, наведува „Економист” во својата анализа. Како резултат на тоа, можеби тие нема да имаат волја да ја фунансираат идната обнова. „Веќе неколку пати го обновија Појасот Газа”, весникот цитира неименуван западен дипломат. Ако обновата на Појасот Газа “не е дел од сериозен мировен процес, тие нема да платат”, се цитира понатаму.

Експертот за Блискиот Исток, Верц, исто така гледа трајно политичко решение само во создавањето две држави, како минимален предуслов за можен подоцнежен ангажман во обновата на Појасот Газа. „Не може на секои неколку години да обновувате и потоа повторно да се руши. На ова веројатно слично се гледа и во Европската унија и во заливските држави", вели тој. Реално гледано, заливските држави беа финансиски воздржани во последните 15 години, додава политикологот Фром.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми