1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Една милијарда евра повеќе за бегалците

Улрике Кваст
11 мај 2023

Духовите донекаде се смирија, но спорот не е завршен: германските сојузни покраини оваа година ќе добијат од сојузната влада во Берлин дополнително уште една милијарда евра за згрижување на бегалци и мигранти.

Штефан Вајл, канцеларот Олаф Шолц и Хендрик Вист Германија
Штефан Вајл, канцеларот Олаф Шолц и Хендрик ВистФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Германската сојузна влада излезе во пресрет на барањата на покраините за поголема финансиска поддршка во згрижување на бегалци и мигранти. Но, само делумно. Оваа година паушалниот износ кој владата во Белград го става на располагање на покраините ќе биде зголемен за една милијарда евра, објави синоќа германскиот канцелар Олаф Шолц, по цели шест часа преговори со лидерите на германските покраини.

Со тие пари покраините требада им помогнат на општините во трошоците за згрижување бегалци, но и за дигитализација на базата на податоци на службата за странци. Сојузната влада веќе претходно им одобри на покраините поддршка во износ од 2,75 милијарди евра, од кои 1,5 милијарди се за бегалците од Украина, а остатокот за останатите пристигнати мигранти во Германија.

Она што покраините не успеаја да го добијат од сојузната влада е паричната поддршка автоматски да се смета според бројот на бегалци и мигранти дојдени во некоја покраина. Одложена и е спогодбата за тоа сојузната влада во многу поголема мерка да учествува во згрижувањето.

Кои бројки се точни и колку пари се потребни, тоа би требало да утврдат работни групи, но уште на синоќешниот состанок е договорено тоа да биде што поскоро за конечната спогодба да се постигне уште на состанокот во ноември.

Во Берлин никнува нова контејнерска населба за бегалциФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

„Вистинско вреднување“

Премиерите на германските покраини сепак се задоволни од резултатите на состанокот. Претседателот на Конференцијата на сојузни покраини, премиерот на Долна Саксонија, Штефан Вајл е задоволен што духовите се смириле, а дека дополнителната една милијарда евра треба „чесно да се вреднува“ смета и премиерот на Северна Рајна Вестфалија, Хендрик Вист. Тој сепак инсистира владата во Берлин да преземе одговорност и да се ориентира на случувањата во миграцијата, а нагласува и дека сојузната поддршка не може да биде „крут механизам“, туку „систем кој ќе може да дише.“

Во заклучоците од состанокот се наведува цела низа од мерки и најави во однос на што поскоро донесување на одлуки за азил и доследно протерување на лицата чие барање е одбиено. Германската влада меѓу другото вети скоро претставување на закон според кој Грузија и Молдавија ќе бидат ставени во категоријата сигурни земји на потекло. Канцеларот исто така вети мерката за ускратување на слободата на движење на лица кои чекаат прогон да биде зголемена од 10 на 28 дена.

Повторно доаѓаат многу мигранти

Сојузната влада исто така вети интензивно да работи на договор за мигрантите со земјите на потекло, кои побрзо би ги прифатиле нивните државјани на кои во Германија им е одбиено барањето за азил.

Бегалците од Украина се најголема група која во 2022 година дојде во Германија: околу еден милион. Но, тие не мора да поднесуваат апликација за азил. Меѓутоа, расте бројот на оние кои бегаат од други кризни подрачја и бараат азил во Германија. Во првите четири месеци германската Служба за странци примила речиси 102.000 барања за азил, 78 проценти повеќе од претходната година. Најмногу луѓе стигнуваат од Сирија, Авганистан и Турција. Сето ова ги доведува многу општини до самите граници на можностите за бегалците и мигрантите да ги згрижат на адекватен начин.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми