1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германците не веруваат во крај на војната во Украина

Сабине Кинкарц
5 јануари 2024

Во првото испитување на јавното мислење Дојчландтренд годинава, владее голем песимизам: војната во Украина нема да заврши оваа година. Во поглед на домашните теми, многумина мислат дека владината коалиција ќе се распадне

Војна во Украина
Мнозинство Германци не очекува крај на војната во Украина оваа годинаФотографија: Evgeniy Maloletka/ap/dpa/picture alliance

Реалноста на долгата и мачна војна во Украина има продрено во свеста на германските граѓани: во најновото истражување на агенцијата Инфратест-Димап само уште 9 проценти од анкетираните веруваат дека  војната ќе заврши  оваа година, дури 23 проценти помалку отколку што веруваа на почетокот на минатата година. Уверливо мнозинство – 75 проценти верува дека Украина сама треба да одлучи како и кога со преговори да го оконча конфликтот, но и тука Германците се прилично реалистични. Со оглед на изборната година во САД и се` поголемите тешкотии во испраќањето воена помош од убедливо најголемиот сојузник на Украина, 45 проценти се сомневаат дека Германија и ЕУ можат да ја надополнат таа помош, 35 проценти одговараат – „во никој случај“. Зашто, само уште 12 проценти анкетирани граѓани на Германија мислат дека и сегашната  финансиска помош на Украина  „не е доволна“, подеднаков број (40 и 41 процент) мислат дека таа помош е „соодветна“ и дури и „преголема“. 

Сето тоа веројатно значи дека Украина ќе мора да ја плати цената на таков мир: многу е зголемен бројот на оние, на 44 проценти (+9 проценти) кои мислат дека  Киев ќе мора да се одрече од дел од својата територија,  а и кај интеграцијата на Украина во ЕУ и НАТО има поголема трезвеност. По завршувањето на војната, Украина во НАТО ја гледаат 44 проценти испитаници, а во ЕУ – 53 проценти.

Песимизам и незадоволство

И во поглед на војната на Блискиот Исток кај Германците нема голем оптимизам: дури 73 проценти анкетирани граѓани мислат дека „не е веројатно“ таа да заврши во 2024 година. Во испитувањата Дојчландтренд на почетокот на годината Германците обично се трудат да веруваат дека новата година ќе биде подобра од претходната, но сега таква верба имаат само нешто повеќе од половината – 55 проценти. Од 1321 анкетиран граѓанин со право на глас, една третина мисли дека годинава ќе им биде полошо.

Кај мнозинството испитаници  нема голема надеж во престанок на поскапувањата,  во престанување на екстремни временски неприлики, ниту во  намалување на бројот на мигранти  во Европа. Вкупно, 83 проценти сметаат дека ситуацијата во Германија е „загрижувачка“, што во добар дел е поврзано и со владејачката коалиција.

Само 19 проценти се задоволни од работата на  канцеларот Олаф Шолц,  што е најниска поддршка на некој канцелар од 1997 година, кога а започнато вакво испитување на јавното мислење. Но, тој поминува дури и подобро од  целата влада –  од нејзината работа се задоволни само 17 проценти. Работата на владата негативно ја оценуваат дури и бирачите на владејачките партии – 78 проценти од бирачите на ФДП се незадоволни, 58 проценти од  поддржувачите на СПД,  а сега и половина од гласачите на Зелените. 

Политички прагматизам

И тука владее големо незадоволство поради мерките за штедење и планираното укинување на одделни државни субвенции, а колку и целата ланска година повторно да избиваа спорови меѓу политичарите на владејачката коалиција, 49 проценти веруваат дека таа сепак ќе издржи во 2024 година, додека нејзино распаѓање очекуваат 41 процент.

Колкава е довербата на германските граѓани во политичките партии? Ако сега би се одржале избори, ЦДУ/ЦСУ би освоиле 31 процент гласови, СПД останува на 14 проценти, Зелените – 13 проценти, додека ФДП сепак би го прешла цензусот од 5 проценти и би влегла во Бундестагот. АфД и натаму бележи пораст на поддршката – 22 проценти, а партијата Левица со 4 проценти не би влегла во парламентот.

 

Сабине Кинкарц новинарка на ДВ
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми