1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаГрција

Штрајк во Грција поради плановите за 13-часовен работен ден

1 октомври 2025

Грција планира да биде првата земја во Европската Унија што ќе воведе флексибилен 13-часовен работен ден. Синдикатите за денеска повикаа на генерален штрајк против ваквите планови.

Griechenland Tourismus Wirtschaft
Фотографија: robertharding/imago images

Во центарот, во срцето на стариот град на Атина: нешто пред 21 часот е, а малиот ресторан на газдарицата Мариза Елеонора, „Илијада“, сè уште е преполн. Сепак, таа ќе го затвори ресторанот во следните неколку минути, иако навистина добро би ѝ дошле зголемените приходи. Но, нејзиниот вработен веќе си заминал дома.

„Сега затвораме во 21:30 часот. Би сакала ресторанот да биде отворен до 23 часот, но не можам, бидејќи е премногу стресно за мене“, вели Елеонора. „Мојот вработен мораше да си замине во 20 часот. Да може да продолжи да работи, многу би ми помогнало.“

Веќе е воведена шестдневна работна недела

Во моментов, Грција, како и Германија, има осумчасовен работен ден. Но, владата сака дополнително да го флексибилизира работното време. Минатата година веќе беше дозволена  шестдневна работна недела. Сега доаѓа следниот чекор: министерката за труд Ники Керамеус се залага за 13-часовен работен ден. Во Грција има околу 80.000 слободни работни места само во туристичката индустрија. „Прво, тоа е опција, а не обврска. Второ, вработениот мора да се согласи. Трето, како вработен, не ви е потребна втора работа“, вели Керамеус.

Фактички, многу Грци работат на повеќе работни места. Финансиската криза од 2010-тите сè уште има влијание. За многумина, нивната редовна плата не е доволна за да ги покријат трошоците за живот - една од причините зошто сопственичката на ресторан Мариза Елеонора е исто така за новиот модел од 13 работни часа. „Мислам дека тоа ќе помогне затоа што ни требаат вработени, а вработените мора да работат повеќе за да ги покријат трошоците за живот.“

Горна граница на долгите работни денови

Сепак, на вработените не треба да им биде дозволено да работат непрекинато 13 часа по желба. Според нацрт-законот, ова е дозволено максимум 37 дена во годината. 40-часовната работна недела останува норма. А прекувремената работа треба подобро да се компензира, според министерката за труд Ники Керамеус: „Тоа значи 40 проценти поголема плата по прекувремен час.“

Сопственичката на ресторан Мариза Елеонара би била спремна да ги плати додатоците за прекувремена работа. „Бидејќи барам некого, а  не е лесно да се најде некој што ја познава работата  во моментов“, вели таа.

Но, не сите угостители мислат така: на неколку стотици метри оддалеченост, во ресторанот Саита,  шефицата не гледа предност во предложениот закон. „Исцрпувачки е; вработениот може да го прави тоа можеби еднаш месечно“, вели таа. „Бидејќи навистина се многу часови, да се стои толку долго и да се работи продуктивно.“

Критики од синдикатите

Критиките доаѓаат и од страна на вработените. Синдикатите ги отфрлаат плановите на надлежното министерство. За денеска (1.10) тие повикаа на генерален штрајк. Она што е сигурно е дека прикотвени ќе останат бродовите во пристаништата, а нема да возат ниту возовите ниту авионите.

Синдикалниот лидер Христос Гулас не верува во продуктивноста на 13-часовните работни денови, особено не за канцелариските работни места. Тој е исто така вознемирен што владата не ги вклучила синдикатите во подготовка на законот.

Тој се плаши дека предложениот закон е понатамошен чекор кон уште поголема флексибилност. „Во ерата на вештачка интелигенција и дигитализација, треба да зборуваме за оптимизирање на квалитетот на работата. Наместо тоа, ние постојано и погрешно се враќаме на традиционалниот модел на  долго работно време“,  вели Гулас.

Министерката за труд, сепак, објаснува дека ова би ги зајакнало правата на работниците, бидејќи би ја намалило непријавената работа. Доколку законот се усвои, што е веројатно затоа што владата има мнозинство во парламентот,  Грција  би била првата земја од  ЕУ  што ќе дозволи 13-часовен работен ден.

Автор: Астрид Халтер, АРД / Каки Бали

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми