1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Први тужби против ковид-19 вакцините во Германија

дпа
6 мај 2023

Наскоро почнуваат првите судски процеси: од производителот на вакцини Бионтек се бара да плаќа обесштетувања. Тужители се луѓе кои тврдат дека вакцината против коронавирус им нанела штети на здравјето.

вакцина Ковид
Колку пациенти претрпеле штети од вакцина против Ковид?Фотографија: Daniel Karmann/dpa/picture alliance

Како стојат шансите?

Кој се разболел откако се вакцинирал против коронавирус, брзо се сомнева во вакцината. Често пати таквиот сомнеж се отфрла. Можните компликации сега веќе се сфаќаат посериозно, дури и од страна на министерот за здравство. 

Пост-ковид амбуланта отвори пост-вакцинациски прием, производителите на вакцини се тужат за обесштетувања. Но, ако се погледне подетално, има недоразбирања, нејаснотии, свесно водење во заблуди и правни проблеми. Клучниот збор е каузалноста. Најважните прашања и одговори околу процесите.

Првиот граѓански процес беше закажан за крајот на април во Франкфурт и во меѓувреме поместен за 7 јули. Се работи за надомест на штета. Тужбата е насочена против Бионтек. 

Тужителката тврди дека од вакцината против Ковид-19 добила маана на срцето. Жената која според наводите на адвокатот и самата работи во медицинска професија, сака да остане анонимна. 

Две големи адвокатски канцеларии според сопствени наоди застапуваат троцифрен број луѓе пред суд. Тужени се различни производители на вакцини користени во Германија. 

За вакцините против Ковид-19 начелно важат истите правила за одговорност како и за други лекови според соодветните закони. Од производителот може да се бара одговорност ако има грешка во производството. Ако пак лекот се даде погрешно, одговорно е лицето кое ја дава вакцината. Проблем е каузалноста - дали штетата е предизвикана од вакцината?

Што велат производителите?

Бионтек во поглед на претстојните процеси нагласува дека „до сега во ниту еден од случаите не можело да се докаже каузалност меѓу претставените здравствени проблеми и вакцинирањето со Комирнати”. 

Портпаролка на компанијата за агенцијата ДПА вели дека „нашата одговорност како производител ја сфаќаме сериозно”. Бионтек внимателно го разгледува секој случај, за што предуслов е адвокатите да достават доволно материјали. „При оценувањето може да се потпреме само на медицинските факти за да евалуираме дали постои каузалност или не. Но, токму тоа често недостига”, велат од компанијата. 

Постои разлика меѓу „реакција на вакцината“ и „компликации“, велат експертитеФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Што се штетите од вакцините? 

Поимите често ги мешаат. Постои „реакција на вакцината”, што се типични поплаки како црвенило, отоци или болки на местото на убодот. Температура, главоболки и болки во зглобовите важат за нормална појава, тие се знак дека имуниот систем реагира на вакцината. 

Како „компликации” Институтот за безбедност на вакцини Паул Ерлих дефинира непосакувани реакции за кои вакцината е каузална и кои ги надминуваат реакциите на вакцината. Под „штета од вакцината” се подразбираат „здравствените и економски штети” пд таквата компликација. „Тешки нуспојави” се дефинирани во член 4 од Законот за лекови и тоа како последици кои се „смртоносни или животозагрозувачки, поради кои е нужна хоспитализација или продолжување на болничко лекување, траен или тежок хендикеп, инвалидност, конгенитални аномалии или родилни грешки”. 

Кои штети се познати? 

Институтот редовно објавува „безбедносни извештаи”. Во нив се излистани следниве тешки компликации: срцева болест мио/перикардитис, тромбови во мозок, пареза на лицето, слабост на мускулите викана Жил Бар синдром и тинитус. Сите тие се „ретки” (еден случај на 10 илјади до 1000 вакцинирани) или „многу ретки” (помалку од еден случај на 10 илјади). 

Според најновиот опширен извештај, кој содржи податоци до крајот на јуни 2022, имало 120 случаи, во кои меѓу смртен случај и вакцината против Ковид -19има „веројатна или можна каузална поврзаност”. Според Институтот, бројот на смртни случаи 30 дена по корона вакцина не е почест отколку што може да се очекува како статистички просек.

Колку случаи се пријавени? 

Институтот ги брои и пријавените сомнителни случаи. Дали сомнежот подоцна и се потврдил, не може да се заклучи од статистиката. Во Институтот до средина на минатата година биле пријавени 323.684 сомнителни случаи. 

Од почетокот на кампањата, дадени се според Роберт Кох Институтот вкупно 183 милиони дози против Ковид. Со тоа стапката изнесува за сите вакцини заедно 1,8 пријави на 1000 дози, за сомнителни случаи на тешки нуспојави 0,3 пријави на 1000 дози. Бројката значи се движи во промили.

Како да се категоризираат драматични поединечни судбини?

Во медиумите постојано се слуша за драматични случаи на поединци. Во емисија на германскиот јавен сервис АРД  беше претставен случајот на една поранешна професионална спортистка која по втората доза од вакцината се борела за живот и сега е врзана за количка. „Случаи како во прилогот се според актуелната состојба толку ретки што не може да бидат опфатени како статистичка величина”, вели Лајф Ерик Зандер, шеф на Инфективната клиника на берлинската болница „Шарите”. Такви екстремни појави може да има во поединечни случаи по вакцина за корона. Да имало почесто такви случаи, тоа ќе паднело во очи во податоците од Институтот Паул Ерлих и при 13 милијарди дадени дози ширум светот, но тоа не е така.

Се проверува дали навистина вакцината е причината за симптомитеФотографија: Christoph Hardt/Geisler-Fotopres/picture alliance

Што се турка под тепихот? 

Противници на короната, повикувајќи се на Здружението на здравствени осугурителни компании, тврдат дека во 2022 доктори со свои ординации пријавиле 2,5 милиони пати нуспојави од вакцината, со што во 1,5% од сите вакцинации против корина имало проблем. Кај конвенционалните вакцини пред мРНК техниката тој параметар изнесува 0,3 проценти. 

Проверка на факти покажала дека тука различни нешта биле ставени во ист кош и од тоа биле извлечени погрешни заклучоци. На пример исто третирани биле бенигни реакции на вакцината кои се чести, и вистински штети од вакцините кои се многу ретки. Сепак, цифрата 2,5 милиони оштетени од вакцината и натаму опстојува. При посета на изборна единица, Олаф Шолц беше соочен со оваа бројка. 

Што е тоа пост-вак”?

Аналогно на долгорочен ковид или пост-ковид, се наметна и поимот „пост-вак” за поплаки по вакцинација. Медицински, сликата на болеста не е дефинирана. Општо се мисли на поплаки какви што се појавуваат и по инфекција со Ковид. 

Универзитетската клиника во Марбург во рамки на ковид амбулантата имаат приемен оддел за „пост-вак” пациенти. „Имаме стотици прашање дневно за пост-вак синдромот”, вели шефот на амбулантата, професор Берхард Шифер. „Колку случаи ќе се испостават на крај, не може да се каже од првиот контакт”, вели тој. 

Ако амбулантата третира случај, се проверува дали навистина вакцината е причината за симптомите и битно е да се разликува дали пациентот е само вакциниран, или е и заразен. За тоа според Шифер се користи тест кој разликува меѓу антителата од вирусот и антителата од спајк-протеинот.

Каква е реакцијата на политиката? 

Министерот за здравство Карл Лаутербах вети помош за лицата кои се погодени од долгорочни последици од вирусот или вакцината. Министерството ќе почне програма во која ќе се истражуваат таквите последици и ќе се подобри грижата за погодените лица, најави Лаутербах за АРД. Долгорочните последици од вакцинацијата треба да бидат  препознаени побрзо. Коментатори тоа го оценуваат како пресврт на министерот од 180 степени, кој претходно нагласуваше дека нема задршки во врска со вакцините против Ковид. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми