1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: 65 милијарди евра за совладување на кризата

Сабине Кинкарц
5 септември 2022

Цените на гасот и струјата експлодираа, а поради инфлацијата сè повеќе луѓе се во неволја. Многумина се прашуваат како ќе си ги платат сметките. Владата усвои трет пакет помош за граѓаните и стопанството. Еве што содржи.

Deutschland Berlin | PK Koalitionsausschuss zum Entlastungspaket
Фотографија: Frederic Kern/Future Image/IMAGO

Повеќе од 20 часа, владејачката коалиција на СПД, Зелените и Либералите разговараше за дополнителни мерки за помош на граѓаните за справување со кризата.  На крајот се договорија за пакет од 65 милијарди евра. „Задоволен сум од резултатот“, рече канцеларот Олаф Шолц. „Овој пакет и многу други дополнителни мерки ќе придонесат заедно да ја пребродиме зимава“, додаде канцеларот. Ова се централните точки на владиниот пакет.

Повластена цена за гас и струја

Приватните домаќинства но и малите и средни претпријатија треба да добијат одредена количина струја по поповолна цена. Сѐ што е потрошено над ова ќе се плаќа по цените на пазарот. Тоа финансиски би ги растеретило потрошувачите, но истовремено би придонело и за штедење на енергија.

За да се субвенционира основната  потрошувачка на струја,  енергетските компании би требало да се одречат од дел од профитот. Производителите на електрична енергија во основа имаат непроменети трошоци за производство за многу свои електрани – ова пред сѐ се однесува на обновливите извори на енергија и атомската енергија. Сепак, за својата евтино произведена електрична енергија во моментов добиваат доста висока пазарна цена. Тоа е така бидејќи во ЕУ важи правилото најскапата електрана да ја одреди цената на струјата – а во моментов тоа се централите на гас. Ваквата организација на пазарот според „мерит ордер“ во моментов за многу енергетски компании генерира дополнителен приход.

Германската влада зборува за „случаен профит“ и сака да го регулира, односно делумно да го одземе. За тоа во моментов се разговара и на европско ниво. Германската влада се надева дека ваква уредба ќе се донесе на ниво на ЕУ, но доколку е потребно е подготвена да примени и национално решение. Критичарите пак велат дека германскиот пазар на електрична енергија не е изолиран остров и дека во таков случај енергетските компании во другите земји од ЕУ би ја откупувале струјата која е субвенционирана во Германија.

Во однос на цената на гасот,  експертска комисија треба да каже, дали како кај струјата е  можно да се обезбеди основен контингент гас за греење по субвенционирана цена.

Субвенционирање на трошоците за енергија

Таканаречениот паушал за енергија во висина до 300 евра кој во септември ќе им биде исплатен на сите вработени, ќе се прошири и за пензионерите. Студентите ќе добијат 200 евра. Оваа еднократна помош ќе се исплати на 1 декември 2022.

Државна помош за плаќање на високите сметки за струјаФотографија: Michael Bihlmayer/CHROMORANGE/picture alliance

Повисоки субвенции за домување за повеќе лица

Предвидено е да се прошири кругот на оние кои примаат субвенции за домување со кој државата ги субвенционира кириите за оние со ниски примања, и тоа од сегашните 640.000 на околу два милиони луѓе. Од септември до крајот на декември 2022, корисниците на овој вид социјална помош ќе добиваат и други субвенции за греење и тоа 415 евра по домаќинство со едно лице, 540 евра за две лица, а за секое дополнително лице во домаќинството по уште 100 евра. Од јануари 2023 година ова зголемување ќе биде трајно интегрирано во субвенциите за домување.

Граѓански додаток

Социјалната помош за барателите на работа која се вика Харц 4 од први јануари 2023 ќе биде преименувана во – граѓански додаток. Оваа помош ќе биде за 50 евра повисока од претходните месечни исплати, а во пресметката се зема  предвид и очекуваната инфлација. Тоа значи дека на пример самец кој досега добивал 449 евра, ќе добива околу 500 евра. За домаќинства со повеќе лица и деца ќе се пресмета соодветно зголемување на месечната исплата.

Детски додаток

Од Нова година и детскиот додаток ќе се зголеми за 18 евра месечно за прво и второ дете и ќе изнесува 237 евра.

Со билет од девет евра месечно низ цела Германија!

02:01

This browser does not support the video element.

Национален билет за јавен превоз

По завршување на проектот – билет за 9 евра, Владата сега се залага за нов  национален билет за локален јавен превоз  и сака да обезбеди 1,5 милијарди евра за таа намена, доколку и сојузните покраини ја обезбедат истата сума. Месечната карта би требало да чини меѓу 49 и 69 евра.

Прилагодување на „прогресивниот данок“

Германскиот данок на доход функционира според модел на повеќе нивоа – оние кои заработуваат повеќе мора да платат повеќе данок. Но тоа значи дека кога платите и дневниците ќе се зголемат поради зголемената инфлација, брзо ќе се прејде во друга даночна група и всушност од зголемената плата во паричникот нема да остане ништо плус. Владата сака да го прилагоди ова „прогресивно оданочување“ на сите нивоа. Од ова ќе профитираат 48 милиони даночни обврзници. Во јули 2022 година во Германија се регистрирани околу 45,4 милиони вработени.

Бонуси од работодавачите без данок и давачки

Доколку работодавачите сакаат финансиски да ги поддржат своите вработени поради високите цени на енергијата, тогаш на тој дел нема да плаќаат данок и придонеси – до износ од 3000 евра. Целта на овие бонуси е да се спречи инфлацијата да поттикне барања за повисоки плати, а со тоа и зголемување на цените.

Одложен данокот за ЦО2

Планираното зголемување на цената на ЦО2 за фосилните горива која требаше да стапи на сила на 1 јануари 2023 е одложено за една година. За да се оствари намалување на емисијата на ЦО2, дополнителни 1,5 милијарди евра ќе се слеат во буџетот за железничкиот сообраќај. 

Финансирање на пакетот помош

Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер нагласува дека пакетот мерки чини 65 милијарди евра, но дека сојузната влада ќе плати само 32 милијарди евра. Разликата треба да се надокнади од дополнителниот профит на енергетските концерни и од сојузните покраини. Новото задолжување од 138,9 милијарди евра планирано за 2022 година нема да се зголеми а Линднер сака да ја испочитува и должничката кочница во сојузниот буџет која повторно ќе важи од 2023 година.

Реакции

За партијата на Левицата овие олеснувања не се доволни. „Овој план нема да ја спречи лавината на осиромашување која може да ја поклопи Германија зимава,“ критикува шефот на пратеничката група во Бундестагот, Дитмар Барч. Левицата ќе организира  „жешка есен против социјалниот студ“.  И АфД веќе повика на демонстрации есенва.

Генералниот директор на Здружението за заедничка благосостојба, Улрих Шнајдер, ја критикува константната социјална нерамнотежа. Бидејќи воведувањето на граѓански додаток и повторното пресметување на стандардните стапки за Харц 4 „не е ниту компензација за инфлација и затоа воопшто не е прифатливо“, изјави тој за германските медиуми.

Критики доаѓаат и од економијата. „Договорениот пакет ги содржи вистинските мерки, но во суштина се целосно разочарувачки од гледна точка на германските работодавачи“, рече претседателот на Здружението на работодавачите, Рајнер Дулгер. Исправно е тоа што Владата ги апсорбира социјалните тешкотии, но сепак една од главните причини за инфлација - енергетската политика - не се решава доследно. „Проширувањето на социјалната држава не може да биде одговор на поскапувањето на енергенсите на светскиот пазар“, вели тој. Марсел Фрачер, претседател на Германскиот институт за економски истражувања, пак го критикува одложувањето на прилагодувањето на цената на ЦО2. Тоа е „катастрофален сигнал за заштита на климата“.

Сабине Кинкарц новинарка на ДВ
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми