1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германците се подготвуваат за Македонија како за финале

БГ
14 јануари 2024

Северна Македонија голем аутсајдер? Голманот на германската ракометна репрезентација Андреас Волф не сака да слушне за такво нешто пред дуелот во Берлин од второто коло на Европското првенство.

Германија Македонија ракомет
Германија и Македонија по третпат се среќаваат на Европските првенства во ракометФотографија: Reuters/A. Bronic

Против Северна Македонија ќе биде многу поинаков меч, прогнозира првиот голман на германската репрезентација Андреас Волф пред мечот од второто коло на Европското ракометно првенство во Германија.

Германците имаа блескаво деби, пред рекордни 53 илјади гледачи во првото коло, совладувајќи ја Швајцарија со 27:14. Но, за дуелот против Македонија се подготвуваат како за финале и велат дека нема да се опуштат.

Во најголем дел се концентрирани на нападот „седум против шест“ кој го игра македонската репрезентација и за кој Волф вели дека е „многу тежок за бранење“. 

Оваа напаѓачка варијанта, пишува германската новинска агенција СИД, е производ на Кирил Лазаров кој, како најголема ѕвезда на репрезентацијата, седи на клупата. Агенцијата потсетува дека Лазаров со години бил најдобар стрелец во светот, со најмногу голови во историјата на светските првенства, и прв играч со 1.000 голови во европските купови. 

Кирил Лазаров, селектор на македонската ракометна репрезентацијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Сеќавање на „Кралот Кирил“

Германските сеќавања на „Кралот Кирил“, како што го нарекуваат, не се најдобри. Репрезентациите досега двапати играле меѓусебе. Првиот пат во 2012 во Ниш, германскиот тим победи тесно со 24:23. На Европското во 2018 година, мечот во Загреб заврши нерешено 25:25. 

Но времињата кога македонската репрезентација имаше силен тим, со Лазаров во него, се минато, и тоа и дава надеж на германската селекција, пишува СИД. Агенцијата потсетува дека со Лазаров како селектор и со подмладен тим, Македонија на последното ЕП заврши на 22 место од 24 тима, а на Светското минатата година беше на 27 место од 32 екипи. 

„Немавме среќа со жрепката“, рече Лазаров по тешкиот пораз од Франција (29:39) на отворањето на првенството. „Но ќе продолжиме да се бориме“, додаде тој.

Момент од дуелот меѓу Германија и Македонија на ЕП во 2018 во Загреб кој заврши нерешено 25:25. Фотографија: Reuters/A. Bronic

Тим со „жешка крв“ 

Германскиот селектор Алфред Гисласон верува дека ќе биде така. Северна Македонија е тим со „жешка крв“ иако релативно млад, „кој игра со многу ентузијазам и борбеност. Можат да бидат многу непријатни доколку не внимаваме“, претпазлив е Гисласон. 

Капитенот на германската селекција, Јоханес Гола вели дека се подготвуваат како за финале.

„Се наоѓаме пред непроменета ситуација. Мечот против Северна Македонија е како финале. Доколку не се претставиме добро, ништо не ни вреди големата победа во првото коло“, вели Гола.

„Ја прифаќаме улогата на фаворит. Мечот ќе тече така како што ние ќе се поставиме. Мораме да го одржиме нивото“, вели Гола пред мечот кој се игра в недела од 20:30 часот. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми