1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: АфД го зголемува водството пред ЦДУ/ЦСУ

7 август 2026

Партијата Алтернатива за Германија и натаму зајакнува, покажува нова анкета. Сè повеќе граѓани веруваат дека со неа треба да се соработува, барем од случај до случај.

Симболична слика АфД | Лого на 15-тиот сојузен партиски конгрес во Есен, 2024 година
Доколку следната недела се одржат избори за нов Бундестаг, 28 отсто од граѓаните би гласале за АфДФотографија: Christoph Hardt/Panama Pictures/picture alliance

Сè уште сите демократски партии во Германија се согласни: соработката со Алтернатива за Германија (АфД), која е класифицирана како делумно десноекстремна, за нив не доаѓа предвид. Но, дали тоа ќе остане така, станува сѐ понеизвесно. Причината е што традиционалните партии досега не успеаја да го запрат растот на АфД во анкетите, кој трае веќе со месеци.

Тоа го покажува и најновиот „АРД-Дојчландтренд“ на институтот за истражување на јавното мислење Инфратест димап. Доколку следната недела се одржат избори за нов Бундестаг, 28 отсто од граѓаните би гласале за АфД, што претставува зголемување од еден процент и нов рекорд за оваа партија во рамките на истражувањето „Дојчландтренд“. Партијата на сојузниот канцелар Фридрих Мерц, ЦДУ, заедно со ЦСУ бележи мал пад во споредба со последната анкета од почетокот на јули, додека сите останати партии остануваат на истото ниво.

Јасно мнозинство за приближување кон АфД

Во септември ќе се одржат покраински избори во две важни источногермански покраини, Саксонија-Анхалт и Мекленбург-Предна Померанија. Во двете покраини АфД убедливо води во анкетите.

Сите демократски партии ја отфрлаат соработката со десните популисти, а неодамна околу 1.000 германски правници во отворено писмо побараа АфД да биде забранета.

Германските граѓани, сепак, размислуваат поинаку. Само 37 проценти од луѓето во Германија се против каква било соработка со десните популисти. 32 проценти сметаат дека тоа треба да се одлучува од случај до случај. 27 проценти генерално се за соработка со АфД, а најголемиот дел од нив се поддржувачи на самата партија.

Половина од Германците сакаат суштинска промена

Особено интересна е разликата меѓу истокот и западот на Германија. Истокот е упориште на АфД и таму уште повеќе луѓе отколку на запад се подготвени целосно да ја прифатат партијата. 38 проценти сметаат дека партијата, која се смета за делумно десноекстремна, треба да се третира како и сите други политички групации. Ова во голема мера одговара на нивото на поддршка што десните популисти го имаат на истокот.

Уште еден податок го покажува понатамошното оддалечување од етаблираните партии: повеќе од половина од испитаниците, најмногу досега во „Дојчландтренд“, се изјасниле за темелна политичка промена во Германија, додека само четири од десет испитаници се за ограничени корекции на политичкиот курс.

Многу поддржувачи на АфД се чувствуваат дискриминирани

Со други зборови, довербата и оптимизмот во политичкиот систем продолжуваат да опаѓаат. 43 проценти од сите испитаници изјавиле дека постојано имаат чувство дека се запоставени. Кај поддржувачите на АфД овој процент се искачува на 70 проценти.

Последните недели во политички Берлин беа обележани со жестоки дебати околу планираните реформи, како и со прилично хаотична реконструкција на владата. И претходно поддршката за политиката на канцеларот Фридрих Мерц не беше висока, а сега само 12 проценти веруваат дека новите лица во сојузната влада ќе донесат подобра политика.

Така, досегашниот шеф на Канцлерамтот, Торстен Фрај, премина на чело на конзервативната парламентарна група во Бундестагот, а на негово место дојде министерката за здравство Нина Варкен.

Една третина лично стравува од тероризам

Во анкетата силно влијание покажува и најновиот терористички напад во Германија. На 25 јули, млад исламист од Берлин со изнајмен автомобил влета во толпа луѓе за време на прославата на Кристофер Стрит Деј, при што уби една жена и тешко повреди 31 лице. Следниот ден напаѓачот, кој претходно беше во бегство, беше застрелан од полицијата.

Овој трагичен настан повторно го насочи вниманието кон ранливоста на германското општество кога станува збор за терористичките закани.

Една третина од сите испитаници изјавиле дека навистина се загрижени дека и самите би можеле да станат жртви на терористички напад. Големо мнозинство од 70 проценти го смета исламистичкиот тероризам за најголема опасност. До крајот на минатата деценија, според мислењето на германските граѓани, најголемата закана беше крајно десничарскиот тероризам, но тоа во меѓувреме суштински се промени.

За августовскиот „АРД-Дојчландтренд“ институтот Инфратест димап во периодот меѓу 3 и 5 август спровел анкета на околу 1.300 репрезентативно избрани германски граѓани.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми