1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„НАТО мора да се подготви за војна со Русија“

БГ
15 септември 2023

Ричард Ширеф е пензиониран британски генерал, кој беше заменик-началник на Главниот штаб на НАТО од 2011 до 2014 година. Во интервју за ДВ вели дека Алијансата мора да се подготвува за најлошото сценарио со Русија.

Ричард Ширеф
Ричард Ширеф е пензиониран британски генерал, кој беше заменик-началник на Главниот штаб на НАТО од 2011 до 2014 година.Фотографија: cc-by-Chatham House

Доколку Украинците не успеат да победат во војната и да ги исфрлат руските трупи од нивната земја, НАТО Алијансата ќе мора да испрати копнени трупи во Украина и да ја заврши таа мисија, вели генералот Ричард Ширеф во интервју за емисијата „Конфликтна зона“ на Дојче веле. 

„Доколку НАТО сака долгорочно да ја запре Русија ќе мора да биде подготвено за најлошото сценарио, а тоа е да биде подготвено да се бори против Русија“, вели Ширеф. 

„Оваа војна не започна во февруари 2022 година. Таа започна во март 2014 година кога Русија ја нападна Украина, односно во февруари 2014 година, кога го анектираше Крим. И ако НАТО тогаш се разбудеше и навистина ги воведеше мерките потребни за да ја изгради својата способност со висок интензитет, а) можеби нема да сме тука каде што сме и б) Украина можеби нема да биде таму каде што е.

За да го заштити НАТО, да ја заштити Европа, да ја заштити Алијансата, да ја заштити Украина, НАТО треба да воспостави челична заштитна ограда за одвраќање низ Источна Европа, да ги вклучи Украина, Молдавија, Грузија, можеби дури еден ден и Белорусија за заштита од Русија.“

Една контраофанзива нема да е доволна

Генералот Ричард Ширеф е пензиониран од активната служба, но се уште важи за влијателен човек на највисоко ниво. Тој не крие дека е незадоволен од однесувањето на НАТО, во најголем дел поради нештата што не се преземени, а не поради оние што се направени. Ширеф е критичен што НАТО не и даде на Украина јасен патоказ до полноправно членство, и што не и дава ракети со долг дострел со кои би можела да напаѓа цели зад руските први борбени линии. 

Ширеф се надева дека НАТО нема да мора да се вмеша во војната на Украина, но не е убеден дека ќе успее.
„Се молам тоа да не се случи. Но, доколку алтернативата е деценија на ќорсокак, деценија на огромни жртви, којзнае, можеби воздушната моќ на НАТО ќе треба да се инволвира за да се смени балансот“. 

Украински војници со тенк „Гепард“ на вежби во близина на КиевФотографија: Sergei Supinsky/AFP/Getty Images

Ширеф смета дека Украина може и сама да победи во војната, но ќе и бидат потребни повеќе контраофанзиви за да ги протера окупаторите.
„Нема да заврши со една офанзива. Треба да бидеме подготвени да ги поддржуваме Украинците во серија контраофанзиви, и секоја од нив ќе бара исто ниво на обука, опрема и муниција.“ 

Поддршката од Западот  

Она што го загрижува Ширеф, е колку Западот ќе издржи во поддршката за Украина.

„Ме загрижува поддршката на Западот за Украина. Се наоѓаме пред изборна година во САД. Тројца водечки републикански кандидати најавија дека ќе ја повлечат американската поддршка за Украина. 

Германија уште не одлучила дали ќе испрати 'Таурус', прецизни ракети со долг дострел, кои имаат сериозна моќност и се точно она што и треба на Украина како дополнување за „Химарс“ и британските „Сторм Шедоу“. 

Доколку Западот го стори она што треба, тогаш и Западот ќе биде побезбеден затоа што тоа ќе значи дека Украина побрзо ќе ја победи Русија. Доколку ова се оддолжи, Западот и Европа ќе бидат помалку безбедни и во опасност“, заклучува генерал Ширеф. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми