1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германците се чувствуваат загрозени од Русија

4 септември 2026

Повеќе од половина од германските граѓани сметаат дека Русија претставува закана за безбедноста на Германија. Тоа го покажува најновото испитување на јавното мислење спроведено за АРД.

Германија Берлин 2016 | Руско знаме на зградата на руската амбасада
Руско знаме на зградата на руската амбасада во Берлин (архивска фотографија)Фотографија: Florian Gaertner/photothek/picture alliance

Напад со дрон на аеродромот во Лајпциг, експлозивни направи и пиротехнички средства пронајдени на трафостаници во Бранденбург и Северна Рајна-Вестфалија, како и подметнат пожар во близина на две компании производители на воена опрема во Баварија – во пресрет на изборите во три покраини, се бележи пораст на напади врз критична инфраструктура во Германија, а мета се повторно и фирми за воена опрема.

Во случајот со нападот со дрон, сојузната влада одговорноста јасно ја лоцираше кај Русија. Дали земјата стои и зад другите напади? „Ние не сме во војна, но веќе не сме ниту во мир“, вели канцеларот Фридрих Мерц во однос на Русија. Германските граѓани се исто така алармирани. 56 проценти сметаат дека безбедноста на Германија е загрозена од Русија. Интересна е поделбата по партиската припадност, како што покажува најновата анкета АРД-Дојчландтренд, за која институтот Инфратест-димап во периодот меѓу 31 август и 2 септември анкетирал репрезентативен примерок од 1.319 германски гласачи со право на глас.

Сојузниот министер за внатрешни работи Александер Добринт предупредува дека Германија станала „секојдневна мета во хибриден начин на војување“. Овој поим се однесува на дејствија под прагот на воен напад - како што се сајбер-напади, шпионажа, пропаганда и дезинформации, но и чинови на саботажа. Целта на хибридните напади е да се дестабилизира земјата, да се вознемири населението или да се изврши политичко влијание.

Значително помалку загриженост на Истокот

Германија ја поддржува Украина политички, финансиски и воено. Од руска перспектива, тоа ја става земјата во положба на противник.

Но, заканата што произлегува од тоа не ги загрижува сите граѓани во иста мера - речиси половина од граѓаните во источна Германија се чувствуваат само малку загрозени или воопшто не се чувствуваат под закана од Русија. Гласачите на пријателски кон Русија настроената и делумно десноекстремна Алтернатива за Германија се најмалку загрижени. Дури две третини од нив сметаат дека заканата од Русија е мала.

Сличен шаблон е препознатлив и во врска со прашањето за испорака на оружје на Украина. За половина од Германците воената поддршка е соодветна, или треба да се зголеми, додека за добри четири од десет лица оди предалеку. Сепак, во источна Германија и меѓу поддржувачите на АфД преовладува одбивен став во однос на снабдувањето на Украина со оружје.

АфД со солидно водство на национално ниво

На 6 септември се бира нов парламентарен состав во источногерманската покраина Саксонија-Анхалт. АфД, според анкетите, води со убедливо мнозинство, па дури би можела да освои и апсолутно мнозинство.

Партијата и натаму има силна поддршка и на сојузно ниво. Кога сојузни избори би се одржувале неделава, АфД би освоила 27 проценти од гласовите, еден процент помалку отколку во август, и би била најсилна политичка партија. Поддршката за Унијата со 21 процент останува непроменета. На сојузните избори во февруари 2025 година таа освои 28,5 проценти од гласовите. Зелените би имале 15 проценти, додека СПД и Левицата бележат мало зголемување во однос на август, со 13, односно 12 проценти (кај двете +1%). Сите останати партии не би го минале прагот од пет проценти.

Непопуларна влада, неомилен канцелар

Според моменталните анкети, владејачката коалиција на ЦДУ/ЦСУ и Социјалдемократите веќе не ужива поддршка од мнозинството. Само 15 проценти од испитаниците рекле дека се задоволни од работењето на владата. Дури и меѓу поддржувачите на владејачките партии ЦДУ/ЦСУ и СПД, мнозинството е разочарано од резултатите на актуелната коалиција.

Канцеларот и лидер на ЦДУ, Фридрих Мерц, котира уште полошо - само 13 проценти ја оценуваат неговата работа позитивно.

На сличен начин граѓаните ја оценуваат и компетентноста на Унијата. Значително помалку граѓани во моментов сметаат дека ЦДУ/ЦСУ се кадарни да понудат решенија за клучните политички сфери. Додека пред нешто повеќе од една година, 31 процент ја сметаа Унијата за компетентна да обезбеди мир во Европа, таа бројка сега е падната на 23 проценти. Во однос на политиката за азил и бегалци, пред една година 24 проценти мислеа така, но сега се само 19 проценти. Во однос на пензиската реформа, поддршката се намали од 21 на 15 проценти, а во политиката за климата и животната средина, од 14 на 8 проценти. Унијата сè уште ужива голема доверба на граѓаните во однос на економските прашања - 24 проценти, но и тука довербата е значително помала споредено со 31 проценти забележани во февруари 2026 година.

Во источна Германија, АфД е партијата на која граѓаните најмногу ѝ веруваат во сите области на политиката опфатени во истражувањето, со исклучок на политиката за клима и животната средина.

Слабата економија предизвикува загриженост

Граѓаните во Германија со месеци ја сметаат лошата економска состојба за најитен проблем за ртешавање. Анкетата на АРД покажува дека во моментов 79 проценти велат дека на економијата ѝ оди лошо, или не многу добро, но има значителни разлики во зависност од партиската припадност.

41 процент од поддржувачите на Социјалдемократите ја сметаат економската состојба за добра или многу добра, додека кај Зелените тоа се 37 проценти од поддржувачите. Меѓу поддржувачите на АфД, пак, само три проценти се согласуваат со ваквиот став.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми