1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

БСВ на Сара Вагенкнехт на брзата лента, Левица во ќорсокак

3 септември 2024

Сојузот Сара Вагенкнехт сака да учествува во власта во покраините Саксонија и Тирингија. Под услови кои потенцијалните коалициски партии ги отфрлаат. Дали се можни поместувања?

Сара Вагенкнехт
БСВ на Сара Вагенкнехт стана фактор на моќФотографија: Christoph Soeder/dpa/picture alliance

„Станавме фактор на моќ во Германија“, изјави Сара Вагенкнехт на првата прес-конференција по покраинските избори во Саксонија и Тирингија. Во двете сојузни покраини, Сојузот Сара Вагенкнехт (БСВ), кој беше основан неодамна, во јануари 2024 година, стана третата најсилна сила. Со цел да се формираат влади без Алтернатива за Германија (АфД), новата партија би можела да биде важниот тег на вагата.

„Народот, а и јас го почувствував тоа за време на изборната кампања, имаат големи надежи во нас“, нагласува Вагенкнехт. Успехот на БСВ е исто така израз на  расположението во Германија.  Ова исто така е поврзано со тоа колку малку луѓе сè уште можат да им веруваат на етаблираните партии и колкумина се чувствуваат политички изневерени. Од гледна точка на Вагенкнехт,  корист од ова имаше и АфД, која Службата за заштита на уставот во Саксонија и Тирингија ја класифицира како „докажано десничарски екстремистички случај".

Тема на изборната кампања на БСВ: Војна и мир

И тогаш поранешната левичарска политичарка почна зборува за тема што одигра една од најважните улоги во изборната кампања на БСВ: војна и мир. На постери беше формулиран како алтернатива:  „Војна или мир“.  Алузија на руската војна против Украина,  во која Германија ја поддржува нападнатата земја со оружје. Партијата Вагенкнехт сака да го промени тоа.

Проблемот: Не се  покраинските влади во Саксонија или Тирингија  тие кои одлучуваат за испорака на оружје или за стационирање на нови ракети со среден дострел во Германија, што БСВ исто така ги отфрли, туку сојузната влада и Бундестагот во Берлин. Како и да е, Вагенкнехт вели: „Луѓето очекуваат владите на покраините да го одразат нивниот став, нивното мнозинско мислење, и на оваа точка“.    

     

Сара Вагенкнехт (десно) со активистката за женски права Алис Шварцер во февруари 2023 во Берлин организираше манифестација за мирФотографија: Monika Skolimowska/dpa/picture alliance

Вагенкнехт повикува на дипломатски иницијативи за мир

Истражувањата на јавното мислење се јасни по ова прашање: „Половина од луѓето во Германија се плашат да не бидат вовлечени во голема војна, а на исток дури и мнозинството“, нагласува Вагенкнехт. Според тоа, покраинската влада со учество на БСВ ќе мора јасно да се позиционира во нивните интереси. Според нејзиното разбирање, ова вклучува и повеќе дипломатски иницијативи од сојузната влада. „И секако очекуваме еден премиер кој јавно ќе го искаже ова."

Водечките кандидати на БСВ, Сабине Цимерман (Саксонија) и Катја Волф (Тирингија), кои исто така порано беа во партијата Левица, се изјаснуваат во иста насока: „Сара Вагенкнехт секако ќе биде тесно вклучена за прашањето за војната и мирот и за сè што се однесува на сојузни прашања кои се одразуваат и на покраинско ниво“, вели Волф.

Шефот на владата на ЦДУ во Саксонија отворен за разговори со БСВ

Цимерман објаснува дека се подготвени да преземат одговорност за својата покраина. „Но, ако ЦДУ и СПД суштински не ја променат својата политика, ние нема да учествуваме ниту овде во владина коалиција. Актуелниот премиер на Саксонија, Михаел Кречмер (ЦДУ) не исклучува сојуз со БСВ: „Не го сакав тоа, но морам да ја имам предвид реалноста“, рече тој на „Дојчландфунк“.

Со цел да се надминат спротивставените ставови за испораката на оружје за Украина и стационирањето на американски проектили, политикологот Антониос Сорис од Слободниот универзитет во Берлин (ФУ) може да замисли компромис: во форма на декларација за намери во коалицискиот договор дека покраината ќе се залага за мир или нешто слично.

Помеѓу сојузната и покраинската политика

Необврзувачка декларација од ваков вид можеби би можела да биде соопштена до сите инволвирани страни и нивниот електорат. „ЦДУ имаше прилика да научи да не се меша премногу во покраинските прашања како сојузна партија“, вели Сорис во интервју за ДВ. Од друга страна, Вагенкнехт сака да има важен збор во можните коалициски преговори. „И прашањето е како ЦДУ ќе реагира на ова, бидејќи тоа е она што на крајот е важно“, нагласува експертот.

По покраинските избори,  ситуацијата во Тирингија е уште посложена, таму има малцинска влада предводена од Левица од 2019 година. Таа сега загуби на изборите и ЦДУ би можел да го именува идниот премиер. Теоретски би била можна коалиција со БСВ и Левицата. Проблемот: ЦДУ отфрли какви било коалиции со АфД и Левица на нејзината сојузна партиска конференција во 2018 година.

Главните кандидатки на БСВ во Тирингија - Катја Волф (десно) и Саксонија - Сабине Цимерман Фотографија: Bernd Elmenthaler/IMAGO

Главната кандидатка на БСВ во Тирингија сака да ја вклучи Левица

Сојузниот претседател на ЦДУ, Фридрих Мерц, сака да се придржи на оваа одлука. Сепак, главнната кандидатка на БСВ во Тирингија, Катја Волф, се надева дека покраинската ЦДУ ќе биде пофлексибилна по ова прашање: „Ќе се обидеме да водиме разговори за нова политичка култура во Тирингија токму во овој пункт“, најави таа.

Алијансата Сара Вагенкнехт е самоуверена во секој поглед. „Никој не може да нѐ заобиколи“, смета главната кандидатка на партијата во Саксонија, Сабине Цимерман. Политичкиот експерт Антониос Сорис, исто така, високо го оценува потенцијалот на новата партија. Тој смета дека времето на основањето на БСВ и првото учество на покраинските избори на Исток се стратешки успешни - исто така со поглед кон сојузните избори во 2025 година: „Привлечноста на новото сè уште ќе постои“.

БСВ: мали тимови, големо влијание

Сорис смета дека фокусот на Сара Вагенкнехт е „неверојатно паметен“. Дури и со мали тимови како кај БСВ, можни се добри изборни кампањи во ерата на социјалните медиуми. Партијата освен тоа има и водечки кандидати во Саксонија и Тирингија кои навистина дадоа сѐ од себе во кампањата. БСВ, и покрај помалку развиените партиски структури, беше во можност да врши класична изборна кампања. Често токму во средината беше Сара Вагенкнехт.

А што ќе се случи сега со Левица, во која трите успешни жени од БСВ беа политички активни долги години? Сорис е скептичен: тоа ќе зависи од следните неколку месеци. Тој верува дека е можно другите да го сменат кампот со префрлање од Левица во БСВ. „Веројатно ќе има знаци на распаѓање“, претпоставува берлинскиот политиколог.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми