1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Кога ни две работни места не се доволни за живот

Катрин Вегнер
31 мај 2023

Во САД тоа уште одамна е честа појава, а во Германија до скоро беше реткост. Но, веќе сега повеќе од 3,5 милиони луѓе работат на неколку работни места, а често ни тоа не е доволно за пристоен живот.

Германија работа
Повеќе работни места истовремено за да се врзе крај со крајФотографија: picture-alliance/SvenSimon/F. Hörmann

Повеќе од 3,5 милиони луѓе во Германија имаат повеќе од едно работно место, бројот е повеќе од удвоен во последните 20 години. Германија ќе стане земја на ниски плати, предупредува главниот секретар на синдикатите Верди, Филип Шуман:

„Со дванаесет евра гарантирана саатнина и работна недела од 42 часа, можете да заработите нешто помалку од 2200 евра бруто. Тоа се околу 60 проценти од просечниот приход во Германија и не е доволно за живот.“

Во Германија платата обично се изразува во бруто износ, а тоа знае да биде непријатно изненадување за странците кои доаѓаат да работат тука. Зашто, од тој износ се одбиваат разни придонеси, на пример за пензиско и здравствено осигурување, црковен данок и данок на приход, а тој пак зависи од многу фактори, како што е брачната состојба и бројот на деца. Сѐ на сѐ, од 2200 евра бруто, на сметка може да „легнат“ околу 1500 евра.

Инфлацијата изеде сѐ

Шуман смета дека минималната саатнина би требало да биде 17 до 18 евра, во спротивно и во Германија се заканува „ситуација како во САД“, каде луѓето често мора да работат на повеќе работни места. Наутро разнесуваат весници, преку ден работат во курирска служба, попладне во книжарница, а навечер како келнери...Фактот што германската влада воопшто ја зголеми минималната саатнина на 12 евра во октомври ланската година беше голем чекор, но инфлацијата и поскапувањата „изедоа“ речиси сѐ што се постигна со таа политичка одлука. И официјално, во Германија речиси 17 проценти од населението, односно повеќе од 14 милиони граѓани, се погодени од сиромаштија, а таа бројка поради инфлацијата и натаму расте.

Мама, тато и четири деца

Конкретен пример е шестчлено семејство од Велцер. Таткото е машински техничар во редовен работен однос, работи во три смени. Мајката Аника работела со скратено работно време како помошник во настава во тамошното училиште, но тоа не било доволно. Кога сѐ стана поскапо за преку 20 проценти, на крајот на месецот на семејството им недостигале околу 700 евра.

Сега освен во училиште, Аника работи и во една детска градинка, а потоа и како продавачка во пекарница. За слободен викенд таа веќе не знае.

„Толку многу работни места истовремено е апсолутно оптоварување и тотално исцрпувачко. Единствено уште сме во состојба да размислуваме како да ги организираме нашите работи, да ги згрижиме четирите деца и да ги ускладиме сите други термини“, се жали Аника. Во училиштето таа прима 15 евра на час, но за да биде доволно за живот, би биле потребни двојно повеќе.

Служба за итна медицинска помош во Германија Фотографија: imago images/Political-Moments

Погодени се сите професии

Во меѓувреме се погодени сите професии. Олаф Карг (53) студирал социјално право и до крајот на минатата година работел како посредник во договарање станбени кредити. Но, поради нараснатите камати, работата со кредитите практично запрела, па сега работи сѐ и сешто: како тонски техничар на конференции, како ди-џеј, како асистент во итна помош.

„Со само една работа, би ми недостигале барем 1000 евра месечно“, вели тој. Себе си не може да си дозволи да обие понуда за работа, зашто би можеле да го заборават кога следниот пат ќе искрсне некоја „тезга“.

„По седум часа како тонец се враќам дома и потоа одам на дежурство во итна помош, па така често имам работно време од 14 или 15 часа дневно“.

А и тоа му е едвај доволно. Единствено што е константно е неизвесноста и прашањето како да заработи доволно пари, непрекинатиот стрес и планирање на преполното работно време. Со поскапувањата и со дневниците кои ги прима, не знае дали некогаш ќе излезе од оваа ситуација.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми