1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Германија: Кога смртта станува економски фактор

Антје Бил | АРД
10 јуни 2023

Половина од луѓето во Германија го дочекуваат крајот на животот во болница - иако повеќето би сакале да умрат дома. За ова има многу причини, но суров факт е дека тоа на болниците им се исплаќа.

Одложување на смртта на пациентите за профит во германските болници
Одложување на смртта на пациентите за профит во германските болнициФотографија: Sami Belloumi/dpa/picture alliance

Ингрид Л. веќе три месеци е во кома по срцев удар. Нејзиниот сопруг очајно се бори лекарите да ги почитуваат нејзините желби и да ѝ дозволат да умре во мир. „Страшно е! Никако не сакаше да лежи врзана за машини со месеци“, вели нејзиниот сопруг.

Докторот за палијативна медицина Матијас Тенс вели дека целите на терапијата мора да бидат појасно дефинирани и од лекарите и од пациентите.

„Ако пациентот рече: 'Повеќе се плашам да живеам како растение уште 20 години и да гледам во таванот, подобро да умрам', тогаш тоа мора да се прифати.“

Но, природната смрт е сè поретка појава во развиените општества. Современата медицина овозможува луѓето вештачки да се одржуваат во живот сè подолго.

Сè повеќе, лекарите се тие кои одлучуваат кога животот продолжува, а кога завршува. А, во Германија, при донесувањето одлуки на крајот од животот, улога играат не само здравствените аспекти, туку и етичките, а пред сè - финансиските аспекти.

За тоа не се виновни лекарите, туку политиката која во последните две-три децении ја отвори повеќе вратата за приватизација во здравството. Тоа значи дека профитот игра сè поважна улога во третманот.

Кога болницата треба да работи како компанија

Во последните 30 години, уделот на приватните болници во Германија е повеќе од двојно зголемен - од околу 15 проценти на речиси 40 отсто. Но, не само тоа - дури и болниците што се во сопственост на локалните власти или провинции се управуваат како компании.

Откако бранот на приватизација на болниците ја зафати првата универзитетска клиника пред 17 години, Германската лекарска комора многу детално и „видивито“ предупреди за идните проблеми - кои сега станаа реалност.

Освен тоа, во Германија од 2003 година постепено се воведува систем на таканаречени паушали за болниците. Тоа е систем за пресметување паушално по дијагностички групи за ДСГ (дијагностички поврзани групи).

Болниците во Германија изумираат

02:54

This browser does not support the video element.

Меѓу другото, ценовникот одредува колку дена пациент со одредена  дијагноза може да биде во болница - без разлика на реалната должина на престојот. Така, болниците добиваат паушално помалку од здравственото осигурување за пациентите со полесни болести отколку за пациентите со тешки болести.

Лечење на крајот на животот - и натаму

Затоа и не е чудно зошто болниците заработуваат многу пари со терапиите на крајот од животот, во одделенијата за интензивна нега, каде што лежат најтешко болните пациенти. На пример, на респиратори. И затоа често постои сомнеж дека некои терапии имаат пред сѐ економски цели.

Уве Јансенс, портпарол на Одделението за етика од Германското друштво за медицина за интензивна нега, го критикува фактот дека во лекувањето сега наместо медицинските, во преден план се економските аспекти.

„Политиката во последните 20 години доведе до тоа медицината да работи економски.“

Министерот сака малку да го реформира системот кој самиот го предложи

Со својата долгонајавувана реформа, министерот за здравство Карл Лаутербах (СПД) сака да го промени тоа барем делумно. Според предлогот на Лаутербах, болниците веќе не треба да се финансираат исклучиво од споменатите паушали. Во исто време, Лаутербах лично беше еден од оние кои имаа идеја да го воведат овој систем во Германија, по примерот на САД и на Австралија.

Смртта како табу тема и проблем со волјата на пациентот

Но, профитот не е единствениот проблем што доведува до прекумерно, односно непотребно лекување на крајот од животот.

Смртта е табу и во германското општество. Поради оваа причина, само мал број луѓе имаат тестамент, а уште помал број ја изразуваат својата волја како иден пациент на крајот од животот. Во Германија, од 2009 година, почитувањето на волјата на пациентот е обврзувачка за медицинскиот персонал, но само десет проценти од населението има таков документ.

Законот го дефинира тестаментот на пациентот (Patientenverfügung) како однапред донесена писмена одлука на полнолетно лице за тоа дали се согласува на одредени медицински прегледи, терапии или интервенции - во случај да не може да донесе таква одлука во моментот кога прашањето е конкретно поставено .

Проблемот е и тоа што покрај писмената волја на пациентот има многу простор за толкување, а тоа често предизвикува несигурност кај лекарите. И тогаш, по правило, почесто го продолжуваат непотребниот и скап третман отколку што го прекинуваат.

Ниту еден лекар не е осуден за пружање живот

Тешко е да се контролираат лекарите и речиси е невозможно роднините да докажат дека третманот на кој тие инсистираат е претеран или непотребен.

Освен тоа, прекумерното, односно најчесто непотребното и несакано лекување на крајот на животот е тешко да се дефинира од правна гледна точка. „Сè уште ниту еден лекар не е осуден за продолжување на животот“, вели адвокатката од Минхен, Тања Унгер.

Специјалистот за интензивна медицина, Уве Јансенс, повикува етичките комисии да станат задолжителни во сите болници и редовно да советуваат за целите на терапијата за сериозно болните пациенти, за да помогнат да се најдат одговори на прашањата како што се: Дали пациентот сè уште сака лекување, дали треба да се продолжи или да се премине на палијативен третман, односно само ублажување на симптомите и болката?

Околу половина од луѓето во Германија го поминуваат крајот на својот живот во болница или во друга здравствена установа, иако повеќето би сакале да умрат дома.

Со оглед на напредокот во медицината и сѐ постарото население - овој проблем само ќе станува поголем.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми