1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германците незадоволни од нивната влада и од ЕУ

Сабине Кинкарц
3 мај 2024

Речиси 80 отсто Германци се незадоволни од владата на Олаф Шолц, а две третини од политиката на ЕУ. Најмногу ги загрижува прашањето за миграцијата и интеграцијата на бегалците

Бранденбург
Прифатен центар за мигранти во БранденбургФотографија: Patrick Pleul/dpa/picture alliance

Се ближат јунските избори за Европскиот парламент, но половина од Германците велат дека малку или воопшто не ги интересираат.

Незадоволството од политиката на ЕУ е еден од главните наоди на новото истражување на Deutschlandtrend, кое секој месец го спроведува германскиот јавен сервис АРД за да го мери расположението на јавното мислење.

Две третини од Германците се незадоволни од политиката на ниво на ЕУ, а само една третина се задоволни.

Мнозинството критичари на ЕУ се меѓу гласачите на десничарската Алтернатива за Германија и на новата левичарска партија „Сојуз Сара Вагенкнехт“.

Како најголем проблем, 41 процент од Германците ја истакнале темата за   имиграција, азил и интеграција на дојденците.51 отсто од нив сметаат дека решението би биле договори за бегалците како оние што се преговараат со Египет, Либан и Тунис.

Во основа, тие договори ќе предвидат овие земји да ги спречат потенцијалните баратели на азил да патуваат во Европа, а за возврат да добиваат огромни средства од буџетот на ЕУ.

По проблемот со миграцијата, 34 отсто од Германците ги идентификувале меѓународните конфликти и закани како главен проблем, 21 отсто ја истакнале заштитата на животната средина и климата, а една петтина ја гледаат послабата економија како итен проблем. 

Демохристијаните сè уште се убедливо најсилни 

Во оваа анкета стандардно прашање е и за кого би гласале луѓето ако се одржат националните и европските избори следната недела, но тука нема значајни промени.

Опозициските демохристијани уживаат поддршка од 31 отсто од граѓаните (30 отсто на европските избори). Владејачките Социјалдемократи и Зелените имаат по 15 проценти (14 и 15 на европските избори), а третата владејачка партија, Либералите, со пет проценти на домашната сцена и четири на европската сцена - со што се на прагот на цензусот.

АфД остана на 18 отсто (15 отсто за европските избори), а партијата на Сара Вагенкнехт сепак ќе биде во парламентот со пет отсто (седум на европските избори). Нејзината поранешна партија, Левица, е под цензусот. 

Дури 79 отсто од граѓаните се незадоволни од работата на владата на Олаф Шолц.

АфД подобро стоеше пред неколку месеци, но оттогаш се нанижаа скандали околу партијата. Последно е апсењето на помошникот на Максимилијан Крах, кој требаше да биде носител на листата на АфД на европските избори. Асистентот е осомничен дека шпионирал за Кина.

Во Deutschlandtrend, над 70 отсто од граѓаните велат дека AfD треба да ги преиспита своите блиски односи со Русија и Кина. 

Да се штеди, но на што? 

Како клучно домашно прашање се наметнува државниот буџет за наредната година за кој се расправаат партиите од владејачката коалиција.

Банкноти од 100 евра Фотографија: DesignIt/Zoonar/picture alliance

Накратко, либералите инсистираат буџетот да биде на нула, без нови долгови, како што пишува во Уставот. Социјалдемократите и Зелените би сакале ново задолжување во време на криза.

Јавното мислење најмногу се залага за штедливата опција - 54 отсто, додека 40 отсто сакаат да се реформира уставното правило за задолжување.

Ако остане „должничката кочница“, тогаш треба да се заштедат околу 30 милијарди евра. Но, во која област?

Јасно е дека дури 78 отсто од граѓаните сметаат дека тоа не треба да се расходи за здравство и нега на стари лица, односно сметаат дека треба да се зголемат овие расходи.

На листата на приоритети на Германците се и пензиите (58 отсто сакаат зголемување на расходите), поддршката за семејството и децата (55), одбраната и армијата (50), и интеграцијата на бегалците (17) и социјалната помош (10). 

 

Сабине Кинкарц новинарка на ДВ
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми