1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаГрција

Генерален штрајк ја парализира Грција

Софија Клефтаки
17 април 2024

Грција ја надмина големата должничка криза и забележа економски успех во последните години. Сепак, поголемиот дел од грчкото население тешко ги покрива своите животни трошоци.

Грција Атина метро генерален штрајк
Веќе ништо не вози: Влезот во метрото во Атина е затворен на денот на генералниот штрајкФотографија: Sofia Kleftaki/DW

Влезовите во метро-станиците останаа затворени, автобусите се во транспортните центри, нема дневни весници на киосците: Грција оваа среда (17.04.2024) е практично парализирана. Како одговор на зголемените трошоци за живот, кровната организација на синдикатите (ГСЕЕ) повика на генерален штрајк. Списокот на барања пред сè вклучува зголемување на платите и поконзистентна примена на колективните договори, но и ефективни мерки против драматичните поскапувања кои се шират низ Грција.

Генералниот штрајк започна во вторник (16.04.2024) со 24 часовен штрајк на грчките новинари, како и на техничкиот и административниот персонал на сите печатени, електронски и онлајн медиуми во јавниот и во приватниот сектор. Репризи беа прикажани на многу телевизиски и радио станици, а и не беа објавени весници.

Грција се опорави од тешката финансиска криза од 2010 до 2016 година и забележа значителни економски успеси во последните години. Сепак, расте незадоволството кај грчкото население.

Членовите на ГСЕЕ информираат за нивните барања во пресрет на генералниот штрајк во АтинаФотографија: Sofia Kleftaki/DW

За голем дел од Грците покривањето на трошоците за живот е сериозен предизвик - според Евростат, куповната моќ на Грците е втора најниска во ЕУ. Само Бугарите можат да си дозволат уште помалку во споредба со нивните приходи.

Стојат метрото, автобусите, возовите, траектите...

Транспортниот сектор е особено погоден од штрајкот: метрото во Атина, сите возови и трамваи штрајкуваат, траектите остануваат во пристаниште, а автобусите сообраќаат само во одредено време. Во 24-часовниот штрајк учествуваат и лекарите во болниците. Меѓу другото, бараат бесплатен здравствен систем за сите и зголемување на болничкиот персонал.

Со работа престанаа и таксистите. „За да преживеам и да заработам за живот, морам да работам во просек најмалку десет часа дневно“, вели атинскиот таксист Павлос Цигкунакис, опишувајќи ја својата секојдневна рутина. Слично искуство има и Јоргос Мамалис, исто така, таксист во Атина. „Поради високите цени и огромните даноци за нас, таксистите, ситуацијата се влошува секој ден, без разлика колку напорно работам“, вели тој.

Таксистот Павлос Цигунакис на плоштадот Синтагма во АтинаФотографија: Sofia Kleftaki/DW

Јоргос Асланидис е возач на автобус веќе 20 години. „Ги сакаме нашите животи назад“, вели тој. „Многумина се на мислење дека штрајкот нема да постигне ништо, но вреди да се проба.“ Ниските плати не му се единствениот проблем, тој смета и дека условите за работа се речиси неподносливи. „Има недостиг на персонал. Има и технички недостатоци. Во вчерашната смена морав двапати да го сменам возилото поради дефект.“

„Успешна приказна“ или „пеколно сценарио“?

Месецов Грција ја зголеми минималната плата за 6,4 отсто - на 830 евра месечно. Но, за многу Грци тоа сè уште не е доволно. „Минималната плата во Грција е далеку под европскиот просек“, вели Танасис, кој е активен во ГСЕЕ. Еден ден пред генералниот штрајк, тој и други волонтери застанаа на излезот од метрото до плоштадот Синтагма во Атина и им делеа ГСЕЕ летоци на минувачите. „Луѓето веќе не можат да си дозволат основна храна како млеко за своите бебиња - или нормален стан.“

Овој 29-годишник смета дека претходните мерки на грчката влада за зајакнување на економијата не биле прифатени од населението. „Успешната приказна за закрепнувањето на грчката економија главно се однесува на инвестиции. Ако зборуваме за грчкото население, тогаш тоа не е успешна приказна, туку пеколно сценарио.“

Волонтерите на ГСЕЕ делат летоци на минувачите на метро станицата СинтагмаФотографија: Sofia Kleftaki/DW

Расте незадоволството кај населението

Големата инфлација во последните месеци ги изеде и онака ниските плати и пензии на многу Грци. А 60-годишниот пензионер Јоргос едвај врзува крај со крај. „Пензијата ја земам на крајот на месецот и секој десетти во месецот треба да позајмуваме пари од нашите деца“, вели тој. „Значи пензијата ни е доволна само за десет дена.“ Тој и неговата сопруга Теодора имаат дури и сопствен стан и не треба да плаќаат кирија. Теодора која, исто така, е во пензија, 36 години работела во јавниот сектор. „Пензијата ми е 950 евра. А, тоа не е доволно ни за пазарење во супермаркет. Се трудиме да заштедиме секаде, купуваме само специјални понуди или производи со послаб квалитет.“

За да се спротивстави на високите цени, грчката влада во ноември 2022 година ја воведе таканаречената „кошничка за домаќинство“, која има за цел да гарантира пониска цена за одредени основни прехранбени производи. Дури е воведена и таканаречена „Велигденска кошничка“, специјално за претстојниот грчки православен Велигден, на 5 мај 2024 година, која е наменета финансиски да ги растовари домаќинствата за најважниот православен празник. Сепак, некои производи, како што е маслиновото масло, станаа луксузна стока - тешко достапна за дел од населението.

Иако економијата закрепна, финансиската ситуација за многу Грци останува напрегнатаФотографија: Kaki Bali/DW

Разбирање за штрајкот - и страв

Сепак, штрајкувањето не е опција за секого. Јоргос и Теодора споменуваат дека многу Грци се плашат да учествуваат во штрајкот. „Нашиот син ќе добие отказ следниот ден ако штрајкува. А, доколку една плата отпадне во семејството, тоа веќе не може да се прехрани“, вели Теодора.

36-годишниот Јоргос, кој работи како електроинженер во енергетската индустрија, говори за нешто слично.

„Во мојата компанија, колега доби отказ затоа што учествуваше во штрајк“, вели тој. „Многу луѓе се плашат да штрајкуваат, не само во послабо платените индустрии, туку и кај подобро платените работни места, бидејќи се плашат од последици во нивната работа.“ Идејата дека ништо не може да се постигне со штрајк е исто така широко распространета. Но, Јоргос не се согласува: „Според мене, не станува збор за тоа што ќе добиеш од таков штрајк следниот ден или задутре, туку за создавање колективна свест“. Само така, смета Јоргос, може да се иницира вистинска промена.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми