Германците загрижени за трошоците за живот
22 септември 2025
Обесхрабрени, неодлучни, многу претпазливи, фокусирани на безбедноста, со прилична доза страв од иднината – тоа е она што глобално се смета за „германски страв” (German Angst). Затоа и не изненадува што многу студии за стравот се прават исклучиво во Германија.
Тоа важи и за студијата „Стравовите на Германците 2025“, на Информациониот центар на осигурителната компанија R+V, која по 34. пат ги прашува луѓето во Германија што најмногу ги загрижува, од што најмногу се плашат.
Изненадувачки резултат на актуелното истражување: и покрај глобалните кризи и напнатата економска ситуација – Германците се порелаксирани. Индексот на страв – просечната вредност на сите испитани стравови – значително падна на 37% (2024: 42%).
„Луѓето постојано се соочуваат со мноштво кризи пред кои се немоќни. Германците се навикнаа на таа состојба, станале уморни од кризи“, објасни политикологот Изабел Боруки, која како советник ја следеше студијата.
Тоа, сепак, не значи дека луѓето во Германија се безгрижни – фокусот едноставно повеќе им е насочен кон тука и сега. „Иако стравовите поради економската ситуација и трошоците за живот сè уште се високи, луѓето веќе не се чувствуваат толку погодени како порано“.
Најголеми се егзистенцијалните стравови
Повеќе од половина од населението (52 проценти) стравува од раст на трошоците за живот. Овој страв по 15-ти пат го зазема првото место на ранг-листата. Инаку, грижите поврзани со парите редовно се на врвот на листата.
Речиси половина Германци (49 проценти) се плашат дека државата ќе ги зголеми даноците или ќе ги намали социјалните давачки и услуги – трето место на листата.
Мал број станови, високи цени: 48 проценти од испитаниците стравуваат дека домувањето ќе стане неподносливо скапо (четврто место). Кај жените овој страв е поизразен отколку кај мажите.
Миграциите и понатаму плашат многумина – особено на исток
Исклучок на врвот на листата е загриженоста дека приливот на бегалци ќе ја преоптовари државата – второт место. А, на седмо место е загриженоста дека доселувањето странци ќе доведе до општествени тензии. Двете грижи се значително поизразени на истокот отколку на западот на земјата – и двете во споредба со минатата година видливо се намалиле.
Притоа, бројот на барања за азил во првата половина на 2025 година е речиси преполовен во однос на истиот период претходната година – благодарение на мерките на претходната и сегашната влада. Според политикологот Боруки, овде само на прв поглед станува збор за конкретната политика за доселување и нејзините мерки.
„Се работи за општествен идентитет, за прашањето што всушност значи културен соживот и што се подразбира под припадност. Прашањето за бегалците во суштина се надоврзува на тоа. Освен тоа, се разбира, стравовите од имиграција политички лесно може да се инструментализираат преку десничарско-популистички или десничарско-екстремистички наративи“.
Стравот, вели Боруки, е основно, егзистенцијално чувство. „Во тој смисол овде сме на емотивно, а помалку на фактичко ниво“.
Авторитарни владетели и Трамп
Само една работа ги загрижува Германците малку повеќе отколку минатата година: тоа што авторитарни владетели ширум светот стануваат сè помоќни. Ова е на петто место со 47 проценти. Веднаш зад тоа е загриженоста дека политиката на американскиот претседател Доналд Трамп го прави светот поопасен (шесто место, 45%).
Овие стравови се поизразени на западот на земјата отколку на истокот, а кај жените повеќе отколку кај мажите. Разликите се особено забележливи кога станува збор за стравот од последиците од политиката на Трамп.
Економија, војна во Украина, екстремизам, клима
Изненадувачки, и покрај неизвесните прогнози, стравот од полоша економска ситуација продолжува да опаѓа: 42 проценти од Германците се плашат од рецесија.
Војната во Украина сè уште трае. Стравот дека Германија би можела да стане страна во војната останува со 41 процент речиси непроменет. Оваа загриженост е особено изразена на истокот на земјата и меѓу жените.
Стравот од екстремизам повторно видливо опадна: во 2025 изнесува само 40 проценти. Но, на кој политички спектар мислат Германците? Повеќето испитани најмногу се плашат од десничарски (43%) и исламски (42%) екстремизам, додека од левичарски екстремизам стравуваат само осум проценти.
Загриженоста поради природни катастрофи и климатски промени, пак, се наоѓа дури на 15. и 16. место меѓу стравовите – и покрај сè поголемиот број природни катастрофи, поплави, шумски пожари и суши ширум светот. Тоа, сепак, може брзо да се промени: кај младите испитаници од 14 до 19 години, стравот од климатските промени е меѓу трите најголеми стравови.
Што е со поделбите во општеството
Поделбите во општеството и поларизацијата повеќе не предизвикуваат толку страв кај Германците (39%). Вредноста е намалена за девет проценти во однос на минатата година. Ниту еден друг страв не опаднал толку.
Но, на каква поделба мислат? Германците најмногу се плашат од јазот помеѓу луѓето со и без мигрантско потекло. Со значителна разлика следи загриженоста поради поделбата на богати и сиромашни и на оние со продемократски и антимократски ставови. Поделбата меѓу истокот и западот предизвикува страв кај само 22 проценти од испитаниците.
Главни стравови по возрасни групи
Колку што се Германците постари, толку се позагрижени: во просек, стравот расте со возраста. Тоа го покажува збирот на сите испитани стравови по возрасни групи.
А, на прашањето од што најмногу се плашат – младите и старите даваат многу различни одговори.
Кај најмладите испитани (14–19 години) најголем е стравот од војна во која Германија би учествувала (45%), следи стравот од политиката на Трамп и на крај од климатските промени.
Кај испитаниците од 20 до 39 години на прво место е грижата дека домувањето е прескапо. Кај оние од 40 до 59 години најмногу загрижува растот на трошоците за живот. Половина од двете возрасни групи се грижат за зголемување на даноците, односно намалување на социјалните давачки.
Кај постарата група на второ место е и стравот од прекумерна миграција. А, само кај групата постари од 60 години на врвот на листата се наоѓа грижата дека во староста тешко ќе заболат и ќе станат зависни од туѓа грижа. И оваа група многу се плаши од растот на трошоците за живот.