1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија бара од Вучиќ да избере меѓу ЕУ и Русија

1 ноември 2022

Германија го зголемува притисокот врз Србија да се приклучи кон санкциите против Русија, пишува весникот Велт. Извори на весникот од германската влада наведуваат дека застанувањето до Русија ќе има последици за Србија.

Олаф Шолц Александар Вучиќ Србија
Олаф Шолц и Александар ВучиќФотографија: ANDREJ ISAKOVIC/AFP/Getty Images

„Берлин бара Србија да одлучи или за патот кон Европската Унија или за партнерството со Русија, велат извори на весникот Велт од Берлин. „Нужноста на одлуката се зголемува со оглед на  геополитичката ситуација“, вели неименуван претставник на Владата за весникот.
Како што се наведува понатаму, во Берлин биле „изненадени и разочарани“ кога Србија го потпишала Планот за консултации на министерствата за надворешни работи со Русија бидејќи, како што велат, тоа не го поткрепува очекувањето дека Белград ќе воведе санкции кон Русија.
Тој план, кој беше критикуван од Западот, во септември го потпишаа поранешниот српски министер за надворешни работи Никола Селаковиќ и рускиот колега Сергеј Лавров во Њујорк. Во Белград подоцна тврдеа дека тоа е неформален план за консултации. 
Како што објаснува изворот на Велт, во Берлин преовладува впечатокот дека српскиот претседател Александар Вучиќ е искусен политичар кој е свесен за моменталната позиција меѓу ЕУ и Русија. „Ќе станува сè понепријатно да се седи на таа ограда“, вели изворот. Се наведува дека Вучиќ може да ја очекува поддршката од германската влада доколку реши да ја води земјата кон ЕУ. „Ако реши да тргне по друг пат, тоа ќе има последици“, додава изворот. 

Александар Вучиќ ќе мора да одлучи по кој пат ќе тргне, велат извори во БерлинФотографија: Olivier Matthys/AP/picture alliance

Важен самит за Балканот 

Во Берлин деновиве се води активна дипломатија во врска со Балканот. Таму се собраа голем број експерти од регионот и политичари, во пресрет на самитот на Берлинскиот процес кој се одржува во четврток (3 ноември) во Берлин и каде треба да бидат потпишани договорите за слобода на движење и признавање на документите меѓу земјите од Западен Балкан. Новиот вицепремиер на српската влада и министер за одбрана Милош Вучевиќ неодамна изјави дека српската Влада „не размислува“ за воведување санкции против Русија. 

Тој посочи дека сè уште важат заклучоците на Советот за национална безбедност издадени на самиот почеток на војната во Украина. Во нив се наведува дека Србија го почитува територијалниот интегритет на Украина и дека одбива да воведе санкции кон Москва.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми