1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Рекорд во боледувања: Германците боледуваат 20 дена годишно

30 јануари 2024

Вработените во Германија лани поставија рекорд за боледување. Најчесто се отсуствува поради настинка, но и поради психички проблеми. И сето ова може да има врска со фактот дека новите генерации размислуваат поинаку.

настинки
Настинките се најчеста причина за отсустваФотографија: Thomas Koehler/photothek/picture alliance

„Значаен број боледувања доведоа до значителни загуби во производството - без натпросечниот број на боледување, германската економија ќе пораснеше за речиси 0,5 проценти. Наместо тоа, економијата се намали за 0,3 отсто“, се вели во студијата на Здружението на истражувачки фармацевтски компании (ВФА).

Тие наоди беа прелиминарно објавени од јавниот сервис АРД.

„Ако немаше толку многу боледувања во 2023 година, можеше да се заштедат околу 26 милијарди евра“, пишуваат авторите на студијата Клаус Михелсен и Симон Јункер.

Дополнително, тоа доведе до пад на даночните приходи од 15 милијарди евра. А, поради огромниот број боледувања во последните две години – здравствените осигурителни компании загубија пет милијарди евра.

Според истражувачите, споредбата во меѓународен контекст фрла посебно светло на оваа ситуација.

„Барем во 2023 година, Германија беше во вистинска смисла на зборот „болна“, нејзините економски перформанси беа значително повеќе оптоварени од бранот на болести отколку во другите земји“.

Највисока стапка на боледување во металната индустрија

За да се намалат последиците од брановите на болести и боледувања и да се зајакнат економските перформанси, важно е да се инвестира во здравјето и превенцијата, се вели во студијата. Зашто, доколку стапките на боледување во последните две години станат нова нормална ситуација, германската економија би имала на располагање околу 350.000 вработени помалку.

Според таа анализа, стапките на боледувања се различни во различни сектори во економијата. Околу 70 проценти од загубата во производството се случила во автомобилската, машинската, металната, електричната, фармацевтската и хемиската индустрија. Највисока стапка на боледување има во производството на метал.

Вработените лани отсуствувале од работа во просек по 20 дена, објави минатата недела здравственото осигурување ДАК. Според нивната проценка, стапката на боледување повторно достигна рекордно ниво од 5,5 отсто веќе во 2022 година.

Најчесто настинки и ментални заболувања

Најголемото здравствено осигурување во Германија Techniker Krankenkasse (TK) потврди екстремно висока стапка на отсутност на вработените во 2023 година. Тоа е многу над нивоата пред пандемијата. Затоа секој осигуреник во ТК бил на боледување во просек по 19,4 дена.

„Како и минатата година, главна причина за боледување е грип, бронхитис или некоја друга вирусна инфекција која обично ја нарекуваме – настинка. Тие отпаѓаат на повеќе од една четвртина од деновите на боледување“, рече Јенс Бас, извршен директор на ТК.

Секој вработен во просек отсуствувал 5,11 дена поради настинка, а пред ковид пандемијата, вработените од оваа причина биле на боледување само 2,37 дена. Втората најчеста причина за боледување е менталната болест со просечни 3,6 дена годишно.

И Здравствено осигурување ДАК објави: психолошките проблеми, како што е депресијата, доведоа до 323 дена отсуство на секои 100 осигуреници.

Младите не трпат како постарите

Здравствено осигурување Пронова БКК направи репрезентативна анкета за да открие како различните генерации се справуваат со стресот и болестите.

„Генерацијата на млади луѓе на возраст од 18 до 29 години расте во нестабилни времиња, во постојан кризен режим“, вели индустрискиот психолог Патриша Там од пронова БКК.

„Пред сè, пандемијата нè научи сите нас, вклучително и оваа млада генерација, дека условите за живот може да се променат одеднаш и дека нема гаранции за долгорочна безбедност и стабилност“.

„Бидејќи немаат чувството дека им претстои безгрижна иднина, младата генерација живее многу посвесно овде и сега“, вели психологот.

Од самиот почеток на својата кариера, младата генерација бара повеќе простор за здравје од постарите генерации, повеќе внимава на менталната рамнотежа и има очекувања како „добар баланс меѓу работата и приватниот живот“.

„Во минатото, постарите прифаќаа повеќе отколку што младите денес се подготвени. Тие почесто трпеа нездрави работни услови и помалку ги доведуваа во прашање одлуките и процесите на работното место“, вели Там.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми