1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германците незадоволни од владата

Сабине Кинкарц
2 септември 2023

Германците се незадоволни од актуелната влада, како никогаш досега. Ова го покажува редовната анкета „Германски тренд“. Како најголеми проблеми, испитаниците ги истакнуваат економијата и доселувањето.

Темни облаци над пристаништето во Хамбург - симбол за економската криза во која се наоѓа Германија
Темни облаци над пристаништето во Хамбург - симбол за економската криза во која се наоѓа ГерманијаФотографија: Maximilian Koch/picture alliance

Германскиот канцелар Олаф Шолц (СПД) се повлече на нешто повеќе од 24 часа со своите министри на затворен состанок во замокот Мезеберг со цел да им каже на членовите на кабинетот што отворено мисли - за стагнацијата и за заканувачката рецесија во германската економија, како и што може да се направи против тоа. Тема беше и сѐ помалата поддршка за коалициската влада на Германија составена од Социјалдемократите (СПД), Зелените и Либералите (ФДП). И се договорија помалку да се расправаат, а подобро да работат.

Германците, меѓутоа, веќе немаат голема доверба во таа влада. Само 19 отсто од нив се задоволни од нејзината работа. Ова го покажува истражувањето на јавното мислење „Германски тренд“ (Дојчландтренд), кое редовно го спроведува институтот „Инфратест-димап“ за јавниот сервис АРД. Анкетата е спроведена од 28 до 30 август на репрезентативен примерок од 1.310 граѓани со право на глас.

Големо незадоволство од работата на владата има кај симпатизерите на партиите од владејачката коалиција. Либералните симпатизери се особено незадоволни: четири петтини од нив силно го критикуваат кабинетот на Шолц, иако во него има и министри од редовите на либералите.

Лидерите на владејачката коалиција во Германија по средбата во Мезеберг: Кристијан Линднер (ФДП), Олаф Шолц (СПД) и Роберт Хабек (Зелени)Фотографија: LISI NIESNER/REUTERS

Не е невообичаено владите да губат популарност на почетокот на нивниот мандат. Сепак, претходните влади успеаја да ја вратат довербата на гласачите многу пред половината од нивниот мандат. Оваа сегашна, таканаречена „Семафор коалиција“ досега не успеа да го стори тоа, иако стигна до половината на својот мандат.

Тоа го покажува и прашањето за кого би гласале доколку следната недела се одржат избори? Доколку викендов се избира нов состав на Бундестагот, партиите од владејачката коалиција, СПД, Зелените и ФДП, нема да имаат мнозинство.

Опозициските демохристијани (ЦДУ/ЦСУ) и натаму имаат најголема поддршка, 29 отсто. Следи опозициската Алтернатива за Германија (АфД) со 22%. Партијата на канцеларот, СПД, би добила само 16 отсто, Зелените 14 проценти, а либералите шест отсто. Опозициската Левица со четири отсто поддршка не би ни влегла во парламентот.

Впечатлива е и големата непопуларност на канцеларот. Олаф Шолц достигна нов негативен рекорд: според истражувањето, само секој четврти гласач е задоволен од неговата работа.

На средбата во Мезебург канцеларот и министрите одлучија да направат план од десет точки во кој економијата е на прво место. Компаниите би требало да добијат поддршка преку даночни олеснувања во вредност од милијарди евра, а интензивно би требало да се работи и на намалување на бирократијата. 

Непопуларниот канцелар Олаф ШолцФотографија: picture alliance

Мерките за стимулирање на економијата сигурно се во согласност со очекувањата на многу граѓани. Бидејќи, според анкетата, граѓаните ја гледаат состојбата во економијата како многу критична: 73 отсто од испитаниците сметаат дека состојбата е „лоша“ или „полоша од порано“. Само меѓу поддржувачите на Зелените мнозинството не гледа причина за загриженост.

Истовремено, речиси половина од испитаниците (46 отсто) очекуваат влошување на економската состојба во наредните 12 месеци, 38 насто сметаат дека ќе биде исто како и сега, а само 13 отсто очекуваат подобрување. Лошата состојба во економијата испитаниците ја оценуваат како најголем проблем со кој моментално се бори Германија.

Прашањето за економијата и за економскиот раст во последните пет месеци доби на важност, додека војната во Украина и нејзините последици изгубија важност кај граѓаните на Германија. На четврто место, по економијата, имиграцијата и заштитата на животната средина, е прашањето за социјална правда. Во Германија, во принцип, постои големо незадоволство од распределбата на економската благосостојба, а и таа порасна. Осум од десет испитаници сметаат дека распределбата на добра во Германија е неправедна.

Германија: Инфраструктура во распаѓање

01:14

This browser does not support the video element.

Со цел да се обезбеди поддршка на семејствата, владата неодамна поднесе предлог во законодавната процедура за основна парична помош за деца, односно основна детска заштита. Шеесет проценти од испитаниците сметаат дека тоа е правилно.

Во владејачката коалиција постојат разлики и за уште два проблема: воведување на горна граница за цената на струјата за индустријата и посилно регулирање на растот на цените на киријата, што бараат делови од СПД и од Зелените.

Германците се прилично воздржани кога станува збор за субвенционирање на цената на струјата за економските сектори кои трошат многу енергија: 38 отсто сметаат дека идејата е добра. Истовремено, 72 насто од испитаниците во анкетата „Германски тренд“ сметаат дека е правилно да се ограничи зголемувањето на цените на киријата.

 

Сабине Кинкарц новинарка на ДВ
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми