1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија 2023: енергија, социјално единство, Русија, Кина

4 јануари 2023

Зад германската сојузна влада е тешка година. Но и 2023 нема да биде полесна. Со кои предизвици ќе се соочува германската политика во следните 12 месеци?

Што ја очекува германската влада во наредната година?
Што ја очекува германската влада во наредната година?Фотографија: Chris Emil Janßen/imago images

Владејачката коалиција на СПД, Зелените и ФДП во Германија и покрај различните неуспеси и проблеми со оптимизам гледа на иднината. Тројцата претседатели на владејачките партии објавија гостински коментар во весникот „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ во кој велат: „Сакаме Германија да ја направиме социјална и праведна, модерна и дигитализирана, поконкурентна и климатски неутрална.“ Коалициските партнери ова можеа да го напишат и пред една година.

Но, 2022 годинаво реалноста за таканаречената „семафор-коалиција“ беше одбележана со кризи кои следеа една по друга, како на национална така и на меѓународна сцена, а така сигурно ќе биде и во 2023 година. При тоа овие кризи немаа никаква врска со она што оваа влада си го зададе како задачи на почетокот од својот мандат во декември 2021 година.

Пред германската влада се три големи предизвици: таа мора и понатаму да се грижи да обезбеди сигурно снабдување со енергија - без оглед на растот на цените, мора да поттикнува единство во општеството и мир во време на војна, и да се дефинира појасно во меѓународната политика. Пред сè во односот кон Кина.

Снабдување со енергија

Владата требаше да даде речиси 200 милијарди евра за да осигура снабдување со енергенси за германското население и стопанство оваа и следната зима, по речиси целосниот прекин на увоз на нафта, гас и јаглен од Русија. Што ќе следи по ова зависи од тоа колку успешно владата ќе постапи следната година. 

Германија: Изградба на нов гасовод во рекордно време

01:28

This browser does not support the video element.

Канцеларот Олаф Шолц од СПД во едно интервју за медиумската групација Функе изјави дека смета оти е малку веројатно дека ќе има пад на цената на енергенсите на ниво пред рускиот напад на Украина.

„Веројатно нема да се вратиме на поповолни цени какви што беа пред војната.“ Но, ситуацијата ќе остане прифатлива „бидејќи ќе имаме нови можности за увоз“ Германија ќе остане силна и успешна индустриска нација, рече Шолц.

За тоа е потребно брзо проширување на користење на обновливи извори на енергија. Но, во коалицијата во 2022 веќе имаше доста спорови околу брзината и мерките за енергетската политика, како на пример околу дополнителен данок за гас кој сакаше да го воведе министерот за економија Роберт Хабек од Зелените, но кој на крајот сепак беше отфрлен, или пак околу продолжување на работата на трите преостанати германски атомски централи до април.

Тоа не смее да се повтори во 2023 година. Претседателот на ЦДУ, Фридрих Мерц за „Рајнише пост“ изјави дека владејачката коалиција премногу се кара, а дека многу малку време посветува на тоа да ја сврти економската и енергетската политика кон подобро. И додаде иронично: „На училиште би рекле – многу се трудеше.“

Да се зачува единството во општеството

Владата ќе мора да вложи многу труд за во време на големи кризи и несигурност да го зајакне единството во општеството. Во последно време Германците ги исплаши разоткривањето на планираниот перфиден „државен удар“ кој сакала да го изврши група на десни екстремисти „Граѓани на Рајхот“. Владата освен тоа во 2023 година мора уште подобро и пред се потранспарентно да ја информира јавноста околу испораките на оружје и солидарноста со Украина. Според една последна студија голем број луѓе, особено на истокот од Германија за разлика од западот, имаат двоумење во однос на поддршката за Украина. 

Протести против владините политики во Франкфурт на Одра на 3 октомври 2022 годинаФотографија: Patrick Pleul/dpa/picture alliance

Само 28% од испитаниците на истокот на Германија сакаат да се продолжи поддршката за Украина дури и во случај тоа да доведе до повисоки цени на енергенсите, покажува студијата на Меркатор Форумот за миграција и демократија (Мидем) на Техничкиот универзитет во Дрезден. На западот од Германија таков став имаат 42% од испитаниците. Но, секој трет жител на истокот од земјата се согласува со тврдењето: „НАТО толку долго ја провоцираше Русија поради што Русија мораше да тргне во војна“. На западот од земјата со оваа констатација се согласуваат само 22% од испитаниците.

Експертот за надворешна политика на ЦДУ во Бундестагот, Родерик Кизеветер во разговор за ДВ вели дека Владата мора „да направи целосен пресврт на полето на безбедност, стопанство и општество. Потребна е брза имплементација за да може да ја одбраниме нашата слобода и демократија од руската хибридна војна во Европа и да бидеме подготвени за натпревар со Кина.“

Ова го вклучува и фактот дека Германија треба да вложи поголеми напори да се постигнат единствени позиции во рамки на Европската унија. Германскиот пакет помош тежок неколку милијарди за населението и стопанството, за справување со инфлацијата и високите цени на енергенсите, но без договор со другите, кај голем број партнери во ЕУ предизвика револт против владата во Берлин.

Единствена политика кон Русија и Кина

Политиката кон Кина и Русија и во 2023 останува една од главните задачи на германската влада. Кизеветер за ДВ коментира дека владата сега има задача да “го диверзифицира нашето снабдување со енергија и да не ослободи од евтините синџири на создавање вредност од Кина, и подобро да ги диверзифицира и да ги препознае агресивните и хибридните постапки на Кина. Во годините кои следат Кина ќе изврши воен напад на Тајван – поради ова ние сега мораме што е можно побргу значително да ја намалиме зависноста од Кина и нејзиното влијание.“

Премногу пријатно со Кина? Олаф Шолц и претседателот Ши Џинпинг во Пекинг во ноември 2022Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

На почетокот на ноември, патувањето на германскиот канцелар во Кина предизвика негодување внатре во владината коалиција. Тоа беше прво патување на претседател на западна влада по спорниот реизбор на претседателот Ши Џинпинг на 23 октомври.

И покрај острите критики, меѓу кои и од министерката за надворешни, Аналена Бербок од Зелените, канцеларот дозволи влез на кинеската бродска компанија Коско со малцински пакет во пристаништето во Хамбург. Усогласување на курсот кон Пекинг е уште еден предизвик за сојузната влада во 2023 година.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми