Германија: Добредојде за стручњаци во Бохум
13 септември 2025
Според истражувањата на Институтот за економија (IW), во Германија веќе недостасуваат над 530.000 квалификувани работници. Институтот прогнозира дека до 2030 година тој број може да порасне дури на пет милиони.
И во градот Бохум, во Рурската област, уверени се дека е потребно да се привлечат работници и стручњаци од странство за да се запре демографски условеното иселување на работната сила. Пред две години градот, во соработка со Агенцијата за вработување, дојде до обесхрабрувачки податоци.
„Во наредните десет години, над 30.000 вработени во Бохум ќе ја достигнат просечната старосна граница за пензија и со тоа ќе го напуштат пазарот на труд“, вели за ДВ Доминик Клуба од кабинетот на градоначалникот.
По таа анализа, повеќе институции се здружија во заедничка акција со цел – не само да најдат квалификувани странски работници, туку и по нивното доаѓањеда ги мотивираат да останат во Бохум. За таа задача партнерите ја основале т.н. „Welcome-Office“ – канцеларија за добредојде.
Брзо станало јасно дека за сеопфатна поддршка – од признавање на стручните квалификации до пронаоѓање стан – се потребни повеќе партнери за соработка. Не било потребно долго убедување – договорот бил постигнат за една година.
Во проектот се вклучени градот Бохум, Стопанската комора на Среден Рур, Агенцијата за вработување, Занаетчиската комора Дортмунд и Универзитетот Рур, објаснува Клуба, кој ја води канцеларијата за добредојде.
Од курс по јазик до барање стан
Меѓу задачите на канцеларијата за добредојде е и поддршка на претпријатијата кои самостојно регрутираат стручњаци од странство.
„Кога претпријатијата велат дека стручњак доаѓа за два-три месеци во Бохум, тие нè контактираат однапред. Тогаш веќе се поставуваат прашања како барање стан или евентуална грижа за деца“, вели Клуба. Веќе тогаш може да се делува како мост помеѓу двете страни.
Клуба и неговиот тим соработуваат со градските канцеларии за семејство, граѓани и странци, како и директно со Универзитетот Рур и станбени компании.
За да помине доаѓањето во градот што побезболно, е отворено работно место со полно работно време: Франк Чучарак е советник за признавање квалификации, кој од име на Стопанската комора се грижи квалификациите стекнати во странство брзо да бидат признати. Странците тешко би се снашле сами во германската бирократија, вели Чучарак за ДВ.
„Имаме готвачка од Полска, но и стоматолог од Венецуела. И во зависност од тоа со какви квалификации доаѓаат луѓето, постојат многу различни институции кои се надлежни за признавање“.
Бидејќи без признавање на дипломите, е блокиран и пристапот до пазарот на трудот.
И работодавачите бараат совет
Во Бохум досега се одржани над 400 советодавни разговори. Агенцијата за вработување помага и на работодавачите кои бараат работници од странство.
Новиот закон за доселување на стручна работна сила нуди многу можности, но неговата примена не е баш едноставна, вели Габриел Бранденберг од Агенцијата за вработување во Бохум.
Во моментот има голема побарувачка за физиотерапевти. Амбулантите кои бараат такви стручњаци можат директно да се обратат до централната служба за вработување странци при Сојузната агенција и да започнат директна селекција.
„На работодавачите можеме брзо да им предложиме кандидати, да стапиме во контакт со нив и заедно да ја спроведеме селекцијата,“ вели Бранденберг.
Цел: да се мотивираат луѓето да останат
Сите партнери под еден покрив – тоа веднаш ја уверило Лара Стринберг. Таа работи во Diakonie Rur, хуманитарна организација на евангелистичката црква која нуди помош на стари, болни, деца, млади и бегалци.
Стринберг е задолжена за грижата за странски работници кои се обучуваат во областа на работа со стари и болни. „Тука имам можност сите луѓе уште првиот ден да ги доведам во Канцеларијата за дообредојде. Сè се завршува одеднаш. Ретко има потреба од повеќе термини“.
Diakonie на секои шест месеци доведува 40 нови работници од странство.
„На стручната обука имаме повеќе луѓе од Индија, Турција, Мароко, Тунис, Виетнам, Кина. Без нив повеќе не оди. Гледајќи во иднината, мора да се каже: ние зависиме од нив“.
Тоа не важи само за областа на медицинската нега. Во универзитетски град како Бохум, важно е и да се мотивираат странските дипломци да останат, нагласува Клуба.
„Не сакаме само да привлечеме стручњаци од странство, туку и оние кои веќе се тука и кои студирале во Германија“.
Целта е луѓето тука да пуштат корени, во новата татковина – и можеби, по поднесување барање за германско државјанство, да останат засекогаш. Тоа, според портпаролот на градот Бохум, Томас Шпренгер, „е токму она на што се надеваме. Тоа би нè израдувало многу“.