Германците скептични кон информациите за НЛО
31 јули 2023![НЛо Мулдеман Белгија](https://static.dw.com/image/65906405_800.webp)
Резултатите од истражувањето што го спроведе институтот за истражување на јавното мислење ЈуГов покажуваат дека 55 проценти од Германците не веруваат дека американската влада открила неидентификувани летечки објекти (НЛО). 28 проценти од испитаниците сметаат дека тоа е можно, додека 17 проценти се воздржани.
Особено е впечатливо дека лицата над 55 години најчесто (64%) наведуваат оти не веруваат во постоење на НЛО. Со истражувањето беа опфатени 13.000 лица во Германија постари од 18 години.
Во текот на сослушувањето во комисија во американскиот Конгрес, двајца поранешни воени пилоти и еден поранешен припадник на тајните служби изјавија дека виделе неидентификувани летечки објекти. Според нивните изјави, наводно се најдени „нечовечки“ остатоци од вакви објекти.
Пензионираниот воен пилот Рајан Грејвс тврдеше дека самиот забележал НЛО за време на лет во Вирџинија во 2014 година. Тој апелираше до властите да се соочат со проблемот.
„Доколку НЛО се странски дронови, тогаш тоа е итен национален безбедносен проблем. Доколку е нешто друго, тогаш тоа е прашање за науката. Но во секој случај, неидентификуваните објекти се закана за безбедноста на летањето", рече Грејвс.
Ситуацијата се третира како можен проблем за националната безбедност на САД. Извештаите за летечки објекти побудија интерес и отворија натамошни прашања. Германскиот булеварски весник „Билд“ пишува за „таен НЛО-документ“ на 177 страници, во кој се зборува за наводни забележувања на неидентификувани летечки објекти.