1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Под притисок на инфлацијата: Свои бавчи наместо супермаркет

Тања Прашак (СВР)
13 август 2022

Цените на храната веројатно ќе продолжат да растат во наредните месеци. Сѐ повеќе семејства реагираат на инфлацијата и сакаат да бидат посамостојни - со зеленчук од сопствената градина.

Gartenprojekt "Allmende Kontor"
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Stache

„Добра сум во ова!“, вели гордо седумгодишната Анели Шретер, полевајќи ја свежо засадената зелена салата во градината. Семејството Шретер од оваа година е член на Здружението за градинарство Ландштул, во покраината Рајнланд-Пфалц. Семејството со три деца сака во иднина да одгледува зеленчук во својата градина. Помош за ова наоѓа во здружението за градинарство. Прво се вежба со дел во заедничка градина, а потоа треба да следи сопствена градина пред нивната куќа.

Бавча наместо супермаркет

Притоа, младото семејство не се занимава само со здрава, сезонска храна. 34-годишната Лиза Шретер мора и да внимава на издатоците поради зголемените цени на храната: „Морам да поминам низ неколку супермаркети и да ги споредам цените, бидејќи намирниците се многу поскапени. Двапати помислувам колку брокула сум ставила во кошничката за купување“.

Пред една година трошела по околу 100 евра за намирници за пет дена. Сега тие чинат 170 евра. Многу пари за семејството со три деца - иако и двајцата родители работат со полно работно време, семејството се храни главно вегетаријански и готви за себе.

Фотографија: Neil King/DW

Се зголемува трендот за храна од сопствено производство

Случајот на семејството Шретер не е осамен. Сабине Гинтер е претседателка на окружното здружение за градинарство во Кајзерслаутерн. Таа има преглед на ситуацијата во 23-те поврзани локални здруженија. Побарувачката за простор за сопствена градина е зголемена, особено во последните години, вели Гинтер.

Мотивацијата за тоа е разновидна. За време на пандемијата, многу семејства се приклучиле затоа што повторно добиле желба за градинарство. „Сега постои и несигурност предизвикана од војната во Украина, а зголемените цени на храната се исто така одлучувачки фактор за многу семејства повторно да одгледуваат свои култури, да станат понезависни“, вели Гинтер. 

Лиза Шретер, мајка на три деца, веќе ги вари доматите за да можат да се користат во зима. Така се штедат пари, а освен тоа доматите имаат многу подобар вкус од оние купени во продавница, вели Шретер. Сојузната централа за потрошувачи, исто така, препорачува одгледување сопствено овошје и зеленчук како совет за заштеда во услови на зголемени трошоци за храна. Други совети се да се купува сезонско овошје и зеленчук и да се готви дома наместо да се консумираат поскапи готови производи.

Побарувачката за простор за сопствена градина е зголеменаФотографија: picture-alliance/dpa/W. Steinberg

ИФО: На повидок нема крај на поскапувањата

Саша Мерле, економист во минхенскиот ИФО-институт, може да го разбере трендот за одгледување на сопствено овошје и зеленчук. Според актуелните истражувања на институтот, потрошувачите во Германија мора да бидат подготвени на натамошни поскапувања на храната. Како и претходните месеци, трговците анкетирани од институтот изјавиле дека во следните три месеци ќе ги зголемат цените во трговијата на мало со храна.

- повеќе: Инфлацијата во еврозоната на ново рекордно ниво

„Ако зеленчукот се добива од своја градина, наместо од супермаркет, тоа сигурно ќе доведе до значително олеснување, зависно од тоа колку е скап зеленчукот во тој момент“, вели прогнозерот за инфлација Мерле. Бидејќи не се зголемени сите цени на зеленчукот: во јуни особено нагло пораснаа цената на доматите и краставиците, а цената на зелената салата дури и падна.

Овошјето и зеленчукот во продавница се поскапи од оние од сопствено производство, а цените, според прогнозите, уште ќе се зголемуваатФотографија: picture-alliance

Политиката треба да им дава поддршка на семејствата

Мерле не се осмелува да прогнозира дали цените на храната ќе продолжат да растат до крајот на годината. Има неколку фактори кои играат улога во тоа, на пример дали граѓаните помалку купуваат поради актуелната ситуација.

- повеќеГерманците се загрижени за својот стандард

Од друга страна, тоа зависи и од степенот до кој компаниите кои зависат од гас ги пренесуваат трошоците на своите клиенти. Сепак, Мерле претпоставува дека „цените на храната наскоро ќе достигнат врв“. Но, тоа не значи дека цените потоа ќе паднат.

Ова не се добри изгледи за мајката на три деца Лиза Шретер од Ландштул. Таа би сакала поголема поддршка од политичарите. Но, краткорочен детски додаток не би ѝ донесол ништо: „Семејство со повеќе од две деца наскоро нема да може да си дозволи ништо“, вели Шретер, која работи со полно работно време во дом за деца. Детскиот додаток мора значително да се зголеми, смета таа: „Доколку цените продолжат да растат, тоа ќе биде вистинска катастрофа за нас.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми