1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Бизнис модел на „лажен татко“

29 февруари 2024

Благодарение на една дупка во законот, создаден е бизнис модел: мажите со германско државјанство признаваат татковство на децата, а потоа тие со нивните мајки добиваат дозвола за престој и социјална помош.

Мајка со деца
Мајка со децаФотографија: picture-alliance/dpa/P. Kneffel

Џонатан А. позира пред луксузни германски автомобили или на една свеченост фрла околу себе банкноти -  тоа може да се види на социјалните мрежи, на видеата направени во Нигерија каде тој самиот се нарекува: „господин кеш“. 

Меѓутоа, во Дортмунд господинот добива социјална помош. И не само тој: германската држава го плаќа издржувањето на неговите 24 деца - односно децата што тој ги признал. Мајките се претежно од Нигерија, земјата на потекло на Џонатан А.

Бидејќи тој е Германец, децата што ги признал, нивните мајки и други роднини - автоматски имаат право да останат во Германија. Засега има 94 лица. 

Авторите на овој извештај за германскиот јавен сервис АРД дошле до податок дека „само Џонатан А. предизвикува трошоци за социјално осигурување повеќе од 1,5 милиони евра годишно“. 

Лажно татковство поради дупка во законот 

Приказната на Џонатан А. се смета за пример за злоупотреба на признавањето татковство, што, поради дупка во законот, е лесно возможно.

Експертите проценуваат дека во последните години имало десетици илјади случаи, но податоците се оскудни. Само одредени сомнителни случаи се пријавуваат до имиграционите власти од страна на матичните канцеларии, канцелариите за заштита на младите и конзуларните службеници во амбасадите.

Бидејќи во Германија не постои Централен регистар за граѓански статус (родени, брак, регистрирано партнерство, смрт...) поради заштита на податоците, тие не можат да видат колку деца некој веќе признал. Тоа го можат само имиграциските власти. А, повеќето татковства се заверени на нотари. 

Признавањето татковство не е кривично дело 

Аксел Бошамер од повисокиот орган за имиграција на окружната влада на Арнсберг претпоставува дека бројот на непријавени случаи е висок. Според Бошамер, во Северна Рајна-Вестфалија се зголемува бројот на сомнителни случаи на лажно татковство за деца родени од мајки од земјите од Западна Африка и од Западен Балкан.

Во случајот со Џонатан А., тој смета дека се работи за „систематска злоупотреба на признавањето на татковството“. 

„Лажното татковство им овозможува на луѓето кои всушност немаат шанси да останат во Германија да останат тука. Овие луѓе се подготвени да платат пари за тоа, обично на лице кое презема фиктивно татковство“. 

А, признавањето татковство не е кривично дело. 

Бездомниците како лажни татковци  

Властите ретко успеваат да го откријат криминалниот бизнис модел. Јавното обвинителство во Берлин моментално покренува обвинение против десетчлена банда со виетнамско потекло „за лажни бракови и признавање на татковство“. Наводно, договориле признавање на татковство на најмалку 20 деца на мајки од Виетнам за да добијат дозвола за престој во Германија. За возврат, на германските „татковци“, главно бездомници, им платиле од 500 до 1.500 евра, а од мајките од Виетнам наплатувале и до 35.000 евра, вели истражниот јавен обвинител Франк Поле.

Јавниот обвинител го гледа тоа како „појава во кругот на виетнамски граѓани или германски државјани со виетнамско потекло" во Берлин. Чест случај е дека виетнамките доаѓаат во Берлин „за да го легализираат своето право на престој овде и потоа се селат во други покраини“. 

Признавањето повеќе не може да се поништи 

Во Северна Рајна-Вестфалија, властите претпоставуваат дека повеќето луѓе кои стекнале трајно право да останат како резултат на злоупотреба на татковството добиваат долгорочна социјална помош и други бенефиции за социјално осигурување.

Минатата година, на барање на покраинските министри за внатрешни работи, федералната влада требаше да го претстави предлог-законот за усогласување на сегашниот закон за признавање татковство. Тие со години се залагаат, заедно со министрите за правда од покраините, да се спречат злоупотребите како превентивна мерка. 

Бидејќи откако ќе се признае татковството, тоа останува на сила во секој случај. Откако детето ќе биде признаено од таткото Германец, тоа не може да се поништи.  

Проверки од надлежните речиси и да нема 

Харалд Деринг, долгогодишен поранешен судија на Сојузниот управен суд во областа на имиграционото право, ја гледа законската дупка како „несоодветна регулатива“ која што „ретко се случува“. Дури и ако таткото не би тврдел дека имал врска со жената, тој би можел да го признае татковството. Според Деринг, тоа треба да се промени. 

Владата на Северна Рајна-Вестфалија претстави свој предлог-закон во 2017 година, кој подоцна пропадна во Бундесратот. Ова вклучуваше, меѓу другото, задолжителни проверки од страна на имиграциските власти во случаи кога правото на престој на мајката беше легализирано со потврдување на татковството. 

Признавањето татковство не е кривично дело.Фотографија: Ute Grabowsky/photothek/picture alliance

150 милиони евра – на сметка на  даночните обврзници 

Во 2017 година, Сојузното министерство за внатрешни работи процени дека годишниот товар на даночните обврзници на национално ниво од големиот број случаи на злоупотреби изнесува над 150 милиони евра. Актуелни бројки не се достапни.

Се покажало дека Џонатан А. за еден месец добил државна помош во износ од над 22.500 евра. Локалните власти во градот Есен се уште не успеале да откријат колку вкупно добил од државната каса. Причината е заштитата на податоци.

Во меѓувреме, Џонатан А., наводно сиромашниот татко на 24 деца, веќе поднел уште две барања за татковство.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми