1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гемиџиите по третпат ги поврзаа Велес и Солун

29 јуни 2026

Иако регатата се одвива по 26-ти пат, ова е трета година во која пловидбата заврши во Солун, идентично како онаа на велешките трговци во минатото.

Реката Вардар, Северна Македонија
Не е едноставно да се заплови низ ВардарФотографија: Ivan Gushev

Чамците растоварени, пловењето успешно завршено, се сумираат впечатоците од Вардарска регата „Гемиџии“ која по 26-ти пат ја оживеа традицијата и патшествието на велешките трговци во 19-тиот век.

Годинава во регатата се вклучија околу 60 учесници, како и извидници од земји од регионот, предводени и во организација на велешкиот извиднички одред „Димитар Влахов", а под покровителство на Општина Велес.

 „Успешно заврши уште една вардарска регата“, со задоволство оценува старешната на извидничкиот одред „Димитар Влахов“ и капетан на регатата, Ангелче Гушев.

Не е едноставно да се заплови низ Вардар. Не е доволна само желба, туку и обезбедување на низа дозволи - одобрение од Капетанијата во Охрид, дозвола од ЕСМ за да се помине низ браната кај Неготино, и дозвола од Министерството за одбрана за да се преспие во првата базна станица - Криволак.

За разлика од претходните 23 регати, кои завршуваа кај Гевгелија, благодарение на соработката и логистиката од солунските извидници - кои им ги обезбедиле сите потребни документи од грчките институции - ова е трета година по ред во која регатата завршува идентично како онаа на гемиџиите. Последната станица е кај црквата „Свети Никола“ пред Солун, бидејќи тоа е местото каде пред многу години велешките трговци ја истоварувале стоката за продажба на тамошните пазари.

Годинава во регатата се вклучија околу 60 учесници, како и извидници од земји од регионотФотографија: Ivan Gushev

Сензибилитетот на реката

Гушев одлично ја познава реката „однатре“. Речиси две децении е дел од регатата, а како нејзин капетан, заедно со тимот, неколку дена пред нејзиниот почеток вршат проверка на рутата, бидејќи, како што вели, реката може да биде непредвидлива.

Учесниците поминаа пет дена во веслање (18-ти до 23 -ти јуни) во просек од седум до десет часа дневно во зависност од тежината на етапата, престојуваа во пет базни логори за преноќување и поминаа многу километри доживеани низ различниот сензибилитет на реката.

„Некаде весламе низ помирни води, но делот во Демиркаписко е нашето вистинско адреналинско искуство. Воедно, неописива е убавината на Демиркаписката клисура“, раскажува младиот извидник Иван.

„Часовите напорно веслање, без оглед на екстремно високата температура, брзо се забораваат. Останува задоволството што и оваа година успешно ја оживеавме и зачуваме традицијата на гемиџиите“, вели капетанот на регатата.

Учесниците поминаа пет дена во веслање (18-ти до 23 -ти јуни) во просек од седум до десет часа дневно во зависност од тежината на етапатаФотографија: Ivan Gushev

Учесниците и годинава традиционално запловија под Малото мовче во Велес, истото место од каде во минатото тргнувале гемиџиите натоварени со трговска стока. За разлика од минатото, кога трговците решиле по воден пат да патуваат до Солун за да ги избегнат давачките за друмарина и мостарина, современите гемиџии веслаат во гумени чамци, од практични причини. Поради гранични процедури на преминот Богородица/Евзони, многу полесно е таквата опрема накратко да ја префрлат на копно. По Евзони повторно продолжуваат по речен пат. Освен од грчки извидници, годинава во првата базна станица во Поликастро биле пречекани и од заменик-градоначалникот на таа општина, водено задолжен и за туризмот во таа област.

#dw_BalkanBooster: Вардар го труе сѐ и сешто

02:33

This browser does not support the video element.

Вардар и Вардар

Додека во минатото велешките трговци најчесто продавале жито, памук, сахтијан (обработена јарешка кожа) шарлаган (ладно цедено масло од афион) и други производи, денес чамците се натоварени со желба со соработка и зачувување на традицијата која некогаш ги спојувала двата града.

„Имаме многу добра и успешна соработка со извидниците од Солун. Три години по ред сме сведоци на нивното гостопримство. Последната вечер вообичаено ја поминуваме во дружење во нивната база во солунската населба Каламариа и во планови за натамошна соработка“, вели капетанот на регатата. 

Она што го воочуваат при пловењето од Велес до Солун, е чистотата на Вардар (Аксиос) во Грција, за разлика од македонскиот дел.

„Таму не пловат пластични шишиња во реката, никој не фрла во речното корито ни смет ни шут, ниту може крај бреговите да се видат мрши од домашни животни. Аксиос е заштитена река, водата е чиста, има поинаква боја, а нејзината делта е дел од европската мрежа на заштитени подрачја Натура 2000, каде се гнездат или поминуваат 300 видови птици“, посочуваат велешките извидници.

Вардар- од гордост до депонија

03:14

This browser does not support the video element.

Време е за дејствување

Бидејќи регатата е одлична можност за скенирање на состојбата на Вардар, велешките извидници со години укажуваат на деградацијата на реката и нејзиното корито низ Северна Македонија, а како голем проблем ги посочуваат сепарациите за песок.

„На многу места е видливо преградување на реката за да направат пристап за механизацијата за копање песок од коритото“, велат извидниците.

Вардар е нашиот крвоток, би биле неодговорни ако не го заштитиме, вели капетанот на регатата, Ангелче ГушевФотографија: Ivan Gushev

Ваквите сепарации го менуваат природниот тек на Вардар, ја принудуваат реката да бара нов пат, а тоа резултира со поткопување на бреговите на некои места. Како видлива последица на оваа ерозија е тоа е што голем дел од крајбрежните лозови насади се поткопани, лозници завршуваат во реката заедно со столпчињата, а површината на насадите се намалува.

Од велешкиот извиднички одред во повеќе наврати ја нудат нивната помош за расчистување на речното корито. Во прашање не е само регатата и традицијата. Велешани се неодвоиво позврзани со Вардар. Животот во градот пулсира од двете страни на реката, граѓаните ја преминуваат преку мостовите по неколкупати дневно, ги гледаат сите нејзини промени, лузни, болки и деградации. Тие не живеаат покрај неа, туку буквало со неа.

„Мора да се направи нешто. Вардар е нашиот крвоток, би биле неодговорни ако не го заштитиме. Со години апелираме и ги маркираме сите деградации. Време е за дејствување. Генерации растеле и растат покрај Вардар, ама сите треба да пораснеме и во свеста за негова заштита", порачува Гушев.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми